Свет
Киев го налути Путин, тој најави одмазда поради употребата на американските ракети „ATACMS“
Русија денеска вети дека ќе ѝ возврати на Украина откако претходниот ден истрела американски ракети „ATACMS“, тип на напад што претставува црвена линија во конфликтот за Кремљ.
„Оние акции на режимот во Киев, кои се поддржани од неговите западни тутори, ќе бидат предмет на одмазда“, предупреди руската војска во соопштението.
Во последниве недели, рускиот претседател Владимир Путин предупреди дека ќе ѝ нареди на својата војска да го гаѓа центарот на Киев како одговор на украинските напади со американските ракети „ATACMS“ или британските проектили „Storm Shadow“, но досега тој не го следел.
Претходно денеска руската армија соопшти дека претходниот ден при тој напад пресретнала осум ракети „ATACMS“ насочени кон руската област Белгород, која е на границата со Украина, и 72 беспилотни летала.
Руската армија не прецизира дали во нападот има жртви или материјална штета.
Во ноември, администрацијата на американскиот претседател во заминување Џо Бајден ја одобри употребата на тие ракети од страна на Киев по долго противење, одговарајќи на извештаите за пристигнувањето на севернокорејските трупи за поддршка на Русите.
Оттогаш, Киев изврши повеќе напади користејќи ги тие проектили со долг дострел, како и британските ракети „Storm Shadow“.
Русија возврати со пукање за првпат со експериментално хиперсонично оружје „Орешник“ и вети дека ќе одговори секогаш кога Украина ќе изврши напад на руска територија со такво оружје.
Дојдениот американски претседател Доналд Трамп, кој се враќа во Белата куќа на 20 јануари, во средината на декември изјави дека се противи на употребата на американските ракети „ATACMS“ од страна на украинската војска, тврдејќи дека тоа води кон интензивирање и ескалација на конфликтот.
Во два одделни напади во близина на границата со Украина, две лица се ранети во напад на украински дрон врз градот Шебекино, изјави гувернерот на руската област Белгород, Вјачеслав Гладков.
Најмалку десет лица се ранети во украинскиот напад на линијата на фронтот во градот Горливка, на територијата окупирана од Москва на истокот на Украина, изјави градоначалникот Иван Приходко.
Северно од таму, руската армија објави дека го освоила малиот град Надја во областа Луганск во Украина, кој го анектираше во 2022 година и кој го контролира речиси целосно.
Четири лица се ранети во напад на руски дрон на југот на Украина, изјави шефот на градската воена управа на големиот град Керсон, Роман Мрочко.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп го предупреди Иран да не возвраќа на нападите извршени од САД и Израел
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска го предупреди Иран да не возвраќа на нападите извршени од САД и Израел.
„Иран штотуку изјави дека денеска ќе удри многу силно, посилно отколку што некогаш удриле претходно“, напиша Трамп на Truth Social.
„Подобро да не го прават тоа“, нагласи тој.
Доколку тоа се случи, САД ќе возвратат „со сила што никогаш претходно не е видена!“, додаде американскиот претседател.
Вчерашните напади беа насочени кон клучни локации каде што се состанувало иранското раководство, при што беа убиени највисоки функционери, вклучувајќи го иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи, министерот за одбрана и шефот на Корпусот на исламската револуционерна гарда, соопшти израелската војска.
Нападите, во кои загинаа повеќе од 200 луѓе според Црвената полумесечина, предизвика одмазднички удари врз Израел и американските воени сили стационирани на Блискиот Исток.
Свет
Гори Блискиот Исток, експлозии и денеска се слушаат во арапските држави во Заливот
Експлозии денеска повторно се слушнаа во арапските држави во Заливот, по убиството на иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи, во американско-израелските напади.
Очевидци во катарскиот главен греад Доха известија дека утрово слушнале неколку силни детонации. Катарскиот информативен канал „Ал-Џезира“ објави за најмалку 11 експлозии во Доха.
Експлозии беа пријавени и во Манама, главниот град на Бахреин. Очевидци известија дека слушнале најмалку четири силни детонации. Во овој контекст, на социјалните мрежи беа споделени слики од погоден и оштетен хотел во Манама. Тие првично не можеа да бидат независно проверени, нагласува ДПА.
Техеран ги нападна американските воени бази во регионот повеќепати по почетокот на вчерашните американско-израелски напади врз Иран.
Во арапските заливски држави има илјадници американски војници.
Свет
Техеран ја потврди смртта на врховниот лидер Али Хамнеи и објави 40 дена жалост
Иранскиот државен радиодифузер ја потврди смртта на врховниот лидер Али Хамнеи, неколку часа откако САД и Израел соопштија дека тој е убиен во вчерашните воздушни напади, објави „Иран интернешнл“.
Кратко по објавата за смртта на лидерот, иранскиот кабинет објави седумдневен државен празник и 40 дена национална жалост.
86-годишниот Али Хамнеи беше на власт речиси четири децении, од 1989 година. Имаше врховна власт, владееше со владата, со војската и со судството во шиитската Исламска Република.
Фото: ЕПА

