Забава
„Ќе биде поткрепено со докази“: Џастин Балдони подготвува контра тужба против Блејк Лајвли
Џастин Балдони, наводно, се подготвува за голема контратужба против Блејк Лајвли, откако таа го обвини за сексуално вознемирување на сетот на филмот „It Ends With Us“. Како што пишува Дејли Мејл, актерот и режисер планира да ги достави документите штом ќе продолжат судовите да работат, по празниците.
„Нема да кажам кога и колку тужби ќе поднесеме, но кога ќе ја поднесеме првата, тоа ќе ги шокира сите што беа изманипулирани да веруваат во очигледно лажна приказна“, изјави адвокатот на Балдони, Брајан Фридман, за Дедлајн во саботата.
„Тоа ќе биде поткрепено со докази и ќе ја каже вистинската вистина. Во повеќе од 30 години правна практика, никогаш не сум видел вакво ниво на неетичко однесување намерно поттикнато преку медиумска манипулација“, додаде тој.
Според Дејли Мејл, тужбата целосно ќе го наруши наративот на Блејк Лајвли која тврди дека Балдони и неговиот ПР тим започнале кампања за оцрнување за да ја уништат нејзината репутација. Наместо тоа, противтужбата ќе го обвини ПР менаџерот на Лајвли, Лесли Слоун дека токму таа започнала кампањата за клеветење против Балдони. Слоун го коментираше извештајот за „Дедлајн“, наведувајќи: „Јасно е дека г-дин Балдони и неговата фирма Wayfarer Associates сугерираат дека сум подметнала медиумски приказни за поплаки на работното место, што е лажно“.
Понатаму, во противтужбата ќе се тврди дека пораките што Лајвли ги добила преку судски налог, а кои наводно го инкриминираат тимот на Балдони дека разговарале како да ја нарушат нејзината репутација, биле погрешно протолкувани. Тимот на Балдони, исто така, наводно планира да тврди дека Лајвли ја поднела тужбата само за да ја поправи својата репутација по негативното медиумско покривање во текот на летото додека го промовираше It Ends With Us.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Забава
(ФОТО) И на 40 години во врвна форма: Роналдо повторно ги воодушеви фановите
Кристијано Роналдо повторно ги воодушеви фановите со фотографија објавена на Инстаграм, на која позира без маица во црни боксерки, покажувајќи ја одличната физичка форма и на 40-годишна возраст.
„По сауна“, напиша кратко Роналдо под фотографијата направена во теретана. Ова не е првпат фудбалската ѕвезда да објави вакви фотографии, со кои редовно ја истакнува дисциплината, тренинзите и начинот на живот по кои е препознатлив.
View this post on Instagram
Забава
Леонардо ди Каприо никогаш повторно не го гледал „Титаник“
Актерот Леонардо ди Каприо ги шокираше фановите со признанието дека никогаш повторно не го погледнал „Титаник“, филмот што во 1997 година го лансираше во светска слава и ја обележа цела една генерација.
Ди Каприо за тоа зборуваше во разговор со Џенифер Лоренс во емисијата Actors on Actors, пренесува „Варајети“. За време на опуштениот разговор, Лоренс директно го праша: „Дали некогаш повторно го погледна ‘Титаник’?“
Ди Каприо без размислување одговори: „Не. Не сум го гледал.“
Лоренс се изненади и му рече: „Па, треба да го гледаш! Се кладам дека сега би можел да го гледаш, навистина е добар.“
„Јас всушност не ги гледам моите филмови. Ти ги гледаш ли твоите?“ ја праша Ди Каприо колешката.
„Не“, одговори Лоренс низ смеа. „Никогаш не сум снимила нешто како ‘Титаник’. Да сум, сигурно ќе го гледав. Еднаш бев многу пијана и го пуштив ‘American Hustle’. Се прашував: ‘Дали јас сум добра актерка?’ Го пуштив филмот… и не се сеќавам на одговорот.“
Ди Каприо слично признание дал и претходно. Во август, за списанието „Есквајр“, изјави дека ретко ги гледа своите филмови, но дека постои еден исклучок.
„Тоа е ‘Авијатичарот’. Тој филм ми беше особено важен“, рече актерот, присетувајќи се на соработката со режисерот Мартин Скорсезе и на неговиот долгогодишен интерес за ликот на Хауард Хјуз.
Филмот „Титаник“, во режија на Џејмс Камерон, стана еден од најуспешните филмови во историјата, а Ди Каприо во него глумеше заедно со Кејт Винслет.
„‘Титаник’ беше голем експеримент за Кејт и за мене“, изјави Ди Каприо уште во 2016 година. „Не можевме ни да замислиме колку голем ќе стане филмот. Сè тоа нè изненади.“
Тој додаде дека по тој успех морал да забави и да се врати на своите актерски цели.
„Знаев дека од мене се очекува нешто одредено, но сакав да останам верен на себе и на причината поради која воопшто почнав да глумам“, порача Ди Каприо.
Забава
Од февруари ќе се наплаќа пристап до фонтаната ди Треви
Од 1 февруари, туристите ќе мора да платат две евра за да добијат пристап одблиску до фонтаната ди Треви во Рим, една од најпознатите туристички атракции во градот. Бесплатен пристап ќе имаат само жителите на Рим, додека разгледување од далечина ќе остане без надомест.
Градоначалникот Роберто Гвалтиери изјави дека со оваа мерка се очекува годишен приход од околу 6,5 милиони евра. Наплатата е дел од поширок план со кој од 1 февруари ќе се воведат влезници и за уште пет локации во градот, со цена од пет евра.
Фонтаната ди Треви ја посетуваат во просек околу 30.000 луѓе дневно, а градските власти ја оправдуваат мерката со пренатрупаноста и проблемите со џепчии. Само во периодот од 1 јануари до 8 декември, просторот пред фонтаната го посетиле околу девет милиони туристи.
Традицијата на фрлање парички во фонтаната продолжува.

