Македонија
Тошковски: Нови моторни возила за дел од едниците на полицијата, ја опремуваме и модернизираме
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска во кругот на министерството официјално ги стави во функција дел од моторните возила набавени за потребите на организациските единици на МВР и БЈБ.
„Во насока на нашата посветеност да градиме вистински опремена, модерна и европска полиција која ќе има капацитет за борба со сите видови криминал и заштита на безбедноста на сите граѓани на Македонија денес имам можност да ги ставиме во употреба нови автомобили обезбедени за потребите на полициските сектори и единици. Се работи за автомобили од производителот Шкода набавени од страна на министерството на јавна набавка, во насока на обновување на возниот парк на министерството кој е во незавидна состојба и кој планираме во следната година да го реобновиме во најголем дел. Македонската полиција ќе биде гордост и носител на безбедноста на македонските граѓаните и се стремиме кон остварување на оваа цел. Продолжуваме во следната година со навистина амбициозни цели на градење нови полициски станици, нови униформи за најголем број полициски единици и модернизација во секој сегмент на работењето на полицијата“, потенцираше Тошковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Битиќи: Власта нанесува удар врз системот на транспарентно управување со буџетите
„Имаме тенденција на заобиколување на клучните институции кои треба да обезбедат независност и стручност во управувањето со јавните финансии. Оваа практика е дополнително зајакната со фактот дека предложените измени се носат без официјално мислење од Министерството за финансии – институцијата што е директно одговорна за дизајнирање, спроведување и надзор на фискалната политика,“ рече пратеникот од СДСМ, Фатмир Битиќи во однос на Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за буџети, за кој денес се расправаше на Комисијата за финансирање и буџет во Собранието.
Битиќи оцени дека изоставувањето на мислењето на министерството за финансии не е само административен пропуст, туку и отворено игнорирање на неговата стручна улога, што остава простор за импровизации и политички влијанија. Според него, ова го поткопува целиот процес на носење на измени во закон кој има системско значење.
„ Отсуството на мислење сугерира дека или предложените измени се политички наметнати без консултација со ресорното министерство, или дека министерката за финансии не го користи својот авторитет за да ја одбрани важноста на професионалниот пристап во оваа клучна реформа. Дали премолчувањето на игнорирањето на Министерството е показател дека министерката не се согласува со предложените измени, но е принудена да молчи? Или, пак, ова е сигнал дека овие измени се политички диктирани и не се базираат на стручни анализи?“, запраша пратеникот Битиќи.
Осврнувајќи се на бришењето на одредби од Законот буџети, во кои е прецизирано кои јавни субјекти се регистрираат, Битиќи појасни дека регистарот останува, но останува и недефинирана обврската за тоа кој „активно се ажурира“.
„Ова претставува чекор наназад во однос на транспарентноста. Овој регистар беше основна алатка за јавноста и институциите да ги следат активностите на буџетските корисници и јавните претпријатија. Се отвора простор за прикривање и недоследности, што директно го удира кредибилитетот на јавните институции“, рече Битиќи.
Зборувајќи за укинувањето на одредбите кои ја регулираат формата и содржината на извештаите за извршување на буџетот, како и на полугодишните извештаи за извршување на буџетот на државата и општините, Битиќи истакна дека ова станува збор за удар врз доследноста во известувањето.
„Кога ќе се отстрани обврската Министерството за финансии да пропишува унифицирана форма и содржина на извештаите, се отвора простор за непотполни, селективни и неусогласени податоци. Овие извештаи се клучни за јавниот увид во трошењето на средствата и за контролата од страна на институциите и граѓаните. Со ваквите измени, директно се намалува можноста за транспарентна контрола на јавните финансии, што претставува длабоко загрижувачки чекор наназад за демократската отчетност и довербата во јавните институции“, рече Битиќи.
Македонија
Седумте лица заглавени во Лазарополе денеска беа извлечени
Седумте лица заглавени во Лазарополе од вчера, денеска во 13:15 часот, беа извлечени и истите се упатени кон своите домови.
Со силни напори вработените од ЈП за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта од вчера работеа за отворање на патот со тешка механизација со два багери (снегофрлачи) и камион, а двајца вработени на ЈП за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта се здобиле со повреди, известуваат од ЦУК.
Од таму апелираат до сите граѓани да не патуваат во тој дел бидејќи ситуацијата е критична и денеска се уште врне обилен снег.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Фактите и бројките говорат спротивно од СДС, за 6 месеци досега се исплатени над 4,3 милијарди денари кон земјоделците
Фактите и бројките говорат спротивно од празното соопштение на СДС. Во време на СДС доцнеа субвенциите, а родот завршуваше на буниште. Празните џебови не ги забораваат земјоделците, затоа и ги казнија, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„Но, затоа откако Владата ја предводи ВМРО-ДПМНЕ за период од овие 6 месеци се исплатија сите заостанати обврски од претходните години во висина од над 2,5 милијарди денари. За изминатите два дена се исплатени над 1,7 милијарда денари кон 78.000 македонски земјоделци за тековната 2024 година. Вкупно за 6 месеци од кога е формирана Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ исплатени се над 4,3 милијарди денари кон македонските земјоделци“, потенцираат од партијата и додаваат:
„Политичките флоскули на СДС земјоделците ги прочитаа многу одамна. ВМРО-ДПМНЕ се грижи за земјоделците, се што се вети веќе се исполнува“.