Свет
Зеленски: Русија за 3 дена нѐ нападна со над 30 дронови и над 20 ракети
Русија во првите три дена од 2025 година изврши повеќе од 300 напади со дронови и лансираше околу 20 ракети, вклучително и балистички, врз територијата на Украина, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски на својот канал на „Телеграм“, пренесува Укринформ.
„Нашите сили успеаја да соборат или да ги неутрализираат со електронска војна значителен дел од овие напади. Но, за жал, имаше цели кои беа погодени, а со тоа и повредени и загинати. Изразувам длабоко сочувство до семејствата и пријателите на жртвите“, рече Зеленски.
Тој додаде дека руските сили секојдневно извршуваат напади со насочувани авионски бомби, кои предизвикуваат дополнителни штети и жртви.
Претседателот Зеленски нагласи дека континуираниот руски терор бара засилување на воздушната одбрана на Украина. „Потребен е развој од модерни системи како ‘Патриот’ до мобилни противпожарни тимови, за да можеме да одговориме соодветно на овие закани,“ истакна тој.
Воедно, Зеленски упати благодарност до сите меѓународни партнери за нивната поддршка и потенцираше дека е неопходно континуирано снабдување со системи за противвоздушна одбрана, како и зголемување на капацитетот на мобилните тимови за справување со нападите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Членките на НАТО треба да трошат 5 отсто за одбрана
Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп денеска изјави дека земјите од НАТО треба да потрошат пет отсто од својот бруто домашен производ (БДП) за одбрана, во споредба со сегашната цел од два отсто.
„Секој може да си го дозволи тоа, но тие треба да бидат на 5 отсто, а не 2 отсто“, рече тој за време на прес-конференцијата во неговото одморалиште Мар-а-Лаго на Флорида.
„Јас сум тој што ги натера да платат 2 отсто“, продолжи тој.
Трамп, кој се враќа во Белата куќа на 20 јануари, долго време беше критичар на НАТО, тврдејќи дека многу европски членки не сакаат да плаќаат за сопствената одбрана, туку се потпираат на американските даночни обврзници.
Свет
Волстрит журнал: Америка во преговори со Талибанците за размена на затвореници
Администрацијата на Бајден преговара со Авганистан за размена на Американците притворени во земјата за најмалку еден затвореник од висок профил во заливот Гвантанамо, наводно поврзан со поранешниот лидер на Ал Каеда, Осама бин Ладен, објави Волстрит журнал.
Претставниците на Белата куќа и Стејт департментот на САД не одговорија веднаш на барањето за коментар за извештајот. Претставниците на авганистанските талибанци, исто така, не реагираа.
Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден бара враќање на тројцата Американци уапсени во 2022 година – Рајан Корбет, Џорџ Глезман и Махмуд Хабиби – во замена за Мухамед Рахим ал Авгани, објави ВЖ.
Корбет и Хабиби беа приведени во одделни инциденти во август 2022 година, една година откако талибанците го зазедоа Кабул поради хаотичното повлекување на САД. Глезман беше уапсен подоцна во 2022 година додека бил на туристичка посета.
Преговорите се водат од јули, според весникот, кој цитира извори кои присуствувале на доверлив брифинг минатиот месец на Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом со советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан.
Свет
Трамп: Не исклучувам испраќање војници да ги окупираат Гренланд и Панамскиот канал
Новоизбраниот претседател Доналд Трамп денеска зборуваше од неговата резиденција во Мар-а-Лаго, Флорида и одговараше на прашања на новинарите.
„Можете ли да му дадете на светот гаранција дека нема да употребите економска или воена сила во вашите обиди да ја преземете контролата врз овие области? го праша новинарот.
„Не“, кратко одговори Трамп. Неговата неочекувана изјава доаѓа две недели пред повторно да влезе во Белата куќа на 20 јануари.
„Можете ли да ни кажете малку повеќе за тоа кој е вашиот план? Дали ќе преговарате за нов договор? Дали ќе побарате од Канаѓаните да одржат гласање? Која е стратегијата? продолжи новинарот.
„Не можам да ви гарантирам. Зборувате за Панама и Гренланд. Не можам да ви гарантирам за нив. Но, можам да кажам дека ни се потребни за економска безбедност. Панамскиот канал е изграден за војската“, посочи Трамп.
„Нема да се обврзам на тоа“, повтори тој, на прашањето дали би ја исклучил употребата на војската.
„Можеби ќе треба да направиме нешто. Панамскиот канал е од витално значење за нашата земја. Со него управува Кина. Ние го дадовме Панамскиот канал на Панама, не и го дадовме на Кина“, нагласи тој.
Панамскиот канал е воден пат што ги поврзува Атлантскиот и Тихиот Океан, изграден од САД на почетокот на 20 век. Каналот и беше предаден на Панама во 1999 година со договор од 1977 година.
Трамп во последниве недели предизвика контроверзии со неговите предлози за територијално проширување на САД.
Тој ја оживеа својата претходна идеја за купување на Гренланд, се закани дека ќе ја преземе контролата врз Панамскиот канал, па дури и предложи припојување на Канада кон Соединетите држави, опишувајќи го тогашниот канадски премиер Џастин Трудо како „гувернер на Големата држава Канада. ”
Гренландскиот премиер Муте Буруп Егеде неодамна изјави дека „Гренланд не е на продажба и никогаш нема да биде“, додека данската влада изрази подготвеност да соработува со новата американска администрација, но без отстапки во однос на територијата. Трамп потоа ја повтори важноста на Гренланд за националната безбедност на САД, нарекувајќи ја сопственоста на островот „апсолутна неопходност“.
Трамп исто така рече дека ќе бара враќање на Панамскиот канал под американска контрола доколку Панама не ги намали трошоците за американските бродови. Панамскиот претседател Хозе Раул Мулино ја отфрли можноста, нагласувајќи дека „секој квадратен метар од каналот и припаѓа на Панама“.
Трамп одговори на социјалните мрежи, објавувајќи слика од американското знаме над каналот со порака: „Добредојдовте во каналот на САД!