Забава
(Видео) Први реакции за втората сезона нa „Squid Game“: дали продолжението ги оправдува очекувањата
Откако во четвртокот беа објавени првите седум епизоди од втората сезона на популарната серија на Нетфликс „Squid Game“ (кај нас преведена: Игра на лигни), корисниците на социјалните мрежи и критичарите ги открија своите први впечатоци.
Една од најгледаните и најуспешните серии на Нетфликс се врати со втора сезона, но мислењата за неа се поделени. Имено, самиот трејлер привлече огромно внимание и за само 12 часа собра повеќе од шест милиони прегледи на „Јутуб“, но сега многумина веруваат дека новата сезона е преценета.
Иако втората сезона не мора да ја сметаат за лоша, многу фанови и критичари истакнуваат дека првата сезона била значително подобра и дека сега го чекаат објавувањето на преостанатите епизоди од втората сезона за да дадат конечен впечаток.
Втората сезона моментално има повеќе од 1.000 критики на „Ротен томатос“ од гледачите, кои и дадоа просечна оцена од 63 проценти, додека критичарите ја оценија со 84 проценти. Интересно е тоа што критичарите ја оценија првата сезона со 95 отсто, додека гледачите и дадоа оцена од 83 отсто.
Критичарот на „Форбс“, Пол Таси, рече дека втората сезона е „прилично солидна“, иако не подобра од првата сезона, но дека не е изненаден. Од друга страна, тој истакнува дека втората сезона има „подобро етаблирани ликови“ во однос на првата сезона.
Критичарката на „Гардијан“ Ребека Николсон наведува дека во оваа сезона непотребно се одолговлекува во потрага по профит.
„Првите неколку епизоди изгледаат како тактика за одложување, а имајќи предвид дека ова е ‘Squid Game’, сето тоа е прилично стандардно. Има сцени со потера, несреќи и пукање. Сатиричниот елемент е заменет со потрага по одмазда. Доволно е забавен, но доведува до непријатна крволочна сензација, желбата сите да се вратат на спортскиот ден со пребројување на тела. Со оглед на тоа што последната епизода се чувствува како половина од приказната, која ќе продолжи со последните епизоди следната година, ова одложување е непотребно“, рече таа.
Ниту другите филмски критичари не се премногу ентузијасти за продолжението, иако многумина немаа големи очекувања.
„Кога станува збор за втората сезона само да кажеме дека Нетфликс ја направи за пари и дека режисерот не знаел дека ќе има огромен успех, па затоа не ни размислувал за продолжение однапред“; Барем е забавно, но солидно“; „Сезона 2 е чудна“, „Оваа сезона е толку депресивна“, се само некои од коментарите.
Заплетот на втората сезона започнува со Ги-хун – играчот 456 кој победи во првата сезона. Тој е решен да ги пронајде луѓето кои ја дизајнирале играта и да стави крај на нивните игри. Ги-хун ја почнува својата мисија на местото каде што го пронајде човекот кој ги регрутира играчите.
Инаку, откако серијата стекна голема популарност, на сличен принцип беше лансирано реално шоу, а наскоро ќе излезе и „Squid Game: Unleashed“. Играта ја развиваат Boss Fight и Netflix Game Studio, а се работи за парти ројал игра со 32 играчи која носи бројни предизвици за гејмерите, кои тие ќе ги препознаат од серијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Забава
(ФОТО) И на 40 години во врвна форма: Роналдо повторно ги воодушеви фановите
Кристијано Роналдо повторно ги воодушеви фановите со фотографија објавена на Инстаграм, на која позира без маица во црни боксерки, покажувајќи ја одличната физичка форма и на 40-годишна возраст.
„По сауна“, напиша кратко Роналдо под фотографијата направена во теретана. Ова не е првпат фудбалската ѕвезда да објави вакви фотографии, со кои редовно ја истакнува дисциплината, тренинзите и начинот на живот по кои е препознатлив.
View this post on Instagram
Забава
Леонардо ди Каприо никогаш повторно не го гледал „Титаник“
Актерот Леонардо ди Каприо ги шокираше фановите со признанието дека никогаш повторно не го погледнал „Титаник“, филмот што во 1997 година го лансираше во светска слава и ја обележа цела една генерација.
Ди Каприо за тоа зборуваше во разговор со Џенифер Лоренс во емисијата Actors on Actors, пренесува „Варајети“. За време на опуштениот разговор, Лоренс директно го праша: „Дали некогаш повторно го погледна ‘Титаник’?“
Ди Каприо без размислување одговори: „Не. Не сум го гледал.“
Лоренс се изненади и му рече: „Па, треба да го гледаш! Се кладам дека сега би можел да го гледаш, навистина е добар.“
„Јас всушност не ги гледам моите филмови. Ти ги гледаш ли твоите?“ ја праша Ди Каприо колешката.
„Не“, одговори Лоренс низ смеа. „Никогаш не сум снимила нешто како ‘Титаник’. Да сум, сигурно ќе го гледав. Еднаш бев многу пијана и го пуштив ‘American Hustle’. Се прашував: ‘Дали јас сум добра актерка?’ Го пуштив филмот… и не се сеќавам на одговорот.“
Ди Каприо слично признание дал и претходно. Во август, за списанието „Есквајр“, изјави дека ретко ги гледа своите филмови, но дека постои еден исклучок.
„Тоа е ‘Авијатичарот’. Тој филм ми беше особено важен“, рече актерот, присетувајќи се на соработката со режисерот Мартин Скорсезе и на неговиот долгогодишен интерес за ликот на Хауард Хјуз.
Филмот „Титаник“, во режија на Џејмс Камерон, стана еден од најуспешните филмови во историјата, а Ди Каприо во него глумеше заедно со Кејт Винслет.
„‘Титаник’ беше голем експеримент за Кејт и за мене“, изјави Ди Каприо уште во 2016 година. „Не можевме ни да замислиме колку голем ќе стане филмот. Сè тоа нè изненади.“
Тој додаде дека по тој успех морал да забави и да се врати на своите актерски цели.
„Знаев дека од мене се очекува нешто одредено, но сакав да останам верен на себе и на причината поради која воопшто почнав да глумам“, порача Ди Каприо.
Забава
Од февруари ќе се наплаќа пристап до фонтаната ди Треви
Од 1 февруари, туристите ќе мора да платат две евра за да добијат пристап одблиску до фонтаната ди Треви во Рим, една од најпознатите туристички атракции во градот. Бесплатен пристап ќе имаат само жителите на Рим, додека разгледување од далечина ќе остане без надомест.
Градоначалникот Роберто Гвалтиери изјави дека со оваа мерка се очекува годишен приход од околу 6,5 милиони евра. Наплатата е дел од поширок план со кој од 1 февруари ќе се воведат влезници и за уште пет локации во градот, со цена од пет евра.
Фонтаната ди Треви ја посетуваат во просек околу 30.000 луѓе дневно, а градските власти ја оправдуваат мерката со пренатрупаноста и проблемите со џепчии. Само во периодот од 1 јануари до 8 декември, просторот пред фонтаната го посетиле околу девет милиони туристи.
Традицијата на фрлање парички во фонтаната продолжува.

