Македонија
Интерпелациите за Меџити, Тошковски, Стоилковиќ, Исеини и за Даути ќе бидат во јануари, Гаши потсетува дека тие немаат егзекутивна моќ
На почетокот на јануари на дневен ред во Собранието ќе бидат ставени сите досега поднесени интерпелации, најави денес претседателот на Собранието, Африм Гаши. Интерпелации се поднесени за вицепремиерот и министер за животна средина, Изет Меџити, за министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, и за неговиот заменик, Астрит Исеини, за министерот за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, и за Илире Даути, претседателка на Комисијата за социјала политика, демографија и млади.
„Најавата е дека веќе на почетокот на јануари ќе биде свикана првата седница ќе биде за тоа. Очекуваме околу 10 јануари, но сè уште не е свикана седницата. Ќе бидат ставени на дневен ред како што е по Деловникот. Ако има одговори, ќе бидат ставени на дневен ред како што доаѓаат одговорите, ако не, ќе ги ставиме на дневен ред како што доаѓале. Интерпелацијата како инструмент нема правна последица и нема егзекутивна моќ во нашиот правен поредок. Тоа е повеќе демократска алатка за политичка дискусија за една тема, за еден носител на должност или избрано и именувано лице од Собранието“, рече претседателот на Собранието, Гаши.
Интерпелациите за Меџити, Тошковски, Стоилковиќ и за Исеини на 3 декември ги поднесе пратеничката група на „Европскиот фронт“ по апсењата за инцидентите при одбележувањето на Денот на албанското знаме.
Интерпелацијата, пак, за Илире Даути ја поднесе партијата Левица на крајот на ноември оти во рок од 24 часа не го ставила на дневен ред на собраниска комисија законот за бранители.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски: Владата во вторник ќе донесе Одлука за доделување средства на ЈСП, за бесплатен превоз на студентите
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање, дали Владата ќе расправа за доделување на средства на ЈСП за бесплатен превоз на студентите, информираше дека во вторник на владина седница ќе биде донесена одлука, бидејќи сесијата започнува во јануари.
„Средствата се обезбедени во рамките на Буџетот на Министерството за образование и наука за следната година и на редовната владина седница во вторник на 31 декември, ќе донесеме откако веќе се исконсултирав со министерката, ќе донесеме одлука. Да се потпише договор за да можат тие средства веднаш да бидат префрлени на Јавното сообраќајно претпријатие, бидејќи сесијата започнува во јануари, да може студентите беспрекорно да користат го јавниот превоз во градот Скопје“, изјави премиерот.
Македонија
Мицкоски очекува Обвинителството да преземе мерки за информациите оти бил следен
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали очекува разврска во однос на вчерашната изјава од собраниска говорница дека бил следен како лидер на паравоена формација, изјави:
„Финансиер. Инспиратор и финансиер на милитантна, вооружена, паравоена, параполициска и веќе не знам каква структура. Инаку она што е интересно, од тоа што можам да го кажам и да го споделам со јавноста е дека овие списи, извештаи или како да ги наречам, дебрифинзи се креирани на почетокот на 2020 година, кога е изборна година. Замислете една од безбедносните агенции, од оправдани причини нема да кажам која, располага со вакви информации, во која што јас инспирирам, финансирам и организирам вакви терористички структури, вооружени, а при тоа не го информира Министерството за внатрешни работи. И се поставува прашањето зошто не го информирала. Одговорот е јасен, затоа што тоа беше техничкиот период и тогаш технички министер беше господинот Наќе Чулев, зборувам во 2020 година. Ова било само начин, преку монтажа, да се обезбеди физичко покривање на лидерот на најголемата политичка партија во тој момент, ВМРО-ДПМНЕ. Останатото, еве оставам до Обвинителството, впрочем тоа зборувавме и со обвинителот на настанот. Да допре гласот на Обвинителството, па да видиме тие, дали овој глас ќе допре до нив и дали после ова допирање на овој глас, тие ќе преземат некакви мерки.“
Премиерот вчера обвини дека поранешната власт на СДСМ и ДУИ преку тогашните безбедносни служби незаконски биле следени тој и нивното семејство, под лажно обвинување дека како лидер на опозицијата бил организатор, финансиер и нарачател на „параполициско воено вооружена формација на македонски радикални екстремни и националистички настроени елементи“
Македонија
Тошковски: Одделот за внатрешна контрола не утврди вина кај полицаецот од Куманово кој го симна албанското знаме
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски денеска информираше дека била отворена истрага за полицаецот од Куманово кој го симна албанското знаме од јарбол на улица на Денот на албанското знаме. Одделот за внатрешна контрола при МВР во рамките на утврдени дејствија кои што се сторени, не утврдил дека предметното лице прекршило било каква стандардна-оперативна процедура во рамките на полицијата.
„Во рамки на утврдените дејствија коишто се сторени од страна на предметнотно лице, не е утврдено дека истиот прекршил било каква стандардна оперативна процедура во рамки на Министерството за внатрешни работи колку што сум информиран. Подетално можеме да видиме што е, како е, понатаму“, вели Панче Тошковски.
Поради сквернавење на македонското и на албанското знаме, беа уапсени вкупно 17 лица, голем дел од нив малолетници.