Македонија
Таравари: Ќе имаме бериќетна година, во иста минута се родени две деца, момче на ГАК и девојче на Клиниката во Чаир

Оваа 2025 година по се изгледа ќе биде бериќетна година, бидејќи во иста минута се родени две деца – првото момче на Клиниката за гинекологија, а второто девојче неколку секунди подоцна на Клиниката во Чаир, кажа денеска министерот за здравство Арбен Таравари. Тој заедно со неговата сопруга Нора, заменик-министерот Јовица Андовски, сопругата на премиерот Мицкоски, како и заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски, Клиниката за гинекологија во Скопје го посетија првороденото бебе – Јаков.
„Ако денот се познава по утрото, можам да кажам дека ќе имаме навистина плодна и бериќетна година, затоа што само една секунда по новата година ние го породивме Јаков. На свет дојде жив машки плод со родилна тежина од 3. 190 грама и 50 см. Мајката е Сања Талевска. Јаков по името навестува убава и јака година, која се надевам на сите ќе ни биде плодна и бериќетна“, рече директорката на Клиниката, Ирена Алексиоска-Папестиев.
Таравари додаде дека оваа 2025 година по се изгледа ќе биде бериќетна година, бидејќи во иста минута се родени две деца – првото момче на Клиниката за гинекологија, а второто девојче неколку секунди подоцна на Клиниката во Чаир.
„Чест ни беше што вака заедно и со Министерството за социјална политика и сопругата на премиерот и директорката ги видовме и мајката и детенцето. И двајцата изгледаат убаво, перфектно, задоволни од услугите кои ги добиле од Универзитетската клиника за гинекологија“, рече тој.
На прашањето, дали има некој неформален натпревар со царски рез да се породи бебе само за да биде прво во новата година, Таравари кажа дека воопшто не верува во тоа.
„Воопшто не верувам во тоа, нашите доктори се професионалци. Битно е што повеќе деца да ни се раѓаат, тоа е најважно. Ние имавме група во која што добивавме информации од двете клиники во Скопје. За среќа, во иста минута добивме информација за породено дете и на Гинекологија и во Чаир, така што да се множат вакви вести да имаме што повеќе новородени деца во секоја минута“, рече Таравари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Крадци корнат бисти од гробишта – по Бутел, бронзена биста украдена и во Ѓорче

Нов случај со кражба на бронзена биста од гробишта бил регистриран во полицијата во текот на вчерашниот ден.
Скопјанка пријавила попладнето дека од гробиштата во Ѓорче Петров со употреба на физичка сила била одземена една бронзена биста.
Само два дена претходно, истото се случи и на гробиштата во Бутел. Тогаш од МВР информираа дека со употреба на физичка сила и подесен алат биле одземени три бронзени бисти.
„Макфакс“ претходно објави и дека во текот на минатата седмица беше откорнатата плоча од споменикот на децата бегалци во паркот „Жена борец“ во Скопје. Украден е релјефот од бакар, мотив на мајка со три деца, прицврстен на постаментот, отстранети се и бронзените букви од натписот „Татковината – копнеж на прогонетите“
Од МВР велат дека се работи на расчистување на случаите.
Македонија
Дрво падна кај Млечен, оштетени три автомобили, скинати кабли од бандера

Дрво попладнево падна на улицата Анкарска кај популано именуваниот реон „Млечен ресторан“.
Паднатото дрво има оштетено три автомобили.
Од Центарот за управување со кризи, информираа дека полицијата е на лице место и настанот е пријавен во ЈП ,,Паркови и зеленило” за да го отстранат паднатото дрво од улицата.
Исто така, дрвото, при паѓањето, има скинато кабли од бандера.
Известени се надлежните институции за санација на скинатите и откачени кабли.
Фото: Илустрација
Македонија
Села му одговори на Таравари: Без доверба и чест нема ниту куќа, ниту врата

Едниот од лидерите на поделената Алијанса за Албанците, Зијадин Села, преку социјалните мрежи му одговори на неговиот поранешен сопартиец, Арбен Таравари за можноста за повторна соработка.
„Според албанската традиција и обичајното право, домот не е едноставно место каде што живееш, туку тоа е име и идентитет! Дали вратата или куќата е голема или мала го прави сопственикот на куќата. Честа, довербата, дадениот и одржан збор и мажественоста се атрибутите кои овој сопственик мора да ги има. А кога ги нема, тоа не се нарекува ниту куќа, ниту врата, а камоли голема“, се вели во објавата на Села.
Таравари претходно вчера рече дека кој сака е добредојден да им се придружи. Одговарајќи на новинарско прашање дали е можно повторно спојување со лидерот на другото крило од Алијанса за Албанците, Зијадин Села, тој изјави: „Јас кажав дека нашата куќа, нашата фамилија е голема, за сите вратите се отворени, така што, кој сака нека повели, добредојден е“.

„Јас кажав дека нашата куќа, нашата фамилија е голема, за сите вратите се отворени, така што, кој сака нека повели, добредојден е“ – Арбен Таравари
Алијансата за Албанците на Таравари одлучи на локалните избори да излезе со посебни листи за општински советници.