Македонија
Срамно е да се фалите со туѓи мерки: СДСМ до Трипуновски
ВМРО ДПМЕ и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, уште еднаш покажаа тотоална безидејност кога е во прашање поддршката на земјоделството и земјоделците. Ноторна лага се информациите на Трипуновски дека оваа година е прва година кога се исплатиле субвенции за тековната програма за директните плаѓања, велат од СДСМ.
„Срамно е да се фалите со туѓи мерки, а уште посрамно е да лажете дека вие сте вовеле за прв пат ваква исплата.
Исто така не е точно дека се работи за исплата на заостанати субвенции, сите се од тековната прпграма за 2023 година и 2024 година.
Не ги потценувајте земјоделците, тие знаат кога за прв пат добиле исплата на субвенции од тековна програма во тековната година.
Трипуновски, ако не се сеќавате или ако не ве информирале службите, да ве потсетиме. Вчерашната исплата на субвенции е всушност продолжување на започнатиот процес од минатата година. Сакале или не, да признаете, тоа е дел од добрите мерки и систем на исплата воспоствен од Владата на СДСМ. Ова не е нов модел како што го презентирате. Исплатата на субвенциите што се реализираше вчера, е направена и минатата година за прв пат и тоа е новиот модел за авансна исплата на субвенции што го воведе СДСМ“, нагласуваат од партијата.
Потсетуваат дека измената на програмата за авансна исплата на субвенциите и зголемувањето на буџетот за субвенции започна пред три години.
„Минатата година за прв пат земјоделците добија авансна исплата на субвенциите во тековната година, за прв пат од 2005 година од кога се воведени субвенциите.
Годишната програма за исплата на субвенциите за 2024 година ја донесе Владата на СДСМ во јануари годинава. Само во сточарството кај млечните крави ја зголемивме субвенцијата за оваа година од 4.000 денари на 12.000 по грло. Ова е вистинска грижа за земјоделците и долгорочна стратегија за развој на земјоделството.
Вие Трипуновски, манипулирате, не се потрудивте да понудите ниту нова мерка, ниту зголемени субвенции. Доста им е на земјоделците од лаги и манипулации, потребни им се мерки и политики за да бидат профитабилни и конкурентни“, реагираат од СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Проштална средба на Гаши со американската амбасадорка Агелер
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Ангела Агелер.
На средбата, претседателот Гаши изрази благодарност за нејзината лична посветеност, професионален пристап и поддршка на демократските процеси во државата. Посебно беше нагласена нејзината улога во јакнењето на институционалната соработка, градењето доверба и унапредувањето на дијалогот со Собранието.
Претседателот Гаши упати благодарност и до Амбасадата на САД за континуираната и силна поддршка на Република Северна Македонија во зајакнувањето на демократските институции, владеењето на правото, стабилноста и евроатлантската ориентација на земјата. Во тој контекст, беше нагласена и благодарноста до Соединетите Американски Држави како стратешки партнер и сојузник.
Претседателот Гаши нагласи дека придонесот на амбасадорката Агелер и на САД оставил видлива и позитивна трага во развојот на демократските и современите процеси во државата. Тој, исто така, изрази уверување дека пријателските односи и соработката ќе продолжат и во иднина.
Македонија
Утре без вода дел од Центар
Утре без вода ќе останат дел од корисниците од Општина Центар.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 14.01.2026 година ( среда ) поради поврзување на водоводна и хидрантска мрежа за стариот објект на Комерцијална Банка на плоштад Пресвета Богородица бр. 3 од страна на фирмата Бауер БГ, во периодот од 08.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат објектите на МНТ, Музичкото Училиште, Министерството за Транспорт и Врски, како и Управата за издавање на матични книги“, информира РЦУК – Скопје.
Македонија
Отворена нова подрачна канцеларија на Агенцијата за катастар во Општина Ново Село
Агенцијата за катастар на недвижности отвори нова подрачна канцеларија во Општина Ново Село.
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, денес заедно со градоначалникот на Општина Ново Село официјално ја отворија новата подрачна канцеларија на Агенцијата.
Со отворањето на оваа канцеларија, повеќе од 10.000 жители на Општина Ново Село и околните населени места од денес ќе можат побрзо и поедноставно да ги остварат своите катастарски права и обврски, без потреба од патување до Струмица.
Директорот на Агенцијата, Иван Живковски, при посетата на новата канцеларија истакна дека ова е дел од поширокиот процес на реорганизација и системско приближување на институцијата до граѓаните, со цел обезбедување подостапни, поефикасни и поквалитетни услуги.

