Македонија
Јаневска: Нова спортска сала за основците од Црешево
Министерката за образование и наука Весна Јаневска, заедно со премиерот Христијан Мицкоски и градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски, денеска го поставија камен-темелникот за изградба на новата спортска сала во основното училиште „Наум Охридски“ во Црешево.
„Учениците ќе добијат модерна и опремена сала, каде ќе можат да ги одржуваат часовите по физичко и здравствено воспитување, кои се многу повеќе од правење вежби и играње кошарка или фудбал за да се добие оценка. Физичката активност е многу важна за нивното здравје, но преку вежбите и спортувањето децата учат и важни животни вештини – како да работат тимски, стекнуваат дисциплина, се учат на издржливост и развиваат чувство за заедница. Некои од нив можат да постигнат и поголеми спортски резултати – впрочем сите славни спортисти почнале од некое основно училиште“, рече Јаневска.
Нагласувајќи дека Министерство за образование и наука во соработка со локалните самоуправи е насочено кон подобрување на инфраструктурните услови за одвивање на воспитно-образовниот процес, Јаневска посочи дека во текот на владиниот мандат, со повеќе буџетски средства за образование, планирана е изградба на нови 30тина училишни спортски сали во различни општини.
Изградбата на салата во Црешево ќе чини 34 милиони денари, а средствата се обезбедени преку јавниот повик на Владата за распределба на средства за општините.
„Нам ни се важни децата, младината и ќе направиме сѐ за да може секое дете да учи и да се развива, затоа што иднината им припаѓа ним“, потенцираше Јаневска, додавајќи дека со заеднички заложби, локалната и централната власт можат да ги подобрат условите во кои се одвива наставата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Аеродром и Шуто Оризари денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ке останат:
· од 09.00 до 11.00 часот корисниците, од булевар Јане Сандански бр. 30. (Општина Аеродром)
· од 09.00 до 11.00 часот дел од корисниците на ул. Индира Ганди. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар, Ѓавато и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат.
Намалена видливост до 100 метри поради магла има на планинскиот превој Плетвар, Ѓавато и Пресека, извести АМСМ.
Од 05:25 часот на патниот правец P1105 Удово-Валандово има излевање на Калковска Река на коловозот, се воведува забрана за сообракајот на тој патен правец и се пренасочува на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремен слаб дожд и ветер
Времето денеска ќе биде облачно со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Денеска наместа ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Потоа во следните два дена времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Нови врнежи од дожд, а на планините снег се очекуваат од четврток.

