Спорт
Фабијански се чувствува добро по повредата што ја доби на стадионот „Сент Мери“

Тренерот, Хулен Лопетеги изјави дека голманот на Вест Хем, Лукаш Фабијански бил свесен и разговарал со него, откако бил однесен на носилки во првото полувреме од натпреварот со Саутемптон. Фабијански имал жесток судар со противнички фудбалер.
Дефанзивецот на „светците“, Нејтан Вуд налета на полскиот голман откако овој веќе расчисти една нафрлена топка пред неговиот гол во 29. минута.
Вуд доби жолт картон поради невнимателниот потег, а Фабијански откако седум минути му се укажуваше помош беше изнесен од теренот на носилки, а на лицето имал маска за кислород.
Лопетеги потврди дека голманот не бил хоспитализиран, туку останал на стадионот каде Вест Хем дојде до победата со голот на Џерод Бовен во 59. минута.
„Доби силен удар во главата, во вратот и не беше многу свесен за своите постапки. За среќа, тој зборува, буден е и свесен“, изјави Лопетеги.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Гитенс се сели во Челзи

Џејми Гитенс ќе стане играч на Челзи. Фабрицио Романо објави дека договорот е склучен и дека 20-годишникот ќе пристигне на „Стемфорд Бриџ“ и ќе потпише седумгодишен договор.
Челзи на Борусија Дортмунд ќе и плати околу 65 милиони евра откако претходната понуда од 50 милиони евра од „Сините“ беше одбиена пред Светското клупско првенство.
Гитенс е играч на Дортмунд од 2020 година, постигна 17 гола на 107 настапи за „милионерите“.
Младиот англиски репрезентативец сè уште не дебитирал за сениорската репрезентација, но се надева дека ќе обезбеди место во тимот на Томас Тухел за Светското првенство во 2026 година со неговото пристигнување во западен Лондон.
По медицинските прегледи, Гитенс ќе им се придружи на своите нови соиграчи во Челзи по завршувањето на нивната кампања на Светското клупско првенство.
„Сините“ со победата на Бенфика обезбедија пласман во четвртфиналето, каде за противник ќе го имаат Палмеирас.
Спорт
Чалханоглу преферира трансфер во Галатасарај

Еден од најдобрите играчи на Интер, Хакан Чалханоглу побарал да биде ставен на трансфер листата.
„Ве молам, пуштете ме дома“, наводно им рекол на раководството на клубот турскиот репрезентативец, кој никогаш не играл за клуб од својата татковина. Чалханоглу сака да се пресели во Галатасарај.
Играчот од средниот ред ја започнал својата кариера во Карлсруе, потоа играл за ХСВ и Баер, а потоа за Милан и Интер, чиј член е од 2021 година.
„Дојдов во Интер бесплатно пред четири години и секогаш го давав својот максимум. Сакам да продолжам во Галатасарај и ве молам разберете ме. Пуштете ме дома“, им рекол на раководството на клубот.
Тој е под договор до крајот на сезоната 2026/27.
Спорт
Меси: Не уживав кога бев во Париз

Лионел Меси зборуваше за периодот поминат во Пари Сен Жермен пред дуелот на Интер Мајами со актуелниот европски првак, на клупскиот Мундијал во Соединетите Американски Држави.
Меси играше за ПСЖ две сезони, од 2021 до 2023 година.
„Тоа беа годините во кои не уживав, не бев среќен во секојдневниот живот. Не беше добро време за мене. Не бев среќен ниту еден ден – ниту на тренинзите ниту на натпреварите. Ми беше многу тешко да се прилагодам“, рече Лионел Меси.
Аргетнинецот одигра вкупно 75 натпревари за Пари Сен Жермен во сите натпреварувања, постигна 32 гола и имаше 35 асистенции.
Натпреварот помеѓу Интер Мајами и ПСЖ се игра од 18 часот во Атланта.