Македонија
(Видео) Тошковски да поднесе оставка по многуте скандали во изминатите месеци, бара Кузеска

Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, оценува дека по многуте скандали што се случија во изминатите шест месеци, Тошковски требаше да поднесе оставка.
„Серијата скандали и неуспеси во изминатите шест месеци ги потврдуваат неспособноста и опасноста од партизацијата на институциите од страна на ВМРО-ДПМНЕ.
Скандалите на аеродромот, бегствата на криминалци преку косовската граница, запалените возила, убиствата и секојдневните пресметки на криминални групи, па сè до послендниот скандал со пуштањето на Артан Груби, се јасен доказ.
Имаше убиство на бизнисмен кај „Мавровка“, обид за убиство на градоначалник во Арачиново, убиство на доктор во населбата Железара, пукање и убиства во Синѓелиќ, во Чаир, Батинци, Тетово, на пластичарската улица. Дестина случаи на запалени автомобили на инспектори, началници, командири, општински функционери и други“, вели Кузеска.
Како што вели, повеќето од овие случаи сè уште не се расчитени и сето ова за само шест месеци.
Наместо ред и поредок, граѓаните, додава таа, добија хаос и несигурност.
„Тошковски нема контрола над косовската граница и тоа е серозна опасност за националната безбедност. Две бегства за шест месеци, а и за двете Тошковски се обидува да се амнестира. Последниот случај со бегството на Артан Груби е само потврда дека криминалците и терористите може да го минуваат граничниот премин без проблеми. Замислете, објаснувањето на Тошковски е дека граничниот службеник се вознемирил од политичката тежина на Груби и од луксузот на возилото. Вакви апсурди и скандалозни изговори за бегање од одговорноста досега се невидени“.
Кузеска напоменува дека нема оправдување за сите овие скандали, ниту за враќањето на ВМРО-МВРО, и Тошковски треба да понесе одговорност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Променливо облачно време повремено со пороен дожд и грмежи

Времето денес ќе биде променливо облачно и посвежо, претпладне со повремено пороен локален дожд, грмежи и услови за појава на краткотрајно невреме. Ќе дува слаб до умерен западен, а долж Повардарието северен ветер, кој попладне наместа ќе засилува. Максималната температура ќе биде во интервал од 27 до 35 степени.
Во Скопје, променливо облачно, во претпладневните часови со повремен пороен дожд и услови за појава на ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен, попладне во делови од котлината повремено засилен северен ветер.
Максималната температура ќе достигне до 33 степени.
Македонија
Комисијата утврди дискриминација врз професионалните војници – синдикатот бара итни законски измени

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди индиректна дискриминација врз професионалните војници од страна на Министерството за одбрана, информира Независниот синдикат на професионални војници СО Скопје.
Претставката до Комисијата ја поднел Александар Насковски, претседател на синдикатот и професионален војник, на 12 ноември 2024 година. Според него, Министерството со години не го трансформира работниот однос на професионалните војници од определено на неопределено време, спротивно на член 46 од Законот за работни односи.
„Професионалните војници се единствената категорија вработени во државата кои работат и по 25 години со договори на определено време, често продолжувани и по седум или осум пати, без можност да остварат право на пензија“, изјави Насковски.
По долготрајна институционална игнорација, синдикатот на 3 јуни 2025 година достави предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата до Собранието и сите пратенички групи. Со предложените измени се предвидува конечно уредување на статусот на професионалните војници и спроведување на препораките од Комисијата.
Синдикатот очекува Министерството за одбрана и пратениците да постапат по препораките и да ја исправат, како што велат, децениската неправда, со што ќе се постигне и буџетска заштеда за институцијата.
Македонија
Ангелов на состанок во Берово: Планирање на акција за справување со пожарот над Русиново

Раководителот на Главниот штаб за управување со кризи и директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, синоќа присуствуваше на координативниот состанок на Општинскиот штаб за заштита и спасување во Берово, предводен од градоначалникот Звонко Пекевски.
На работниот состанок се анализираа извештаите за движењето и интензитетот на пожарот во планината над селото Русиново. Како главни предизвици беа посочени променливиот ветер, остатоците од стари пожари – шупливи дрвја кои при горење паѓаат по стрмнините – како и непристапниот терен, што значително го отежнува гаснењето.
Според соопштението од ДЗС, состанокот траел подолго поради разгледување на повеќе стратегии за утринска интервенција. Се планира комбинирана акција со теренски сили, механизација и ангажман на воздухоплови, чија активност ќе се координира од земја во согласност со конкретните дневни услови.
Ова е дел од континуираните напори за справување со активните пожари во источниот дел на земјата.