Македонија
Дали Дранго има забрана за користење оружје и дали му е одземено во предходна постапка, прашува „Анима мунди“

„Веста дека од страна на битолското Обвинителство е отворен предмет поради фотографијата на заменик-директорот на ‘Македонијапат’, Сашо Дранго, фотографиран со застрелана мечка, животно со највисок степен на заштита во Македонија, е добар чекор кон разрешница доколку сакаме да се наречеме правна држава“, велат од „Анима мунди“.
„Преку дадените изјави Сашо Дранго ја инволвира и институцијата во која е функционер, како и луѓето што работат таму, а кои нема да дозволиме да послужат како параван.
Имајќи предвид дека во билтенот на МВР не постои податок на сообраќајна несреќа со мечка за декември, како и дека во случај на таква постапка има строго дефинирана процедура во согласност со Законот за дивечот и ловството и Законот за заштитата и благосостојбата на животните, не смее да се постапува без МВР; како и дека мечката не е на пат, туку во шума и дека толку големо животно нема начин да се поместува за фотографирање, освен доколку е штотуку убиено, невкочането (сѐ уште топло), очекуваме брзо согледување на реалната состојба, брзо постапување и најстрога казна.
Бараме да се провери дали во декември постои пријава за убиство на мечка во некоја од надлежните институции или во ОЈО. Доколку има пријава, дали службеници од МВР и пратеници се труделе да го скријат случајот?
Воедно, бараме од министерот за внатрешни работи да провери и да ја информира јавноста дали Дранго, кој на фотографиите го гледаме во ловечка униформа, вооружен со снајпер и двоглед, има забрана за користење оружје и дали му е одземено во претходна постапка, т.е. дали овој снајпер што го гледаме сите е држен спротивно на законот?“, прашуваат од „Анима мунди“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Сиљановска Давкова: Не сум се фотографирала со восочни фигури на Доналд и Меланија Трамп

Фотографијата објавена на моите официјални профили на социјалните мрежи, на којашто сум заедно со претседателот на САД, Доналд Трамп, е автентична и направена во Њујорк за време на свечениот традиционален прием организиран од претседателот Трамп и неговата сопруга, Меланија Трамп, реагираше претседателката на државата Гордана Сиљановска – Давкова.
– Написите на одредени медиуми дека станува збор за фотографија со восочна фигура се целосно неточни, злонамерни и со јасна тенденција за дискредитација, вели таа.
Сиљановска – Давкова упати апел до медиумите за професионално, одговорно и чесно информирање на јавноста, со почитување на вистината како највисок демократски принцип.
Македонија
Денес дожд и температура од 13 до 21 степен

Времето во текот на денот се очекува да биде претежно облачно со повремени врнежи од дожд, наместа пообилни, проследени со ретки грмежи.
Според синоптичарите, ќе дува слаб со умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 15, а максималната ќе достигне од 13 до 21 степен Целзиусов.
Во Скопје, се очекува претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Според најавите, ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 14, а максималната ќе достигне до 19 степени Целзиусови.
Локални врнежи од дожд се најавени и за утре, а потоа во следните два дена да биде претежно стабилно.
Од четврток се очекува нов влажен и постуден бран со пообилни врнежи од дожд и со значително опаѓање на температурата.