Македонија
Утре се слави Бадник, ден полн со традиции и радост пред Божик

Православните христијански верници во Македонија утре го слават Бадник, ден пред големиот празник Рождество Христово – Божик. Овој празник ја носи радоста на Христовото раѓање и се одбележува со традиционални обичаи кои се почитуваат со особена почит и внимание.
Одбележувањето на Бадник во Скопје ќе започне пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ и ќе биде организирано од Здружението на граѓани „Одбор за традиционална прослава на Бадник“. Кум на оваа годинашна прослава е Радомир Макеларски, кој ќе го понесе ќупот за Бадник 2025, а здравичар е Атанас Петров, кој на платото пред Соборниот храм ќе ја изрече традиционалната здравица во пресрет на Божик.
Во текот на денот, свештениците од Соборниот храм ќе ги осветат нафората и чајот, како и бадникарските гранчиња, кои ќе им се делат бесплатно на присутните. Овие гранчиња, кои годинашните кумови и здравичарот традиционално ги набраа на падините на Водно, се симбол на среќата и здравјето на семејството. Со мотото „Пренеси ја Божикната радост до секое срце!“, децата на Бадник ќе организираат поворки во Скопје и други градови низ земјата, пејќи ја песната „Вечниот Бог“.
Еден од најзначајните настани во Скопје ќе биде формирањето на најдолгата бадникова поворка, која ќе тргне пред Музејот на Град Скопје и ќе се движи низ улицата „Македонија“. Поворката ќе заврши на Плоштадот во Скопје, каде што ќе се одржи голем Божикен концерт и креативни работилници за децата, на кои секое дете ќе може да изработи своја ѕвезда, што ќе ја зачува за следната година. За сите деца ќе бидат подготвени повеќе од 3.500 коледарски пакетчиња.
На Плоштадот во Скопје ќе биде поставена и пештера на Христовото раѓање, која ќе биде создадена од врвни уметници и волонтери, кои ќе ја претстават приказната за Христовото раѓање на најубав начин.
Во текот на Бадниковата вечер, која ќе биде споделена со најблиските, семејствата го почитуваат обичајот на заедничка вечера. Трпезата е богата со посни јадења, а домаќинот ја благословува пред да почне вечерата.
Обичајот бара дел од храна да се остави за Бога и куќата. За здравје на семејството, во огнот се става бадниково гранче, што се смета за најздраво дрво. Гранчињата се украсуваат во домовите, како симбол на среќата, љубовта и светлината, кои треба да ја исполнат нивната празнична атмосфера.
Овие обичаи го носат духот на Божик и ја потврдуваат радоста и заедништвото кои се основа на празнувањето на Христовото раѓање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Одбележана 24-годишнината од загинувањето на десеттемина армиски припадници кај месноста Карпалак

Делегација од Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата, предводена од државниот секретар Елизабета Чуповска-Ристова и директорот на Генералштабот, бригаден генерал Орце Јордев, денеска положија венец со свежо цвеќе на спомен-обележјето на македонските бранителите, кои своите животи ги загубија кај месноста Карпалак во 2001 година.
Десеттемина прилепски бранители, Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски, ги положија своите животи за зачувување на независноста, суверенитетот и на територијалниот интегритет на татковината.
Во спомен на бранителите на спомен-обележјето свежо цвеќе положија и делегации од Владата предводена од заменик-претседателот на Владата за политички систем, Љупчо Димовски, од кабинетот на претседателката и врховен командант на Армијата, претставници од семејствата на загинатите припадници на Армијата, од здруженија на граѓани и од политички партии.
Венци со свежо цвеќе ќе бидат положени и пред спомен-обележјето на македонските херои во центарот на Прилеп.
Македонија
Семејна заштеда и помал притисок за родителите: Дурмиши за поевтинувањето на училишниот прибор

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска ја промовираше новата владина мерка „Училишна кошничка“, насочена кон намалување на трошоците за училишен прибор и заштита на семејниот буџет пред почетокот на новата учебна година.
„Веруваме дека образованието треба да биде еднакво достапно за сите – без оглед на семејниот приход. Затоа, заедно со Владата, преземаме мерки што овозможуваат секое дете да започне со училишните обврски под еднакви услови, а родителите да почувствуваат конкретно олеснување,“ изјави министерот Дурмиши.
Согласно членот 29 од Законот за трговија, Владата на Република Северна Македонија вчера усвои Одлука за утврдување на највисоки цени за продажба на училишен прибор во малопродажба и големопродажба, која ќе важи од 15 август до 15 септември 2025 година.
Според одлуката се предвидува намалување на цените на училишен прибор најмалку за 10% во трговијата на големо и 15% во трговијата на мало.
Мерката, според соопштеното, важи за сите видови продавници кои продаваат училишен прибор – од книжарници, преку супермаркети, до спортски продавници.
„Ќе биде опфатен широк спектар на производи: тетратки, ранци, моливи, боици, фломастери, калкулатори, ножици, лепак, папки и други основни материјали.
Секој производ што ќе биде опфатен со оваа мерка ќе биде јасно означен со натписот „Помалку трошоци, повеќе за тебе“, а во сите продавници ќе биде поставен плакат со информации за мерката, со цел потрошувачите да имаат целосна и транспарентна слика.
Цените ќе се споредуваат со референтната цена од 1 јуни 2025 година или со набавните документи за поново внесени производи. Тоа значи дека намалувањето е реално, проверливо и фер – и за потрошувачите и за трговците,“ појасни министерот.
Оваа мерка, како што потенцираше Дурмиши е дел од поширок системски пристап на Владата да интервенира таму каде што трошоците се највисоки, а потребите најголеми.
„Минатогодишната „Училишна кошничка“ беше исклучително успешна – заштедите по ученик изнесуваа од 750 до 2.000 денари. Секоја семејна заштеда значеше повеќе можности за децата, а помал притисок за родителите,“ изјави Дурмиши.
Министерот подвлече дека целта останува иста, да им се овозможи на сите ученици еднаков и достоинствен почеток на учебната година, без финансиски бариери.
„Продолжуваме со следење на состојбите на терен, анализи и дискусии за нови мерки – секогаш водени од интересот на граѓаните. Образованието треба да почне со насмевка – а ние сме тука да помогнеме тоа навистина да се случи,“ вели Дурмиши.
Македонија
(Видео) СДСМ: Инфлација од 4,8 отсто, властите да ги прифатат нашите предлози за укинување ДДВ на храната

Заменик-претседателката на Форумот на жени при СДСМ, Ема Нешковска, на денешната прес-конференција изјави дека инфлацијата од 4,8 проценти на годишно ниво ја доведува економијата во сериозен пад и ја турка населението во сиромаштија. Според неа, ова е резултат на промашените економски политики на владата предводена од Христијан Мицкоски.
Нешковска истакна дека најмногу поскапување има кај храната и основните производи, што го прави животот потежок за граѓаните кои се приморани да прават тешки избори помеѓу плаќање сметки и купување намирници.
Таа ги повика властите да ги прифатат предлозите на СДСМ за укинување на ДДВ за храна, зголемување на минималната плата и покачување на платите во другите сектори како начин за намалување на трошоците и заштита на стандардот на граѓаните.
„Времето на владина незаинтересираност и арчење на парите на граѓаните мора да заврши. Сметката ја плаќаат граѓаните“, порача Нешковска.