Македонија
Во септември почнавме со учебници за сите ученици, во јуни да ја завршиме годината со подобри резултати, порача Јаневска
Министерката за образование и наука Весна Јаневска во новогодишната порака истакна дека новата година ја почнуваме со надежи, очекувања и верба дека ќе биде година за паметење по добро, исполнета со радост и убави случувања.
„Градиме образование на можности, во кое секое дете може да ги реализира своите потенцијали, кое го цени и вреднува придонесот на секој наставник, образование кое сплотува. Во септември почнавме со учебници за сите ученици, во јуни да ја завршиме учебната година со подобри резултати од лани. Тоа е целта на воведувањето едносменска настава и продолжениот престој во училиште, на растот на платите на вработените во училиштата, на реконструирањето и градењето нови училишни објекти, на промените во регулативата, на јакнењето на образовната асистенција и оптимизацијата на училишната мрежа. Во високото образование почнавме со промени кои ќе им понудат на студентите програми какви што бараат на странски универзитети, а нашите професори да можат да се одмеруваат на меѓународно ниво.
За да направиме стабилен воспитно-образовен систем во чии темели се вткаени најдобрите решенија што низ годините дале резултати и да го доградиме со нови решенија што ги бара дигиталното доба, треба да се здружиме сите што сакаме образовен исчекор.
Во новата година да се обединиме и да ги надминеме поделбите, затоа што сите имаме иста желба – нашите деца да добијат образование кое ќе им отвори животни и професионални можности какви што посакуваат“, порача Јаневска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Преминуваме во дела, 2025 година со повисоки пензии, велат од ВЛЕН
„Ние, коалицијата ВЛЕН како дел од Владата, направивме важен чекор кон подобрување на благосостојбата на пензионерите, одлучувајќи за значително зголемување на пензиите од 5.000 денари од март. Ова зголемување, овозможено со законските измени од септември 2024 година, ја одразува нашата посветеност да гарантираме подостоинствен и посигурен живот за пензионерите. Оваа одлука ја отсликува нашата посветеност да се грижиме за оние кои во текот на нивниот активен ангажман дале вреден придонес за нашето општество и економија кои го потрошиле својот потенцијал и енергија без да штедат ништо да дадат многу“, соопшти ВЛЕН.
„Овој чекор доаѓа како резултат на континуираното слушање на барањата на пензионерите и посветеноста на Владата да излезе во пресрет на нивните потреби.
ВЛЕН е свесна и одблиску информирана за економските предизвици со кои се соочуваат пензионерите и затоа е искрено посветен и со висока одговорност дека од никој од нашите пензионери не треба да се двоуми да ги користи пензиските пари за купување лекови или храна. Затоа ги зголемивме пензиите за да бидат доволни и за храна и залекови.
Потсетуваме дека зголемувањето на пензиите е дел од широкиот владин план за зголемување на животниот стандард за сите социјални категории, особено за оние во почувствителни економски ситуации. Оваа посветеност и ветување ја имавме за време на изборната кампања.
ВЛЕН ги уверува граѓаните дека ќе продолжиме посветено да работиме да ги слушаме барањата на пензионерите и да понудиме конкретни решенија кои го подобруваат квалитетот на нивниот живот.
Воедно, им благодариме на сите граѓани за континуираната доверба и соработка и ги повикуваме сите заинтересирани да дадат свои предлози за натамошно подобрување на социјалните политики.
ВЛЕН посветен на граѓанинот. ВЛЕН е посветен на исполнување на ветувањата без никаков компромис!“, се додава во соопштението на ВЛЕН.
Македонија
Најстудено во Берово, најмногу снег на Попова Шапка
Утрово најстудено било во Берово каде што се измерени -6 степени, -5 било во Скопје-Петровец, -4 во Скопје-Зајчев Рид и Тетово, -3 во Крива Паланка, Штип и Струмица, -2 во Велес, Битола и Демир Капија, -1 во Кавадарци, Прилеп и Виница, 0 во Попова Шапка, Претор и Охрид, 1 во Крушево и Маврови Анови, 2 во Гевгелија.
Висината на снежната покривка во 7 часот утрово изнесувала 48 сантиметри во Попова Шапка и 42 во Маврови Анови.
Времето во текот на ноќта и изутринава
Малку до умерено облачно, а утрово по одделни котлини има појава на слаба магла и ниска облачност. Во западните делови, дуваше умерен, на планините повремено засилен ветер од југозападен правец.
Времето денеска
Претпладне студено со појава на слаба магла и ниска облачност по одделни котлини. Преку денот сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб, наместа умерен ветер од јужен правец. Максималната температура ќе достигне од 6 до 12 степени.
Во Скопје претпладне во делови од котлината со појава на слаба магла, преку денот сончево и претежно тивко со мала до умерена облачност. Максималната температура ќе достигне до 7 степени.
Македонија
Денеска е Бадник, ден полн со традиции и радост пред Божиќ
Православните христијански верници во Македонија денеска го слават Бадник, ден пред големиот празник Рождество Христово – Божиќ. Овој празник ја носи радоста на Христовото раѓање и се одбележува со традиционални обичаи.
Одбележувањето на Бадник во Скопје ќе започне пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ и ќе биде организирано од Здружението на граѓани „Одбор за традиционална прослава на Бадник“. Кум на оваа годинашна прослава е Радомир Макеларски, кој ќе го понесе ќупот за Бадник 2025, а здравичар е Атанас Петров, кој на платото пред Соборниот храм ќе ја изрече традиционалната здравица во пресрет на Божиќ.
Во текот на денот, свештениците од Соборниот храм ќе ги осветат нафората и чајот, како и бадникарските гранчиња, кои ќе им се делат бесплатно на присутните. Овие гранчиња, кои годинашните кумови и здравичарот традиционално ги набраа на падините на Водно, се симбол на среќата и здравјето на семејството. Со мотото „Пренеси ја Божиќната радост до секое срце!“, децата на Бадник ќе организираат поворки во Скопје и други градови низ земјата, пејќи ја песната „Вечниот Бог“.
Еден од најзначајните настани во Скопје ќе биде формирањето на најдолгата бадникова поворка, која ќе тргне пред Музејот на Град Скопје и ќе се движи низ улицата „Македонија“. Поворката ќе заврши на Плоштадот во Скопје, каде што ќе се одржи голем Божиќен концерт и креативни работилници за децата, на кои секое дете ќе може да изработи своја ѕвезда, што ќе ја зачува за следната година. За сите деца ќе бидат подготвени повеќе од 3.500 коледарски пакетчиња.
Во текот на Бадниковата вечер, семејствата го почитуваат обичајот на заедничка вечера. Трпезата е богата со посни јадења, а домаќинот ја благословува пред да почне вечерата.
Обичајот бара дел од храна да се остави за Бога и куќата. За здравје на семејството, во огнот се става бадниково гранче, што се смета за најздраво дрво. Гранчињата се украсуваат во домовите, како симбол на среќата, љубовта и светлината, кои треба да ја исполнат нивната празнична атмосфера.
Овие обичаи го носат духот на Божик и ја потврдуваат радоста и заедништвото кои се основа на празнувањето на Христовото раѓање.