Македонија
Сиљановска-Давкова со надеж дека 2025 година да биде година на мировни процеси кои ќе се почитуваат
Претседателката и Врховен командант на вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова придружувана од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, денес ги посети припадниците на Армијата во касарната „Јане Сандански“ во Штип.
Сиљановска-Давкова во оваа прилика им ги честита новогодишните празници на ангажираните припадници на Армијата, при што изврши обиколка на тактичко техничкиот збор каде беше изложена опремата и вооружувањето со кое располага 2.пешадиски баталјон (2.пб).
Во рамки на посетата Сиљановска-Давкова од страна на командантот на 2.пб беше информирана за состојбата во единицата, нејзината мисија и задачи кои истата ги исполнува.
Претседателката во своето обраќање до припадниците на Армијата истакна „Знам дека сте почитувани, знам дека сте славни, и мило ми што сум овде меѓу Вас и продолжуваме една убава традиција“. Воедно, нагласи дека изложената оопрема е доказ дека Армијата го одржува чекорот со најсовремените армии и дека се надева 2025 година да биде година на мировни процеси кои ќе се почитуваат.
Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, во оваа прилика наведе дека војниците се високо мотивирани и спремни за изведување на своите задачи, притоа посакувајќи им успешна година.
На крајот од посетата,Сиљановска-Давкова на 2.пб им подари видео проектор и присуствуваше на заедничкиот ручек.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Мали остатоци од снег има на планинскиот превој од (село Лисец – Попова Шапка) кои се задржани на коловозот, извести АМСМ.
Врнежи од снег со слаб интензитет има на патниот правец (Крива Паланка – г.п.Деве Баир) кој не се задржува на коловозот и намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 30 метри, Ѓавато до 100 метри и планинскиот превој Крушево до 40 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд. Претпладне, врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и во некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен, а попладне наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа седмица следува период на претежно облачно време со повремени врнежи од дожд, кои на повисоките планини, ќе преминуваат во врнежи од снег. Повремено наместа врнежите ќе бидат пообилни. До сабота ќе дува југоисточен и југозападен ветер, а во недела ветерот ќе го смени правецот и ќе дува засилен северен ветер.

