Македонија
Герасимовски: По педесет години, целосно се реконструира салата „Работнички“

Општина Центар започна со целосна реконструкција на салата „Работнички”, која со децении беше во катастрофална состојба – запуштена, оштетена и без основни услови за тренинзи и натпревари, соопшти општина Центар.
„Со оваа реконструкција го враќаме достоинството на овој спортски симбол на нашата општина, дом на македонската кошарка. Многу мои претходници ветуваа решенија и проекти на хартија, но без реализација. Откако годинава ја добивме надлежноста врз објектот, веднаш почнавме со работа. Реконструираниот простор целосно ќе ги исполнува ФИБА стандардите, а КК ,,Работнички” ќе добие современа сала за тренинзи и натпревари, што ќе овозможи враќање на клубот на европската кошаркарска сцена”, изјави градоначалникот Горан Герасимовски на прес конференцијата.
Нагласи дека активностите на терен веќе во полн ек. Се поставува нова фасада и кров, а првата фаза опфаќа целосна реконструкција на канцелариските простории каде беа сместени спортските федерации.
Втората фаза предвидува реконструкција на теренот, негово проширување, поставување нова еластична подлога според стандардите на ФИБА, реконструкција на гледалиштето со нови седишта, како и на соблекувалните и туш кабините, и поставување на климатизација и подно греење.
„Со оваа целосна реконструкција, салата ,,Работнички” ќе стане современа и енергетски ефикасна, целосно прилагодена за врвни спортски настани”, додаде Герасимовски.
Општина Центар, вложувајќи во спортската инфраструктура и притоа почитувајќи ги меѓународните стандарди, активно придонесува за унапредување на спортот во Македонија, истакнуваат од таму.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Почина Панчо Минов, поранешен пратеник и градоначалник на Кавадарци

На 67-годишна возраст денеска почина Панчо Минов, поранешен градоначалник на Кавадарци и поранешен пратеник во Собранието.
Панчо Минов беше дипломиран правник и политичка фигура со повеќедецениско искуство. Тој два пати беше избран за градоначалник на Општина Кавадарци – прво како кандидат на Либералната партија (2000–2005), а потоа како независен кандидат (2005–2009).
Минов имаше и пратеничка кариера, учествувајќи во повеќе состави на Собранието.
Првпат беше избран во првиот повеќепартиски состав (1990–1998), а подоцна повторно стана пратеник преку ГРОМ (2016–2020) и СДСМ (2020–2024).
Македонија
Уште колку луѓе треба да настрадаат за Панче Тошковски да почувствува одговорност, прашуваат од СДСМ

Министерот Панче Тошковски без око да му трепне јавно соопшти дека не чувствува никаква одговороност за колапсот на безбедносниот систем и фактот што на улиците се пука како да сме Див Запад, велат од СДСМ.
Според нив, последиците од партизацијата на полицијата и претоварењето во партиски сервис на ДПМНЕ скапо ги чини граѓаните.
„До кога мисли Тошковски да се криe зад политички реторики додека улиците стануваат небезбедни за граѓаните?
Не е само последното пукање во Куманово, непрекинатиот раст на вооружените и насилни инциденти во различни градови е сигнал за целосно системско потфрлање на безбедниот апарат, нема ниту превенција ниту соодветна реакција.
За тоа мора да има одговорност“, додаваат од оваа партија.
Македонија
Парични казни за три градинки и едно училиште по спроведени инспекциски контроли во кујните

Инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), во септември годинава спроведоа инспекциски контроли во училишните и кујните во градинките на територијата на цела држава. Спроведени беа 91 контрола во градинки и 23 вонредни надзори во училишта.
За утврдените недоследности, издадени се 9 решенија со наредби за нивно отстранување. Во две градинки, хигиената не била задоволителна во кујните, а една градинка немала спроведено задолжителен здравствен преглед на вработениот персонал во кујните. Парични казни изречени се за 3 градинки, и поради несоодветно чување, уништени се 24 килограми храна.
Од спроведените контроли во училиштата, незадоволителни услови констатирани се само во една училишна кујна. Отстапки во однос на добрата производствена и добра хигиенска пракса утврдени се во две кујни. Поради погрешно декларирање, уништени се 59 килограми храна.
Инспекциските служби на АХВ за утврдените недоследности со контролите во училишните кујни изрекле 1 парична казна и донеле 5 решенија со наредба за нивно отстранување.