Свет
Нетанјаху ја напушти болницата и покрај противењето на лекарите
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху излезе од болница за да ги повика своите коалициски партнери да го поддржат буџетот за 2025 година.
Нетанјаху, кој се опоравува од операцијата на простата, дојде во Кнесетот и покрај противењето на неговите лекари за да обезбеди усвојување на предлог-законот за буџет со кој се бара зголемување на државните приходи, откако десничарскиот министер за безбедност Итамар Бен Гвир и ултраортодоксните партии рекоа дека можат да гласаат против или да бидат воздржани.
„Денес е важен ден и голема победа за коалицијата“, рече Нетанјаху во изјавата, тврдејќи дека нацрт-законот усвоен од најтенкото мнозинство е клучен за економијата и безбедноста на Израел.
Премиерот ја напушти болничката соба против наредбите на лекарите и го даде, како што се покажа, одлучувачкиот глас во Кнесетот за законот, кој беше усвоен со 59 гласа „за“ и 58 „против“. „Очекувам сите членови на коалицијата, вклучително и министерот Бен-Гвир, да престанат да ја разнишуваат коалицијата и да се закануваат на постоењето на десничарската влада“, рече Нетанјаху во вторникот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Грција не престанува да се тресе: најсилниот земјотрес утрово со јачина од 4,9 степени, десетици семејства чекаат на пристаништето во Санторини
Утрово четири земјотреси се регистрирани во морското подрачје југозападно од Санторини, од кои најсилниот бил со јачина од 4,9 степени според Рихтеровата скала.
Според податоците на Геодинамичкиот институт на Националната опсерваторија во Атина, земјотресите се случиле меѓу три и пет часот наутро, а сите четири сеизмички активности биле окарактеризирани како „слаби“, јавуваат грчките медиуми.
Во последните три дена во регионот помеѓу Санторини, Аморгос и Иос се забележани 550 земјотреси, од кои сите биле посилни од три степени според Рихтеровата скала, а најсилниот бил со јачина од 4,9 степени.
Стравувањата од нови земјотреси предизвикаа паника кај жителите на Санторини, Аморгос и околните острови.
Многумина одлучија да ги напуштат островите, што доведе до голем метеж на пристаништата, а планирани се и дополнителни фериботи и воздушни линии за оние кои сакаат да ги напуштат.
Од безбедносни причини, училиштата на Санторини, Анафи, Иос и Аморгос ќе бидат затворени до петок.
Исто така, за денеска е предвидена средба во Министерството за климатски кризи и цивилна заштита.
На состанокот ќе присуствуваат претставници на локалните власти, Противпожарната бригада, крајбрежната стража, вооружените сили и други надлежни органи.
Официјални лица процениле дека интензивната сеизмичност во регионот може да трае уште неколку дена, па дури и недели, а Манолис Скордилис, професор по сеизмологија на Универзитетот Аристотел во Солун, оцени дека ситуацијата на Санторини е исклучително сериозна и дека се можни земјотреси со јачина над шест степени.
Пристаништето на островот беше во состојба на хаос во мугрите, бидејќи многу семејства чекаа да се качат на траектот за Пиреја. Фериботите Кисамос и Блу Стар Парос сообраќаа на специјални линии.
Според последните податоци, над 9.000 луѓе (жители и туристи) го напуштиле островот, додека во зори сликата од пристаништето Санторини била неверојатна, бидејќи десетици семејства се подготвувале да се качат на бродот.
Свет
Царините на Трамп за Кина стапија на сила, Пекинг веднаш одговори
Министерството за трговија на Кина објави дека воведува царини за неколку производи од САД како одговор на одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп. Кина истовремено објави и други мерки поврзани со трговијата, вклучително и истрага против Гугл, пренесува АП.
Според официјалното соопштение, Кина ќе применува царина од 15 отсто за јаглен и течен природен гас и 10 отсто за сурова нафта, земјоделски машини и автомобили со голем капацитет. Оваа одлука доаѓа како одговор на американските царини наметнати од претседателот Доналд Трамп, кои стапија на сила утрово.
Додека американските и европските берзански индекси беа во пораст по вчерашните добри вести од Канада и Мексико, тие утрово повторно се во пад бидејќи инвеститорите стравуваат од трговска војна меѓу САД и Кина, слична на онаа од првиот мандат на Трамп.
„Мислам дека треба да се навикнеме на ова, еден вид ролеркостер на јавни преговори за царини и други политики“, вели Рос Мејфилд, аналитичар во компанијата Baird.
„Едностраното зголемување на царините на САД сериозно ги крши правилата на Светската трговска организација“, се вели во соопштението на кинеското Министерство за трговија. „Не само што не помага во решавањето на сопствените проблеми, туку и штети на нормалната економска и трговска соработка меѓу Кина и САД“.
Царините од 10 отсто наредена од Трамп за Кина стапи на сила денеска, иако тој планираше да разговара со кинескиот претседател Си Џинпинг во следните неколку дена во обид да ги намали тензиите меѓу двете најголеми светски економии.
Европа
Фон дер Лајен: Ќе ги релаксираме правилата за задолжување доколку земјите-членки трошат за одбрана
Европската комисија е подготвена да примени флексибилност во примената на Пактот за стабилност и раст, кој пропишува фискална дисциплина, доколку земјите-членки финансираат одбранбени проекти од нивните буџети, изјави претседателот на Европската комисија.
„Националните буџети се ограничени со правилата на Пактот за стабилност и раст, но во вонредни времиња е можно да има вонредни мерки и мислам дека живееме во вонредни времиња“, рече Фон дер Лејен на прес-конференција по неформалниот самит на Лидерите на ЕУ, што се одржа, а беше целосно посветен на одбраната и безбедноста.
Пактот за стабилност и раст предвидува дека буџетскиот дефицит на земјите-членки не смее да надминува 3 отсто од БДП, а јавниот долг не смее да надмине 60 отсто од БДП. Најавата на претседателот на Комисијата би значела дека земјите-членки би можеле да имаат уште поголеми дефицити доколку овие средства се наменети за одбранбени проекти.
„Ние во Комисијата ќе размислиме да користиме поголема флексибилност во Пактот за стабилност и раст за да им дадеме повеќе фискален простор на земјите-членки да ги зголемат трошоците за одбрана“, рече фон дер Лајен.
Претседателот на Европскиот совет Антонио Коста рече дека дискусијата на неформалниот состанок се фокусирала на идентификување на приоритетните области во одбраната каде заедничкото дејствување на ниво на ЕУ дава подобри резултати отколку кога земјите-членки дејствуваат поединечно.
„Во денешната дискусија, јасниот фокус беше на воздушната и ракетната одбрана“, рече Коста.
„Денес никој не ја доведе во прашање потребата од заедничка поддршка на проектите за противвоздушна одбрана. Тоа е заеднички интерес на целата Европска унија“, изјави полскиот премиер Доналд Туск, чија земја во моментов претседава со Советот на ЕУ.
На средбата се разговараше и за трансатлантските односи кои се карактеризираат со голема неизвесност поради најавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека ќе воведе царини за производите од ЕУ.
Фон дер Лајен рече дека Европската унија е подготвена решително да одговори доколку тоа се случи.