Македонија
(Видео) Филипче: Економските политики на Мицкоски се политики за елитата, тој лично дозволи трговците да печалат на маката на луѓето
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по повод шест месеци од Владата на ВМРО-ДПМНЕ, одржа прес-конференција, на која алармира за катастрофалните економски политики што резултираа со огромна економска несигурност и слабеење на стандардот на граѓаните.
„По шест месеци, едно е сигурно, се чувствува голема економска несигурност и слабеење на стандардот на граѓаните. Сметките растат, цените растат, а Владата со лажни кошнички и измами се обидува да ги излаже луѓето дека со нешто им помага. Реалноста е сосема друга од онаа што ни ја презентира Мицкоски, а граѓаните тоа најдобро го знаат кога ги отвораат паричниците. За жал, оваа Нова година тие ќе ја пречекаат многу поскромно и понесигурно“, истакна Филипче.
Владата на Мицкоским наместо да се грижи за граѓаните, се води од интересите на економската елита.
„Економските политики на Мицкоски се политики за елитата. 99 % од граѓаните плаќаат за 1 % од елитата на Мицкоски. Оваа потчинетост и слугување на своите бизнис-партнери и на трговците е поразителна“, рече Филипче.
Дополнително, начинот на кој Владата се справува со покачувањето на цените и профитерството на трговците е доказ за неспособност и целосна незаинтересираност за благосостојбата на народот.
„Мицкоски лично дозволи трговците да печалат на маката на луѓето. Го слушам вчера, вели срамота било она што го правеле трговците. Тој го договори токму ова со нив, тој им дозволи со недели да ги качуваат цените и молчеше додека сите ние алармиравме. Мицкоски лично рече дека со апели, а без казни, ќе убедуваат трговците да го почитуваат договореното. Доцна е. Мицкоски ја префрла вината за овој дебакл и за грабежот на трговците и да глуми загрижен политичар. На оваа тема веќе никој не му верува“, истакна Филипче.
СДСМ останува на страната на граѓаните борејќи се против политиките што носат само пад на стандардот и зголемување на економската несигурност. Ги повикуваме граѓаните да ја препознаат вистината и да се спротивстават на погубните политики на оваа Влада, велат од оваа партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Во текот на декември подигнати 𝟣𝟥 𝟢𝟢𝟢 тони комунален отпад во Скопје
Во текот на месецот декември 2025 година, ЈП Комунална хигиена-Скопје подигна и транспортираше вкупно 13 000 тони комунален отпад од кантите во индивидуалните домувања и контејнерите поставени на јавни површини на територијата на градот Скопје, известуваат од ЈП Комунална хигиена-Скопје.

„Воедно, екипите на Претпријатието отстранија и 2200 кубни метри претежно кабаст и градежен отпад од диви депонии лоцирани во сите скопски општини.

Во текот на последниот месец од минатата година, Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје реализираше голем број едукативни разговори со претставници на стопанските субјекти, како и со лица коишто биле затекнати при неправилно одлагање на отпад, при што се изготвени 225 записници.

Најголем број на записници – вкупно 85 – се врачени во скопската општина Kарпош“, се додава во соопштението на ЈП Комунална хигиена-Скопје.
Македонија
РСБСП Апелира: Возете внимателно и одговорно во зимски услови!
Според прогнозите во наредните денови се најавени снежни врнежи и значителен пад на температурите, РСБСП потсетува на потребата од внимателно и одговорно управување со моторните возила, како и задолжително правилно користење на зимска опрема. Пред поаѓање на пат, неопходно е возилото соодветно да се подготви за управување во зимски услови.
„Направете проверка на возилото која вообичаено опфаќа: проверка антифриз, нивото на гориво, состојба на бришачите и течноста за ветробранското стакло, состојбата на акумулаторот и состојбата и притисокот на пневматиците“.
РСБСП апелира возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и поставената сообраќајна сигнализација, навреме да се информираат за состојбата на патиштата и нивната проодност, да ја прилагодат брзината на движење според условите и состојбата на патот, да одржуваат безбедно растојание меѓу возилата – со цел зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Истражувањата покажуваат дека неповолните временски услови бараат од возачот поголемо внимание за време на управување со возилото.
Затоа, РСБСП упатува јасен апел: Само со одговорно однесување во сообраќајот сите заедно можеме да придонесеме за побезбеден сообраќај на патиштата – секој живот е важен.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот дожд и снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во северозападните делови ќе има повремени врнежи од дожд, на планините од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -9 до -2, а максималната ќе достигне од 3 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 4 степени.
Времето во наредните денови
Во сабота ќе има локални врнежи, на планините и на повисоките места од снег, а во пониските од дожд и снег. Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови, а висината на снежната покривка дополнително ќе се зголеми.
Во недела и понеделник ќе дува умерен до засилен северен ветер (над 60 km/h) и ќе има повремени локални врнежи од снег. Температурата ќе биде во опаѓање, а наместа дневната ќе остане под нула степени. Од вторник следува период на стабилно и суво време.

