Македонија
Во Битола доделени сертификати на десет асистенти за лица со попреченост

Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски и претседателката на општинската организација на Црвен Крст, Лилјана Ристевска, денес ги доделија сертификатите на 10 лични асистенти, кои успешно ја завршија обуката од 3 месеци, спроведена од Црвен крст, а финансирана со износ од 200.000 денари преку програмата за социјална заштита на Општина Битола за 2024.
Ангажирањето на асистентите е врз основа на договор на дело, а исплатата се врши во соработка со Министерството за социјална политика, демографија и млади.
Согласно Законот за социјална заштита, правото на лична асистенција е предвидено како услуга која им се обезбедува на лица со попреченост заради поддршка во секојдневниот живот и овозможување поголема независност, соопштија од општината.
„Личната асистенција се обезбедува, со цел да се овозможи независно и самостојно живеење, активно и рамноправно учество во заедницата, како и вршење секојдневни активности, кои лице без попреченост вообичаено ги извршува без поддршка.
Личната асистенција се обезбедува за лица од 6 до 65 годишна возраст кои имаат потешка и најтешка телесна попреченост или потполно слепи лица во траење до 80 часа месечно и опфаќа:
– вршење основни и инструментални активности од секојдневниот живот во домот на корисникот
– помош и поддршка на работно место, во образовна установа/ центар каде корисникот обавува активности на оспособување
– помош и поддршка во заедницата во која живее корисникот
Услугата ја даваат исклучиво лиценцирани лични асистенти, при што личен асистент не смее де биде лице кое е член на семејството на корисникот, односно лице кое живее во исто домаќинство со него. Лична асистенција не можат да користат лица кои имаат склучено договор за доживотна издршка.
Правото на личен асистент може да се оствари низ 3 фази, односно преку:
Апликација: Лицето поднесува барање до Центарот за социјална работа во општината каде живее.
Проценка: Се прави проценка на потребите од страна на стручни лица.
Доделување: Доколку се исполнуваат критериумите, се доделува личен асистент“, информираат од општината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Алиу: Очекувам објективни резултати од анализата на кардиолошките и кардиоваскуларните интервенции

Министерот за здравство, Азир Алиу, утрово одржа состанок со интерната комисија задолжена за изготвување прелиминарна анализа на кардиолошките и кардиоваскуларните интервенции во здравствените установи во државата.
На состанокот присуствуваа и заменик министерот, Јовица Андовски и директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски.
Комисијата е формирана со цел собирање, обработка и анализа на податоци, со посебен фокус на периодот од 2022 до 2025 година во приватните и јавните здравствени установи.
„Очекувам комисијата да испорача резултати, кои се објективни и произлегуваат од максимално професионално и независно спроведен процес. Резултатите од работата ќе бидат важни од аспект на реално утврдување на состојбите и поставување цврста основа за унапредување на менаџирањето во здравството“, порача пред членовите на комисијата министерот Азир Алиу.
Интерната комисија е составена од врвни екперти во областа, правници и економисти, меѓу кои д-р Васил Папестиев од Клиника за кардиохирургија, д-р Билјана Зафировска и д-р Иван Василев од Клиника за кардиологија, д-р Мишел Андонов и д-р Илир Вела од Клиника за торакална и васкуларна хирургија, д-р Ненси Лозанче од Клиничка болница Битола, д-р Валон Асани од Клиничка болница Тетово, д-р Никола Христов од Клиника „Жан Митрев“, д-р Жарко Христовски од „Аџибадем Систина“, како и претставници од ФЗОМ (д-р Ана Митевска и д-р Жаклина Крстевска), Стефанка Петковска, правник и претставници од Министерство за здравство (д-р Александар Митов, Стојанчо Стојковски и Бахар Љама).
Истовремено, Министерството за здравство испрати допис до јавните здравствени установи да достават податоци за вкупниот број извршени процедури и операции за периодот јануари 2022 – август 2025 година за извршени интервентни кардиолошки процедури, како што се коронарографии и стентирања, васкуларни ангиографии и кардиохируршки/васкуларни операции.
Од Министерството за зцдравство најавија дека процесот ќе биде максимално транспарентен. Наодите од анализата на интерната комисија ќе бидат во најскоро време доставени до стручната комисија составена од странски експерти, а извештајот од интерната комисија ќе биде објавен на веб страницата на Министерство за здравство.
Македонија
Славевски најави мерки за поттикнување поповолно кредитирање за купување станови

Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, денеска оствари работна средба со гувернерот на Народната банка, Трајко Славевски.
На средбата се разговараше за тековната состојба на пазарот на недвижности и за можностите за поефикасна размена на информации меѓу двете институции. Како што соопштија од Катастар, целта на средбата е креирање нови мерки за полесен пристап до кредити за купување прв стан.
Директорот Живковски ја изрази подготвеноста на Катастарот за интензивна соработка со Народната банка, нагласувајќи дека податоците за тековните трендови на пазарот на недвижности се клучни за креирање ефективни политики. Тој посочи и дека во тек е работа на повторно активирање на Регистарот на цени и закупнини, кој претходното раководство го имаше целосно прекинато.
Гувернерот Славевски истакна дека се подготвуваат мерки за поттикнување поповолно кредитирање на објекти за живеење, особено за млади граѓани и брачни парови кои првпат купуваат стан.
„Нашата цел е да овозможиме подобри услови и достапност на кредити за становите што се купуваат за живеење. Со тоа ќе им помогнеме на граѓаните што имаат вистинска потреба од сопствен дом, во услови кога цените на недвижностите растат“, рече Славевски.
Агенцијата за катастар и Народната банка договорија потпишување на меморандум за соработка, кој ќе овозможи подобра размена на информации, брза достапност на податоци за недвижности и зајакнување на аналитичките капацитети за следење на пазарните трендови.
Соговорниците се согласија дека разликувањето на кредитите за прво живеалиште од оние за инвестиции, како и зајакнатата институционална соработка, ќе создадат услови за поефикасна поддршка на граѓаните при решавање на станбеното прашање и индиректно ќе влијаат на стабилизирање на цените на пазарот на недвижности.
Македонија
Мисајловски – Бардуани: Остануваме посветени на регионалната безбедност и стабилност

Денеска во Министерството за одбрана, министерот Владо Мисајловски се сретна со командантот на НАТО мисијата на Косово, КФОР, генерал-мајор Енрико Бардуани со кого разговараше за значајната улога на оваа мисија во зацврстувањето на безбедноста и стабилноста на Косово, а со тоа и на целиот регион.
„Оваа НАТО мисија е исклучително значајна за уште постабилен и побезбеден регион. Остануваме посветени на нашиот придонес кон КФОР и логистичката поддршка која ја даваме на оваа мисија и во иднина“, рече министерот на средбата.
Мисајловски порача дека во време на сериозни геополитички промени и нестабилност, сигурен и безбеден регион е од приоритетно значење за нас, додавајќи дека земјата ќе продолжи да биде столб на безбедноста на Балканот.
Имајќи предвид дека мандатот на генералот Бардуани како командант на КФОР завршува наскоро, министерот Мисајловски му се заблагодари за одличната соработка и координација поврзана со македонскиот контингент во оваа мисија.
Генералот Бардуани, пак, посочи дека македонските војници секојдневно покажуваат врвен професионализам и целосна посветеност на своите задачи и обврски. Тој изрази благодарност за континуираниот придонес на нашата држава во мисијата КФОР, нагласувајќи ја важноста на соработката во одржувањето на мирот и безбедноста во регионот.
Во рамки на посетата, генералот Бардуани се сретна и со началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски.
Македонската Армија во оваа мисија придонесува од 2020 година.