Македонија
Мицкоски: Моето извинување беше заради неодговорните градоначалници на Арачиново и Липково, работата на Лимани е за највисока оценка
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница за пратенички прашања истакна дека градинките во општините Липково и Арачиново ќе бидат функционални, а неговото извинување дел од медиумите погрешно го пренесоа, затоа што тој им се извини на граѓаните на овие две општини заради неодговорните градоначалници.
„Забележав дека дел од медиумите погрешно го пренесоа извинувањето, тоа беше до граѓаните на Липково и Арачиново заради непријатностите предизвикани како резултат на изјавите на неодговорни градоначалници. Што се однесува до работата на Фатмир Лимани можам да кажам дека би ја оценил со највисока оцена, нешто кое што претпоставувам дека вие како ДУИ изминатите години исто такво мислење имавте за него“, рече премиерот Мицкоски на пратеничко прашање од пратеничката Рина Ајдари за градинките во Арачиново и Липково.
Премиерот Мицкоски истакна дека како претседател на влада е исклучително задоволен од работата на министерот Лимани и го охрабрува така да продолжи да работи.
„Што се однесува до начинот како функционира системот на обезбедување на согласност од Министерството за финансии, сакам да кажам дека тој процес започна институционално од самите општини до Министерството за социјална политика, демографија и млади. Што значи дека министерот Лимани потпишал, не е точно дека не потпишал и го испратил тој документ до Министерството за финансии од каде добил повратен позитивен одговор“, изјави премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски потенцираше дека до крајот на оваа недела проблемот се очекува да биде расчистен.
„Во текот на вчерашниот ден комуникацијата е реализирана од министерот Лимани до самите општини и градинките, кои за жал ДУИ додека беа во влада не ги пушти, ќе бидат оперативни и функционални“, рече премиерот.
Премиерот Мицкоски и порача на пратеничката наместо да ги става децата во политичка битка има полегитимни начини како политички да се борат.
„Има поконкретни начини како тоа да го направите, но вие одлучивте да ги злоупотребувате децата. И тоа, според мене не е добро, но тоа е ваша одлука и вие мислите дека така треба да ја водите вашата политичка битка“, изјави премиерот Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Полицајци, наставничка и пожарникар земале пари од граѓани за да им средат побрзо да извадат лични документи
Двајца полицајци, наставничка и пожарникар се осомничени за примање поткуп и примање награда за противзаконито влијание односно за пари овозможувале граѓаните побрзо да извадат пасош, лична карта и возачка дозвола.
Полицијата поднесе кривична пријава против М.С., на работно место полицаец во Одделението за безбедност на патниот сообраќај во СВР Скопје, во моментот на сторување на делото со наредба распореден во Одделението за управни работи Скопје, П.П., на работно место полицаец во Единицата за интервентна полиција во СВР Скопје, В.Р., вработена како наставник во средно училиште во Скопје и А.С., вработен како пожарникар во Град Скопје.
„Пријавените во период од февруари до април 2024 година, заеднички, по претходен договор воспоставиле шема, на начин што организирале и спроведувале постапки за издавање на лични документи (лична карта, пасош и возачка дозвола), а со цел стекнување противправна имотна корист, така што трето и четврто пријавените наоѓале заинтересирани граѓани кои имале потреба од изготвување на лични документи, кои им ги доставувале нивните лични податоци во форма на фотографии на трето и четврто пријавените, а овие фотографиите ги испраќале на второпријавениот П.П.“, соопшти МВР.
Второпријавениот посредувал и интервенирал заинтересираните граѓани да ја започнат процедурата за издавање на лични документи, на начин што го поттикнувал првопријавениот М.С., кој како службено лице вршел дејствија на фотографирање и прием на барања, како негови редовни работни обврски.
„Наведените дејствија биле вршени врз претходен договор за одреден паричен надомест со точно утврдена цена, време и начин на извршување со јасно распределени улоги, создавајќи паралелен неформален начин на постапување со кој за паричен надомест овозможувале побрзо остварување на правото за јавна услуга, со намера да се стекнат со противправна имотна корист, нарушувајќи го принципот на еднаков пристап на граѓаните до јавните услуги“, соопштиа МВР.
Македонија
(Видео) Петрушевски: СДСМ со двојни аршини – против возење без дозвола, а гласаа против „Безбеден град“
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на прес-конференција изјави дека СДСМ и Венко Филипче применуваат двојни аршини во однос на прашањето за безбедноста во сообраќајот.
„Од една страна велат дека секој оној кој сака да вози без возачка дозвола треба да е санкциониран, а од друга страна гласаа против системот ‘Безбеден град’“, рече Петрушевски.
Петрушевски потсети дека СДСМ и Филипче гласале против проектот „Безбеден град“ во Собранието, додавајќи дека координаторот на нивната пратеничка група, Оливер Спасовски, кој е поранешен министер за внатрешни работи, не направил ништо поврзано со ова прашање за да ја зголеми безбедноста на граѓаните во сообраќајот.
Според него, во време на претходната власт не бил имплементиран ниту еден системски проект што ќе обезбеди дигитална контрола над сообраќајот, транспарентно санкционирање и реално намалување на сообраќајните прекршоци. Додаде дека проектот „Безбеден град“ не е партиска агенда, туку решение за заштита на животите на граѓаните.
Македонија
Воени возила и дронови во Охрид и Радожда, од утре обука на специјалците од војската на Белгија
Од 07 до 20 февруари 2026 година, на подрачјето на Охрид и струшкото село Радожда, ќе се реализираат активности за обука на специјалната единица на Армијата на Кралството Белгија, информира СВР Охрид.
Во рамките на вежбовните активности, предвидена е употреба и користење на артифиции, воени моторни возила, дронови, пловни и други средства.
Планираната обука на специјалната единица на Армијата на Кралството Белгија на подрачјето на Охрид и Струга, е во состав на вежбата „BEL-SOF Exercise 26” што ќе биде спроведена и на други подрачја во земјава.
„Апелираме до граѓаните на Охрид и Струга, да ги почитуваат насоките на полициските и армиските службеници кои, ќе се грижат за безбедноста на целокупното подрачје“, велат од СВР Охрид.
фото/Depositphotos

