Македонија
И ДУИ се откажа од Груби, само Филипче и СДС не затоа што се соизвршители во криминалот и корупцијата, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Во СДС владее истата криминална матрица, без никаков морал и етичко однесување. СДС на чело со неврохирургот на Заеви, Венко Филипче и неговите партиски соработници се оставштина од периодот на владеење на криминална коалиција СДС-ДУИ, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„И од нив не може да се очекува конструктивност, нови идеи, нов и чесен начин на делување. Целото раководство на СДС, заедно со Филипче кој бил од иста влада со Артан Груби, кој поради криминал се најде на црната листа на САД и стана бегалец од македонската правда. Артан Груби беше тој кој СДС ги држеше во раце да не им падне владата, па да не можат да продолжат заедно да крадат. За да не им падне криминалната влада, која до последен ден висеше на стаклени нозе, и да можат да владеат и да седат во удобните фотелји, СДС го гледаа и го премолчуваа криминалот на Груби. Со тоа СДС станаа соучесници во криминалот, осиромашувањето на народот и крадењето на државата. Груби беше највлијателната фигура за време на владеењето на криминалната коалиција СДС – ДУИ, кој големата моќ ја демонстрираше со арогантно однесување летајќи орли по телевизии, играјќи фудбал по државни канцеларии, криминално печалејќи врз грбот на граѓаните“, додаваат од партијата на власт.
Од ваквото однесување на Артан Груби и од неговиот криминал, посочуваат, се дистанцираше дури и неговата партија.
Според ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ вели дека таквото однесување на Груби било погрешно.
„Дури и ДУИ, симболично кажано, уште пред петел да пропее, се откажа од Артан Груби. Од петни жили, ДУИ се обидуваат да најдат начин како народот побрзо да заборави на арогантното однесување на Груби во владата, на неговиот криминал и корупција, но и дека некогаш бил нивен член. И неговиот партиски и владин другар, Бујар Османи знаел за арогантното и криминално однесување на Артан Груби, за кој вели дека му сметало и дека не го одобрува. Само Венко Филипче и СДС остануваат верни на Артан Груби. Само тие ниту виделе, ниту знаење, ниту му сметало арогантното и криминално однесување на Груби. Тоа е така затоа што откако му оставија одврзани раце да прави што сака, станаа соучесници во неговиот криминал и корупција. И затоа, бегството им одговара само на СДС, затоа што знаат дека Груби води до нив и така би излегле на површина криминалите кои заеднички ги правеле.
Но, на Венко Филипче и СДС треба да им е јасно дека одговорност ќе има, колку и тие да се препелкаат и да измислуваат изговори“, додаваат од оваа партија.
Македонија, како што велат, се трансформира и правна држава и одговорност, за сите кои што се огрешиле пред законот, ќе има.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Полицајци спасија жител на Македонска Каменица кој останал заглавен на тераса во пожар во неговата куќа
Полициски службеници спасија жител на Македонска Каменица, кој беше заглавен на тераса откако настана пожар во неговата куќа, соопшти МВР.
Вчера попладне во 13:23 часот во СВР Штип е пријавено дека на ул.„14 Јуни“ во Македонска Каменица настанал пожар во куќа, сопственост на Љ.Ѓ.(80).
Полициски службеници од СВР Штип – Полициско одделение Македонска Каменица излегле на местото и го затекнале сопственикот заглавен на тераса на вториот кат, по што се преземени мерки и со помош на скали безбедно го спуштиле.
Нему му е укажана помош во Клиничка болница Штип поради вдишување чад, по што е пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје за понатамошно лекување.
Пожарот е изгаснат од Територијалната протипожарната едница Македонска Каменица. Увид е извршен.
Македонија
Менаџер на продавница во Скопје украл 2,7 милиони денари, парите од дневниот промет си ги ставал во џеб
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице вработено во продавница во трговски центар во Скопје. Тој е осомничен дека украл 2,7 милиони денари, а според последните информации од истрагата, тој сè уште ги крие парите.
Осомничениот 35-годишник ја злоупотребил својата службена положба – менаџер на продавница во трговски центар во Чаир, како и дадената доверба и пристапот до касите и сефот, па во периодот од 18.12.2025 година до 04.02.2026 година, во повеќе наврати одземал парични средства што му биле доверени. Парите од дневниот промет не ги депонирал во сеф ниту ги предавал на овластено лице за собирање и транспорт на прометот. На овој начин осомничениот незаконски присвоил 2.783.867 денари и ја оштетил компанијата во која работел.
Бидејќи откако бил откриен тој веднаш бил отстранет од работното место, јавниот обвинител предложи и дополнителни мерки на претпазливост во текот на постапката – забрана за напуштање на живеалиште, обврска да се јавува во судот и привремено одземање на пасошот.
Притоа, обвинителството го имаше предвид ризикот од бегство како и фактот дека осомничениот сè уште ги крие и не ги враќа противправно одземените пари на правното лице.
фото/Depositphotos
Македонија
Хоџа: Продолжува партнерството со Светска банка за системска борба против аерозагадувањето
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, оствари работна средба со претставници на Светската банка, предводени од Карол Мегеванд, на која беше разговарано за досегашната соработка и можностите за нејзино понатамошно продлабочување во областа на управувањето со квалитетот на воздухот.
Од Министерството информираат дека на средбата било констатирано дека во моментов се имплементираат повеќе значајни проекти насочени кон подобрување на состојбата со аерозагадувањето, но дека останува потребата од дополнителни инвестиции.
Министерот Хоџа истакнал дека негова цел е системска промена во справувањето со аерозагадувањето, како клучен приоритет во неговата работа и во работата на Министерството. Тој нагласил дека долгорочните и одржливи решенија бараат силно партнерство со меѓународните институции и континуирана поддршка во спроведувањето на реформите.
Во таа насока, Хоџа изразил подготвеност за продолжување и продлабочување на соработката со Светската банка, нагласувајќи дека отворената комуникација ќе продолжи и во иднина, со заедничка цел – подобрување на квалитетот на воздухот и заштита на здравјето на граѓаните.
Министерот посочил дека Министерството и Владата континуирано работат на унапредување на квалитетот на воздухот преку Акцискиот план за чист воздух, Програмата за периодот 2024–2030, како и преку тековните проекти финансирани преку ИПА 2 и ИПА 3. Притоа, било истакнато дека останува потребата од дополнителни инвестиции и засилена техничка поддршка, за да се намали загадувањето и да се обезбеди чиста животна средина за сите граѓани.

