Македонија
Најладно во Берово, најмногу снег во Маврови Анови

Утрово најладно било во Берово каде што се измерени -8 степени, -6 степени било во Маврови Анови, -5 во Битола, Струмица и Тетово, -4 во Скопје-Петровец, Штип, Прилеп, Демир Капија и Крива Паланка, -3 во Кавадарци, Велес, Охрид, Претор, Дебар и Крушево, -2 во Скопје-Зајчев Рид, Куманово и Попова Шапка, 4 во Гевгелија.
Висината на снежната покривка во 7 часот утрово, изнесувала 51 сантиметар во Маврови Анови, 50 во Попова Шапка и 22 во Крушево.
Времето во текот на ноќта и изутринава
Ведро и студено, а изутринава е сончево. Појава на слаба магла има само во Демир Капија. На повисоките места дува слаб ветер претежно од северен правец.
Времето денеска
Сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Максималната температура ќе достигне од 6 до 12 степени.
Во Скопје сончево со мала облачност. Ќе дува слаб ветер од северен правец. Максималната температура ќе достигне до 9 степени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Гаши: Ромската заедница дава огромен придонес за културниот и општествениот живот во државата

Ромската заедница со својата култура, јазик, музика и обичаи дава огромен придонес за културниот и општествениот живот во нашата држава. Таа е важен и нераскинлив дел од нашето заедничко наследство, кое го прави нашето општество побогато и поразновидно, пишува во честитката на претседателот на Собранието, Африм Гаши, за 8 април – Меѓународниот ден на Ромите.
„Овој ден е посветен на одбележување на богатата култура, уникатната традиција и долгата и значајна историја на ромскиот народ ширум светот. Истовремено, овој ден служи и како важен потсетник за сите нас за неопходноста од поголема социјална инклузија, еднакви можности и почитување на човековите права за секој граѓанин“, се наведува во честитката.
Како претставници на граѓаните, вели Гаши, имаме обврска и одговорност континуирано да работиме на унапредување на правата и положбата на ромската заедница, обезбедувајќи еднакви можности и услови за достоинствен живот на сите наши сограѓани.
„Нашиот заеднички стремеж треба да биде општество каде што различностите се почитуваат, каде секој поединец има можност да го достигне својот целосен потенцијал и каде што сите ние живееме во слога, почит и меѓусебно разбирање. Нека овој празник нè обедини во идејата за праведно и еднакво општество и нека биде поттик за сите нас да продолжиме да работиме со уште поголема посветеност кон подобра иднина за сите“, пишува во честитката од Гаши.
Македонија
Вчера 841 сообраќаен прекршок на територија на цела држава, 214 за брзо возење

Во текот на вчерашните активности на полициските службеници од сите осум сектори за внатрешни работи во врска со засилените сообраќајни контроли за почитување на сообраќајните правила и прописи на патиштата низ државава, беа констатирани 841 сообраќаен прекршок. Согласно актуелните статистички трендови по однос на сторените прекршоци и натаму најбројни се прекршоците на непрописно паркирање 270, потоа санкционирани се 214 возачи за возење со брзина поголема од дозволената, како и 82 мерки за возење без возачка дозвола, извести МВР.
„Вчера, покрај ова, изречени се пет мерки за возење под дејство на алкохол, шест санкции за минување на затворен сигнал, а прекршочни пријави заработиле и шестмина пешаци. Исто така по основ на неносење сигурносен појас изречени се 65 санкции, 28 мерки по основ на недозволено користење на мобилен телефон при возење, а санкционирани се и шестмина мотоциклисти заради неносење заштитна кацига. Согласно, пак, Законот за возила од сообраќај се исклучени 17 нерегистрирани возила како и осум технички неисправни возила“, соопшти МВР и додаде дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.
Македонија
„Фамилиите Заеви, Филипче, Мицкоски со заедничка среќна дестинација – бугарски фирми во Петрич“, велат од партијата Левица

„Фамилиите на Филипче, Заев и Мицкоски имаат свои приватни фирми во бугарскиот град Петрич. На ваков начин, коалицијата ДПМНЕ – СДСМ дополнително е споена од бугарскиот пазар и од тактиките за финансирање на партиите преку странски пари, што е кривично дело“, велат од партијата Левица.
„Баџанакот на Мицкоски, Јорданчо Јанев од Струмица, како еден од најблиските соработници на Мицкоски, е сопственик на фирма во Петрич преку која се вртат милиони евра. На адресата на фирмата на Јорданчо во Петрич е регистрирана уште една фирма, чиј сопственик е Дончо Карастоев, прв братучед на баџанакот на Мицкоски.
Венко Филипче има регистрирано фирма за недвижности во Петрич – Бугарија на ул. „Гоце Делчев” бр. 12. На истата адреса се водат и фирми на роднините на Заев, братот и братучедите Вице, Трајче и Бобан Заеви“, соопштуваат од партијата Левица.
„Бугарските газди, роднини на Мицкоски, се јавуваат и како донатори на ДПМНЕ, со илјадници евра уплатени на сметката на партијата и пренасочени на изборни сметки. Наспроти тоа, самопрогласениот патриот Мицкоски, се колнеше дека ќе ја спречи „бугаризацијата“ на Македонија.
Додека СДСМ и ДПМНЕ си делат тендери, функции, „амнестии“ и фирми во Бугарија, Обвинителството ги оправдува, УЈП и Антикорупциската комисија молчат, а парите од македонскиот народ завршуваат во џебовите на домашните предавници со странски интереси“, се додава во соопштението на партијата Левица.