Европа
Маж и жена, двајцата научници, загинаа во руски напад врз Киев
Ихор Зима и Олесија Сокур, маж и жена кои и двајцата беа научници, беа убиени во вчерашниот руски напад врз Киев.
„Брачен пар беше убиен од Русија во утринскиот напад на Киев на првиот ден од новата година. Истакнатиот невробиолог Ихор Зима и неговата сопруга, биологот д-р Олесија Сокур, беа трагично убиени во напад на непријателски дрон”, напиша на Фејсбук украинскиот министер за образование и наука Оксен Лисовиј.
„Двојката го посвети речиси целиот свој живот на науката, работејќи долги години на Институтот за биологија и медицина на Националниот универзитет Тарас Шевченко во Киев“, додаде тој. На веб-страницата на Институтот за биологија и медицина при Националниот универзитет Тарас Шевченко во Киев, се наведува дека др. Ихор Зима беше виш истражувач и вонреден професор по биологија.
Фрагменти од руски дрон што вчера беше соборен од украинската противвоздушна одбрана паднаа врз станбена зграда во областа Печерск, во историскиот центар на главниот град. Урнатините ги уништија двата горни ката од зградата и предизвикаа пожар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Пет милијардери ја покренуваат руската воена машина
Хемиските фабрики основани или во сопственост на богати Руси снабдуваат фабрики за експлозиви користени од руската војска за време на војната во Украина. Ројтерс идентификуваше пет хемиски компании, во кои пет милијардери под западни санкции имаат удел, кои снабдувале повеќе од 75 отсто од клучните хемикалии за најголемите фабрики за експлозиви во Русија.
Меѓу петте милијардери се Роман Абрамович, поранешниот сопственик на фудбалскиот клуб Челзи и Вагит Алекперов, кој Форбс во април го прогласи за најбогат Русин со имот од 28,6 милијарди долари. Компанијата Евраз, во која Амбрамовиќ има удел од 28 отсто, вели дека испорачува хемикалии „само за цивилна употреба“. Лукоил на Алекперов одговори дека „не произведува експлозиви или други сродни компоненти“.
Ана Нагурни, професорка на Универзитетот во Масачусетс, која ги проучува синџирите на снабдување поврзани со војната во Украина, вели дека петте компании и помогнале на Москва не само со обезбедување на основни хемиски состојки за муниција, туку и со заработка на многу потребната девиза преку извоз на цивилни производи како што се ѓубриво.
„Овие компании можеби работат како цивили, но тие ги поддржуваат воените напори“, рече Нагурни.
За да се утврди од каде руските фабрики за муниција ги добиваат своите суровини, Ројтерс го анализираше движењето на повеќе од 600.000 железнички пратки кои превезуваа хемикалии потребни за производство на експлозиви од февруари 2022 до септември 2024 година. Податоците покажаа дека компаниите на милијардерите снабдувале пет фабрики за експлозиви и барут во Русија која е под западни санкции. Фабриките се подружници на рускиот државен производител на оружје и автомобили Ростек.
Милијардерите под санкции, компаниите не
Томас Клапотке, професор по енергетика на Универзитетот во Минхен, кој му помогна на Ројтерс да ги анализира податоците, рече дека суровините имаат многу потенцијални употреби, но и дека доаѓањето на вагони со хемикалии потребни за производство на експлозиви во одредени капацитети јасно укажува за што се работи. Анализата дава нов доказ дека западната стратегија за воведување санкции кон Русија не успеа да го ограничи нејзиното воено производство.
Додека самите милијардери се под западни санкции, хемиските компании во голема мера избегнаа големи финансиски казни или забрани за увоз на критични стоки од САД или Европската унија. Најголем дел од производството на овие хемиски погони е поврзано со цивилни производи како што се ѓубрива кои се клучни за земјоделството. Долгогодишната западна политика ја ослободува храната од санкции за да спречи глад и дипломатски реакции од земјите во развој.
Питер Харел, поранешен висок функционер во Белата куќа, кој работеше на санкциите против Русија во текот на првата година од војната, а сега е соработник во Фондацијата Карнеги за меѓународен мир, вели дека можеби е време да се преиспитаат тие одлуки од 2022 година сега кога нациите кои порано се потпираа на Украина и Русија, имаа време да најдат алтернативни извори за пченица и вештачко ѓубриво.
Сепак, Маниш Н. Раизада, професор по земјоделство на Универзитетот во Гелф во Канада, предупреди дека воведувањето санкции за руските хемиски компании може да загрози стотици милиони мали фармери, со мало економско влијание врз Русија.
Одговарајќи на прашања за хемиските компании, портпаролот на Европската комисија рече: „Ние активно ги истражуваме опциите за дополнително зголемување на притисокот и затворање на дупките во законот за да избегнеме негативни импликации за безбедноста на храната“.
Тој нагласи дека сите мерки ќе следат само по внимателна анализа на ефективноста на мерките и нивното влијание врз европските компании. Сепак, тој истакна дека санкциите на ЕУ веќе ќе важат за компаниите, дури и ако тие не се посебно означени, ако се контролирани или во сопственост на санкционирано лице.
Еурохем: Не произведуваме за воени цели
Војната во Украина стана артилериски дуел во кој недостатокот на високоексплозивни средства на располагање на НАТО и Украина им овозможи на руските сили да напредуваат оваа година. Москва инвестира многу во военото производство и се обидува да ги надополни резервите на муниција. Во 2024 година Русија произведе околу 2,4 милиони артилериски гранати и увезла три милиони од Северна Кореја.
Меѓу споменатите пет фабрики за муниција е и огромната фабрика Свердлов. Фабриката е единствениот значаен руски производител на пластични експлозиви HMX и RDX, кои се користат во артилерија и проектили.
Две фабрики со кои управува Еурохем – на рускиот милијардер Андреј Мелниченко – го снабдуваат Свердлов со хемикалии. Еурохем е еден од најголемите светски производители на минерални ѓубрива. Нејзината фабрика за азот Невиномиски во југозападна Русија испрати најмалку 38.000 метрички тони оцетна киселина во Свердлов за време на украинската војна. Друг објект на Еурохем, испрати речиси 5.000 метрички тони азотна киселина во Свердлов во истиот период. За производство на HMX и RDX се користат и оцетна и азотна киселина.
Според пресметките на Ројтерс, 5.000 тони азотна киселина би можеле да се искористат за производство на 3.000 тони RDX, доволно за да се наполнат 500.000 артилериски гранати со голем калибар.
Еурохем одговори дека извештајот на Ројтерс содржи „бројни материјални фактички грешки“. „Еурохем не е дел од одбранбениот сектор на руската економија и ниту еден од нашите производи не е наменет за воени цели“, се вели во соопштението на компанијата чие седиште е во Швајцарија.
Еурохем додаде дека секоја сугестија дека Мелниченко ја контролира компанијата е лажна. Милијардерот, за кој Форбс вели дека вреди 17,5 милијарди долари, го ставил својот контролен удел во Еурохем во фондацијата на неговата сопруга. Тоа беше откако ЕУ и НАТО му воведоа санкции по инвазијата на Украина. Во соопштението за печатот се наведува дека 97% од производството на Еурохем е ѓубриво, а компанијата испорачува други индустриски производи, вклучително и хемикалии, на голем број клиенти во Русија и во странство.
Друг голем производител на ѓубрива, Уралхем, основан од санкционираниот милијардер Дмитриј Мазепин, испрати повеќе од 27.000 метрички тони амониум нитрат до Свердлов. Амониум нитрат се користи за производство на HMX и RDX, а исто така се меша со ТНТ за да се направи експлозив наречен Аматол. Уралхем, исто така, испорача на Свердлов 6.000 метрички тони азотна киселина од фабриката за азотни ѓубрива во Березники.
Две други државни фабрики за муниција, фабриката за барут Тамбов и фабриката Казањ, добија пратки со киселини од Уралхем. Минатата година, Уралхем ги снабдуваше фабриките Свердлов, Тамбов и Казањ, како и државната фабрика за барут Перм.
Фабрика за челик во Сибир во сопственост на компанијата Евраз, која котира на лондонската берза, испорача 5.000 метрички тони толуен – состојка за ТНТ – во фабриката Бијск Олеум. Британската влада воведе санкции против Евраз во 2022 година, тврдејќи дека испорачувала челик на руската војска. Во соопштението, Евраз наведе дека испорачува толуен само за цивилна употреба.
Ројтерс идентификуваше две други компании поврзани со милијардерите кои снабдуваат хемикалии во фабриките за муниција. Фабриката за бакар Среднеуралск (SUMZ) основана од металуршкиот магнат Искандер Махмудов, произведува олеум – познат и како дисулфурна киселина – кој се користи во фабриките за барут Тамбов, Казањ и Перм.
Европа
Макрон: Киев треба да биде реален за територијалните прашања
Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека Украина треба да биде „реална“ кога станува збор за територијални прашања во какви било идни преговори за ставање крај на војната со Русија. „Украинците мора да водат реални разговори за територијални прашања“, рече Макрон на средбата со француските амбасадори.
Киев одамна јавно кажа дека има намера да ја врати целата територија што Русија ја зазеде низ годините. „Нема да има брзо или лесно решение во Украина“, рече Макрон.
САД треба да им помогнат на Европејците да ја убедат Русија да дојде на преговарачка маса, додаде тој. Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, кој ја презема функцијата на 20 јануари, изјави дека сака што побрзо да стави крај на руската војна во Украина.
Европа
Поправени финските телекомуникациски кабли во Балтичкото Море
Финската Елиса денеска објави дека ја завршила поправката на двата подводни телекомуникациски кабли кои беа оштетени на 25 декември во Балтичкото Море.
На 26 декември, Финска го заплени танкерот Eagle S што превезуваше руска нафта поради сомневање дека го оштетил подводниот кабел за напојување „Естлинк 2“ меѓу Естонија и Финска и четирите телекомуникациски кабли на Божиќ со влечење сидро на морското дно.
„Двата кабли на Елиса сега се поправени“, изјави портпаролот на финската телекомуникациска групација, додавајќи дека и двете линии биле прекинати.
Eagle S беше донесен во заливот во близина на финското пристаниште Порво, каде што полицијата моментално собира докази и го испрашува екипажот.
Поправките на кабелот за напојување „Естлинк 2“, кој беше оштетен заедно со телекомуникациските кабли, се очекува да траат околу седум месеци, соопштија операторите „Фингрид“ од Финска и „Елеринг“ од Естонија.