Македонија
Мицкоски: Или сите да работат во недела со двојна или тројна дневница или никој
Премиерот Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница за пратенички прашања, одговарајќи на прашање за тоа кој е ставот на Владата за недела да биде неработен ден, истакна дека тоа не треба да биде селективно како што го направила претходната влада, туку или да им се даде можност на сите што ќе постигнат договор со работодавците за двојна или тројна дневница да остварат таков приход или никој да не работи.
„И денеска е недела работен ден, но за одредени економски оператори, дури во законот со квадратура се нацртани и се опишани кои се тие. Да речеме, работи еден трговски центар, кој се сеќавам со фанфари го отвораше тогашната коалиција СДСМ – ДУИ во занесот на инспирацијата пред првиот или вториот круг на локалните избори 2021 година мислејќи дека на тој начин ќе постигне подобар резултат. И сега има одредени економски оператори што работат. Ние како Влада си го поставуваме следното прашање, а тоа е или никој да не работи, вклучително и тие, или оние што сакаат да работат со согласност на работниците што сакаат да работат, да добијат двојна дневница. Тоа е дилемата што ја имаме како Влада и тука не гледаме ништо лошо“, истакна Мицкоски.
Тој додаде дека, според мерењата на јавното мислење, околу 75 % се за да работат во недела доколку им се плати двојна дневница.
„Дури, за ваша информација, месечно трипати мериме јавно мислење за внатрепартиски и внатрекоалициски потреби и на тие јавни мерења обично една или две се телефонски и едно е секогаш теренско мерење. Приближно тестираме неколку атрибути, меѓу кои и овој. Седумдесет и пет проценти од граѓаните се за тоа оние што сакаат во недела да работат доколку им се плати двојна дневница“, нагласи Мицкоски, но додаде дека кое ќе биде конечното решение, ќе зависи од следниот состанок на Економско-социјалниот совет.
„Дали ќе дојде до овие законски интервенции и кои ќе бидат, кон кое решение ќе конвергираме ќе зависи од тоа каков ќе биде резултатот на следниот состанок на Економско-социјалниот совет. Ова прашање ние сме го разговарале и со синдикатите. Ова не е прашање што ние сакаме да го наметнеме. Сме го разговарале и со синдикатите и со стопанските комори, работодавците. Ние не сме го разговарале ова прашање во тесен круг и да носиме одлука, па потоа да не знаеме што да правиме со оваа одлука. Ако мислите дека ние на сила ќе направиме нешто, нема да го направиме на сила“, истакна Мицкоски и додаде:
„Генерално, се катализираат две решенија. Едното е или никој да не работи, ама никој. Има еден таков главен град на една држава во централна Европа, никој не работи во недела и готово, тоа е тоа, или ако некој плати двојна дневница или договори со синдикатите поинакви услови да може да работи, да работи“.
Тој исто така потенцира дека негово лично мислење е или да им се даде можност на оние што сакаат за подобар приход да работат или никој да не работи, но сè ќе зависи од состанокот на Економско-социјалниот совет, на кој отворено ќе се разговара со работниците и работодавците.
„Ако сакаме да правиме диверзификација и промена на нашиот економски модел и концепт, мораме да размислуваме вака. Кое ќе биде конечното решение јавноста ќе го знае кога ќе заврши последниот состанок што ќе го имаме со Економско-социјалниот совет, на кој ќе разговараме заедно отворено, гласно и јасно помеѓу работодавците и работниците. Мое лично мислење, еве да немате дилема, е дека за сите оние што ќе постигнат договор со работодавците и ќе добијат повисока дневница, двојна, тројна итн. треба да биде овозможено во недела да работат и да остварат таков приход или, ќе повторам, никој да не работи“, заклучи Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерството за здравство ги кани на соработка нашите лекари кои работат во странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.

