Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Додека од уста не ги извадија правата на Албанците, ДУИ и Артан Груби си ги полнеа џебовите, СДСМ молчеше
Според ВМРО-ДПМНЕ, СДС и ДУИ се едно исто. И двете партии, како што велат, ги користат најчувствителните теми во општеството за ситни политички поени и за лично богатење на поединци.
„СДС долго време се криеше зад флоскулата „едно општество за сите“, за од друга страна да ги направи најголемите и најдлабоките поделби во македонското општество. Додека го делеше македонското општествено ткиво, лицата на чело на СДС, како Зоран Заев и Венко Филипче и нивните браќа, правеа милиони. Исто и ДУИ додека се повикуваше на Албанците и себеси се промовираше како нивен најголем и единствен заштитник, Албанците од Македонија масовно се иселуваа. Додека од уста не ги извадија правата на Албанците, раководството на ДУИ меѓу кои Артан Груби, си ги полнеа џебовите. Артан Груби и ДУИ единствено што направија за Албанците е што ги злоупотребија за тие да се богатат. Додека Артан Груби крадеше, ДУИ ги убедуваше сограѓаните Албанци дека се бори за нив. А, секој изминат ден на ДУИ на власт беше причина повеќе Албанците, исто како и Македонците, да си заминуваат од државата“.
Според партијата на Мицкоски, Груби и ДУИ секогаш биле само за заштита на интересите и џебовите на поединци, а не за Албанците и најмалку за Македонците.
СДС, како што нагласуваат, знаеја за криминалот на Груби, на кој прво му дадоа одврзани раце да краде, па потоа му се приклучија и заеднички се богатеа на грбот на народот.
„И уште една причина поради која СДС молчеше за криминалот на Груби, е затоа што така се држеа на власт. И се така седум години народот осиромашуваше, државата се пљачкаше, а челниците на СДС и ДУИ се богатеа. Коалицијата на СДС и ДУИ, беше криминална коалиција од интерес за ограбување на Македонија, а за лично богатење на нивните луѓе. Затоа и се поддржуваа седум години. Но, СДС и ден денес одработува за Груби, кои наместо да се дистанцираат од него и да го повикаат да се врати да се соочи со правдата, тие држат прес-конференции смислувајќи разно разни приказни. Наместо уште да му служат на Артан Груби, СДС да им се извини на македонските граѓани за сервилноста и грабежот на Македонија“, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

