Македонија
СДСМ и ДУИ си ги делат криминалот и апчињата за заборавање, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Забележана е појавата на ширење на употребата на апчињата за заборавање од СДСМ и ДУИ. Очигледно, како што си го делеа криминалот, така си ги делат и лековите, велат од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.
Според нив, ДУИ и СДСМ продолжуваат со деструктивни соопштенија, кои се резултат на нивната паника и вознемиреност поради драматичното губење на довербата од граѓаните.
„Вчерашното соопштение од ДУИ не е ништо повеќе од очајнички обид да се дефокусира јавноста од вистинските проблеми – криминалите што ги оставија зад себе и нивната неспособност да обезбедат правна држава.
ДУИ нема право да зборува за правда кога токму нивните функционери 20 години ја злоупотребуваа власта за лично богатење. Нивниот страв е оправдан – времето на недопирливост заврши. Правдата ќе ги стигне сите кои мислеа дека можат вечно да владеат, уништувајќи ја државата и народот.
ДУИ треба да се соочи со фактот дека ја претвори Македонија во држава со селективна правда и нефункционални институции. Наместо да покажат одговорност за пустошот што го оставија, тие упорно се обидуваат да шират паника и конфузија.
За разлика од нив, ВМРО-ДПМНЕ е посветено на воспоставување ред и правда за сите граѓани – Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи и Бошњаци. Доста беше поделби и привилегирани граѓани од прв ред, додека остатокот беше оставен на маргините.
ДУИ треба да си одговори себеси – што направи за Албанците во Македонија во изминативе 20 години, освен што ги натера да се иселуваат?
Наместо да се занимаваат со конструктивни политики, тие продолжуваат со нападни и панични изјави кои го откриваат нивниот вистински страв – губењето на моќта и привилегиите.
Време е ДУИ и СДС да разберат дека граѓаните избраа промени, избраа правда и еднаквост. Наместо да произведуваат деструктивни реакции, им препорачуваме конечно да се вразумат, да се реформираат и да почнат да работат во интерес на државата.
Премиерот Мицкоски е фокусиран на реформи, на економски развој и на владеење на правото, а не на манипулативните конструкции на ДУИ и СДС.
Македонија оди напред, без корупција, без привилегирани елити и без политичари кои мислат дека се недопирливи. Времето на ДУИ и СДС заврши – времето на ред, правда и развој штотуку започна“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: Јавното обвинителство се обиде да ја релативизира одговорноста на актуелните функционери

Според СДСМ, со денешната прес-конференција, Јавното обвинителство уште еднаш потврдило дека постои сериозен обид да се минимизира и релативизира одговорноста на носителите на актуелни функции и институции поврзани со трагедијата во Кочани.
Од опозициската партија велат дека наместо да се лоцира институционалната одговорност и да се повикаат на одговорност директорите на Државниот пазарен инспекторат, УЈП и други релевантни органи кои имаа обврска да постапуваат, фокусот се префрла на индивидуални случаи и на маргинални групи, избегнувајќи ја суштината – зошто и како фирма увезувала и со месеци продавала опасна пиротехника без дозвола, и кој тоа го дозволил.
Дополнително, како што се додава, наместо да се отворат посебни истраги за секој аспект од случајот – за незаконскиот увоз, за институционалниот надзор, за реакцијата на полицијата и за конкретните пропусти на диското, Обвинителството сѐ спакува во еден предмет, со што ризикува да се развлекува постапката со години, па дури и децении. Со ваков пристап, правдата станува недостижна – а тоа е неприфатливо.
„Сериозно прашање е и одлуката приведените полицајци и полициски функционери, кои биле одговорни кобната вечер, да се пуштат на слобода со мерки за претпазливост. Особено загрижува фактот дека двајца од нив биле пресретнати на пат кон граница со Бугарија, што отвора сомнеж за можно бегство и криење на вината.
СДСМ уште еднаш потенцира – без целосна и непристрасна истрага, без одговорност за институциите и носителите на функции кои затаиле, нема да има вистинска правда за жртвите и нивните семејства.
Граѓаните гледаат. И со право очекуваат правда“, се додава во партиското соопштение.
Македонија
(Видео) Во Гази Баба се гради огромна дива депонија без никакви дозволи, објави Арсовска

Во општина Гази Баба, фирма затекната од инспекторат на град Скопје при вршење нелегални активности, правење огромна дива депонија со градежен и опасен отпад и бесправна експлоатација на земјиште, без лиценци, елаборати, дозволи и одобренија, што претставува сериозна опасност по здравјето на граѓаните и животната средина, објави градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
„Апелираме до Министерството за внатрешни работи да постапи, бидејќи неказнивоста и непостапувањето предизвикува сторителите на вакви дела да мислат дека се недопирливи пред законот. Фирмата која прави дива депонија и каде се експлоатира, го има поткопано 110kV кабловски и воздушен далновод кој го напојува со електрична енергија градот Скопје. На ова земјиште сопственост на Република Македонија се прави сериозна штета на главниот далновод, известени се сите надлежни институции за кои очекуваме да не се кријат и да постапуваат“, вели Арсовска.
Македонија
Кривични пријави против двајца угостители од Берово и од Пехчево за бесправно градење

Полицијата поднесе кривични пријави против правно лице – угостителски објект од Пехчево и против С. П. (43) од Пехчево и против правно лице – угостителски објект од Берово и В. К. (32) од Берово поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела бесправно градење.
Пријавениот С.П., сопственик и управител на правното лице од Пехчево, на катастарска парцела во Пехчево во државна соспственост, без одобрение за градење издадено од надлежен орган, изградил тврд објект во кој што е сместен угостителскиот објект и вршел угостителска дејност.
Пријавениот В.К., сопственик и управител на правното лице од Берово, на катастарска парцела, сопственост на Т.К. и М.К., на земјоделско земјиште, надвор од урбанистички план за град Берово, бесправно изградил тврд објект во кој што е сместен угостителскиот објект во кој вршел угостителска дејност.