Македонија
УЈП: Прием на нови 25 даночни обврзници кои преминуваат во дирекцијата за големи даночни обврзници
Денес, Управата за јавни приходи организираше настан за прием на нови 25 големи даночни обврзници, кои не припаѓале во групата на големи даночни обврзници и биле администрирани во другите Регионалните дирекции на УЈП.
Од 01.01.2025 година, овие обврзници преминуваат во надлежност на Дирекцијата за големи даночни обврзници (ДГДО) при Управата за јавни приходи, што значи дека ќе бидат под посебен и персонализиран третман, со поголема поддршка и управување со нивните даночни права и обврски а истовремено се и стимулација на економската стабилност.
На настанот свое обраќање пред претставниците на даночните обврзници имаше директорката на УЈП, Елена Петрова, која им честита на новите 25 даночни обврзници, истакнувајќи дека тие стануваат дел од ТОП 300 најголеми даночни обврзници во земјата. ДГДО низ годините управува со мал број големи даночни обврзници од 130 до 430, но тие придонесуваат со висок процент од вкупните даночни приходи (од 38% до 48%). Таа додаде дека преминот во ДГДО е само почеток на едно партнерство на доверба и професионализам, кон постигнување на највисоките стандарди на даночна усогласеност и успешното исполнување на даночните обврски.
„Персонализираниот однос со големите даночни обврзници вклучува не само директни контакти преку контакт лица, туку и редовни средби, состаноци и посети, како и внимателно следење на специфичните даночни ризици на секој обврзник. ДГДО ги следи сите фактори што можат да влијаат на даночната усогласеност, како што се инвестиции, трансакции со нерезиденти, трансакции со поврзани лица, како и активности во технолошко-индустриска развојна зона. Персонализацијата во односите со големите даночни обврзници како принцип овозможува ефикасност и ефективност на ресурсите на УЈП“, истакна Петрова.
Таквата соработка како што додаде Петрова, создава услови за подобро разбирање и соработка, што води до меѓусебна доверба и транспарентност помеѓу УЈП и даночните обврзници.
Меѓусебниот кредибилитет и задоволство се основни принципи кои влијаат на поддршката и поттикнувањето на доброволната даночна усогласеност. Преку ова партнерство, УЈП и големите даночни обврзници ќе продолжат заедно да градат стабилен и транспарентен даночен систем.
Управникот на Дирекцијата за големи даночни обврзници (ДГДО) Пепина Змејковска, на новите даночни обврзници им упати големо добре дојде со порака дека ДГДО е со широко отворени врати за максимална поддршка преку партнерството на цврста основа.
„Вашиот данок, платен на време, значи иднина за државата! Во насока и во согласност со Програмата за работа на Владата 2024-2028 година предвидени се повеќе реформи дигитализација на даночните процедури со цел искористување на ресурсите а со тоа и даноците да се плаќаат со што е можно помалку вложен труд. Дирекцијата со сите преземени мерки ќе ги зголеми приходите преку процесот на модернизација и оптимизација на системот за наплата, и на тој начин ќе постигнеме зајакнување на нашите интерни капацитети како даночен орган“, истакна Змејковска.
Големите даночни обврзници претставуваат основен столб во собирањето на даночните приходи во секоја земја. Нивното значење не произлегува само од големината на нивниот промет, туку и од нивната комплексност и специфичност, што ги прави особено важни за економија во земјава.
Со вклучувањето на новите даночни обврзници во ДГДО, Управата за јавни приходи продолжува да ја зајакнува својата стратегија за поефикасно и персонализирано управување со најголемите даночни обврзници со цел зајакнување на стабилноста и транспарентноста на даночниот систем во Република Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајка меѓу патничко возило и трактор на регионалниот пат Градско – Прилеп, сообраќајот пренасочен
Денеска околу 19:00 часот поради случена сообраќајна незгода помеѓу патнички автомобил и трактор, регионалниот пат Градско – Прилеп кај клучка Манастирец е пренасочен по регионален пат Р1107 кон Кавадарци, соопшти АМСМ.
Македонија
МВР: Шалтер за „Безбеден град“, граѓаните од утре ќе можат да ги променат контакт-податоците
Од Министерството за внатрешни работи известуваат дека граѓаните од утре (17.12.2025), на посебен шалтер во Одделот за граѓански работи, во зградата на МТВ (приземје) во Скопје, кој ќе работи секој работен ден во периодот од 08:00 до 17:00 часот ќе можат да поднесат барање за промена на контакт-податоците кои ги доставиле при регистрација на возилата, доколку има настаната промена или во случај да имаат добиено известување со неточни податоци.
„Истото, ќе може да се изврши и низ станиците за технички преглед на возила во државата каде што е распореден деташиран референт на МВР.
Исто така, граѓаните по електронска пошта на [email protected] ќе можат да достават писмена забелешка доколку имаат нејаснотии, прашања или проблеми поврзани со функционирањето и примената на системот „Безбеден град“, при што сите доставени забелешки ќе бидат евидентирани и разгледани согласно утврдените процедури, со цел унапредување на работењето и поефикасна комуникација со граѓаните“, соопшти МВР.
Македонија
Димитровски: Нов импулс за економска соработка со Шведска
Заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, денеска имаше поздравно обраќање на настанот во организација на Шведско-Македонската Стопанска Комора, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. На настанот се обрати и Ола Сулстром, Амбасадор на Кралството Шведска во нашата земја, со што беше потврдена заедничката определба за натамошно унапредување на билатералните односи.
Шведско-Македонската Стопанска Комора се воспоставува како силен институционален мост меѓу деловните заедници на двете земји и како јасна политичка порака за продлабочување на економското партнерство меѓу двете земји.
Во своето обраќање, заменик-министерот Димитровски истакна дека формирањето на Комората означува нова фаза во економските и деловните односи меѓу двете земји, со фокус на конкретни резултати, инвестиции и заеднички развој.
„Формирањето на Шведско-Македонската Стопанска Комора испраќа силна порака дека економската соработка меѓу нашите држави се издигнува на повисоко, постратешко ниво. Ова е практичен механизам за поврзување на бизнисите, за поттикнување инвестиции со додадена вредност, за иновации и трансфер на знаење, но и за градење доверба која е основа на секое сериозно економско партнерство,“ истакна Димитровски.
Македонско-шведските економски односи бележат стабилен и охрабрувачки развој, со јасен потенцијал за понатамошна експанзија. Зголемениот интерес од компаниите и инвеститорите од двете земји ја потврдува потребата од институционална платформа која ќе ги поврзе деловните заедници и ќе ја забрза реализацијата на заедничките економски проекти. Во тој контекст, Комората се позиционира како катализатор за зголемување на билатералната трговија и проширување на секторите на соработка, се истакнува во соопштението.
„Шведско-Македонската Стопанска Комора ќе делува како платформа за активна соработка меѓу приватниот и јавниот сектор, обезбедувајќи системска поддршка за компаниите, застапување на нивните интереси и создавање амбиент на доверба, транспарентност и институционална стабилност. Преку ваков пристап, Комората ќе придонесе кон развој на одржливи, долгорочни и взаемно корисни деловни партнерства.
„Со формирањето на Шведско-Македонската Стопанска Комора, испраќаме јасна порака дека ние сме подготвени за посилна економска соработка, за привлекување квалитетни инвестиции и за градење партнерства засновани на европски стандарди, доверба и заедничка визија за економски раст и развој”, заклучи Димитровски.

