Економија
Koчо Анѓушев за „Економист“ – 2025: Работиме на енергетски решенија што ќе се бараат по пет години
Интервју на Кочо Анѓушев, сопственик и генерален директор на ФЕРОИНВЕСТ и БРАКО, за македонското издание на лондонскиот магазин Економист-Светот во 2025 година.
-Г-не Анѓушев, на прагот сме на новата година, кои се вашите очекувања за економска 2025?
2025 година поради состојбата во Европа ќе биде тешка за Македонија и македонската економија и за сите компании кои се врзани со европскиот пазар заради тоа што во Европа, за жал, станува рецесија во индустријата и голем број компании ја намалуваат својата активност од разни причини.
Во Македонија, на долг рок може да издржи индустрија која ќе прави производи со додадена вредност и производи со доволно голем квалитет за да може да се спротивстави на целиот свет.
– Како врз Вашите компании влијаеја инфлацијата, високите каматни стапки, економското забавување и геополитичките конфлитки во 2024г?
„Феро Инвест“ се занимава со две главни дејности, едната е метална индустрија , другата е енергетика, и во двете дејности влијанието беше-различно.Но најмногу негативно влијание се почувствува во металната индустрија односно во фабриката „Брако“ која е извозно ориентирана и тоа над 95% од своето производство.
Се почувствува дека во Европа економијата е значително забавена посебно во металната индустрија, машини, автоматизација, дека инвеститорите се многу воздржани така што наши клиенти кои се со генерации големи и познати фирми , нивната продажба се намали и над 50% во споредба со претходни години, а со тоа и нивните нарачки кон нас. Ние тоа се обидовме да го компензираме со зголемување на продажбата на возилата и да влегуваме на што повеќе пазари.
Но, се на се, успеваме да се справиме со предизвиците поради тоа што имаме дисперзирани производи, голем број на производи, различни производи,учество на голем број пазари, „Брако“ извезува во 60 држави, и на тој начин успеавме да одржиме континуитет во производството и овие услови да ги преживееме.
– Ако традиционалните европски пазари забавуваат, каде Вие ги гледате потенцијалите за поголем извоз?
Треба да се оди кон пазарите кои можат да купат.
„Брако“ со возилата за чистење ,„Грин Машинс“ претходната година влезе на два пазари што не се традиционални за македонската економија. Тоа е пазарот во Мексико, која е земја во развој, земја каде се пресели голем дел од производството од САД и од Канада. Исто така, Саудиска Арабија. Во главниот град Ријад продадовме над 40 возила.Тука се и Индонезија, Тајланд итн.
– Кој е вашиот пристап за да држите примат во областа на енергетиката и технолошките решенија?
Јас сум инженер, и во мојата работа секогаш го комбинирам инженерско знаење, мојата страст за иновации и страст да изнаоѓам нови решенија, и многу важно-ја согледувам големата слика, бидејќи ништо не важи само за една земја, особено во енергетиката.
Таа е работа која што е, јас би рекол, и континентална, зборувам за Европа, и во таа смисла морате да можете да ги предвидите трендовите.
Ние уште пред две години почнавме да работиме на батериските системи кои што сега стануваат актуелни.
А уште од сега најавуваме дека во иднина, во следните 5 – 6 години ќе треба да се размислува на интегрирани, вертикални, компактни енергетски решенија. Да речеме на закуп на складирање, закуп на фотоволтаици, на виртуелни производители, виртуелни електрани, сето тоа може да звучи малку апстрактно, но ние во Фероинвест сме поприлично сигурни дека работата ќе оди во тој правец.
-Кои се најновите проекти на Феро Инвест поврзани со обновливите извори на енергија?
Батериските системи за складирање на електрична енергија, и тоа на четири нивоа. Едно ниво за домаќинства, оние домаќинства кои што трошат во четвртата група каде цените се највисоки, а тоа се поголеми куќи, поголеми објекти. Втората група се фабрики, кои што имаат поставени фотоволтаици, или пак се уште немаат, но тие својата потрошувачка на електрична енергија ја оптимираат по цена и количина. Понатаму, фотоволтаични електрани изградени на земја, па да се надградат со батериски системи, или веднаш новите електрани што се градат да се изведуваат веќе со батериски системи во нив, и тоа е третата група. И последно, да се прават само сториџи, односно клиентот да прави енергетски сториџ (склад) за свои потреби. Последните две ќе ги почекаат законските решенија за да можат да се градат во Македонија.
(ПР)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
МФ: Утре завршува рокот за запишување граѓански обврзници од третата емисија, каматата 4,5%, рочноста 2 години
Граѓаните имаат можност да запишат граѓански обврзници од третата емисија во деловните банки во земјава уште два дена, односно денеска и утре, извести Министерството за финансии.
Граѓанските обврзници oд оваа емисија се со рок од 2 години и каматна стапка од 4,5% годишно. Износот на една граѓанска обврзница којашто граѓаните можат да ја запишат е 10.000 денари. Проспектот е објавен на износ од 100 милиони денари. Понудите се доставуваат во деловните банки во земјава. Аукцијата ќе се одржи на 12 декември.
Датумот на достасување на обврзниците од оваа емисија е 19 декември 2027 година, а каматата за исплата достасува за првата година на 19 декември 2026 и за втората година на 19 декември 2027 година.
Економија
УЈП: Секоја четврта контрола открива неиздавање фискална сметка
Управата за јавни приходи (УЈП) спроведува засилени контроли во пресрет на новогодишните и божиќните празници, со особено внимание на ресторани, кафе-барови, дискотеки, сендвичари и други угостителски објекти.
Пред контролите, УЈП реализирала околу 3.500 советодавни посети, овозможувајќи време за отстранување на најчестите неправилности кај фискалните уреди, како што се несоодветна адреса, оштетени пломби или недостасување на налепница од сервисер. Дополнително, инспекторите проверувале и неуплаќање на дневниот промет во банка и неводење на книгата на дневни финансиски извештаи.
„Истовремено, УЈП спроведе детални анализи на податоците од ГПРС системот, теренските контроли и ДДВ пријавите. Резултатите покажуваат ризично однесување кај некои субјекти кои особено ќе бидат таргетирани за контрола: низок или идентичен регистриран дневен промет, отстапки на регистрираниот промет од капацитетот на локалот, разлика меѓу прометот во фискалните каси и пријавениот во ДДВ-пријавите и др.“, информираат од Управата за јавни приходи.
До крајот на ноември УЈП извршила околу 4.000 контроли. Изречени биле околу 2.500 глоби, а запечатени над 100 локали.
„Секоја четврта контрола открива неиздавање фискална сметка – појава што значи неевидентиран промет, загуби за буџетот и нелојална конкуренција. Казнетите обврзници добија персонализирани повици за корекција на пријавите и пријавување на прометот. Доколку не постапат, следуваат дополнителни контроли со индиректни методи“, велат од УЈП.
Економија
Најважната задача која пред себе ја имаме е да го подобриме животот на граѓаните, рече Мицкоски
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешниот 18-ти Конгрес на партијата кој се одржува во спортскиот комплекс „Јасмин” во општина Кавадарци под мотото „Визија што гради држава – За генерацијата што доаѓа 2030“, имаше свое обраќање во кое се осврна на темата за стандардот. Тој истакна дека треба да се работи на системски мерки и решенија, а воедно и дека економијата треба да се раздвижи и домашните компании да се поддржат затоа што, како што вели тој, тие се рбетот на стопанството.
„Најважната задача, која пред себе ја имаме, е да го подобриме животот на граѓаните. Свесен сум дека нашиот народ живее тешко. Ние изминатите нешто повеќе од година и половина власт го посветивме на изградба на темели кои ги затекнавме разрушени. Но од годината што следи нашата основна задача е жилава борба за стандардот на граѓаните. За подобар живот и за создавање на систем кој нема да зависи од субјективните карактеристики на поединецот, туку од моралниот кодекс на заедницата. Систем кој служи на општеството и на она што претставува наша заедничка цел секој човек да има повеќе, да има повеќе пари, повеќе среќа и повисок стандард“, рече Мицкоски.
Мицкоски истакна дека и покрај намалениот наталитет, радува последниот податок на раст на бројот на новороденчиња во земјава. Тој посочи дека треба да се работи на системски мерки и решенија.
„Потребно е младите да ја добијат вистинската шанса која нема да зависи од политичката или било каква друга припадност, освен од сопствените капацитети и способности. Мора да го подобриме образованието. Знаењето и наобразбата е најважниот и најсигурниот клуч за излез од сиромаштијата. Економијата мора да се раздвижи дополнително, иако до сега се раздвижи најмногу во последната деценија, а домашните компании да се поддржат затоа што тие се рбетот на стопанството. Имаме тешка задача да се бориме против нашето исчезнување како држава и народ, а тоа е демографијата и намалениот наталитет. Радува последниот податок на раст на бројот на новороденчиња, но далеку сме од она што треба да биде вистински мотор на општеството, човечкиот фактор. И затоа треба да работиме на системски мерки и решенија. Помалку луѓе значи послаба економија. Послаба економија значи незадоволни луѓе. Така ја губиме државата. А ние сме премали за да се раситнуваме во секој поглед“, кажа Мицкоски и дополни:
„И кога ја говорам оваа тема за зголемен наталитет, мора да се даде одговор на две клучни прашања. Да се има чувство и грижа за оние кои имаат потешкотии да имаат свој пород, и државата ќе направи се за да помогне за зголемена и подостапна медицинска грижа. И второто прашање е да се помогне младите парови да стигнат до свој дом, затоа што навистина цените на недвижностите се нереални и свесен сум дека претставуваат голема грижа за многу луѓе“.

