Спорт
Леао на Касано му порача дека е кловн

Фудбалерот на Милан, Рафаел Леао одговори на новите критики коои кон него ги упати поранешниот италијански репрезентативец Антонио Касано.
По финалето на италијанскиот Суперкуп во кое Милан, со спектакуларен пресврт го победи Интер со 3:2, Касано изјави дека Леао не е доволно добар за да игра за седумкратниот европски шампион.
„Леао не знае да игра тимски и Консеисао наскоро ќе сфати дека е нула од фудбалер и фолирант“, рече Касано за време на гостувањето во емисија на Тикток.
Португалецот, влезе во игра во 50. минута против Интер и асистираше за победничкиот гол на Тами Ејбрахам, на својот Х профил ја коментираше изјавата на Касано, нарекувајќи го кловн.
Новиот тренер на Милан, Серхио Консеисао го пофали Леао по освојувањето на Суперкупот, но исто така истакна дека има уште работи на кои крилниот напаѓач треба да работи.
„Леао е феномен и ако промени уште неколку работи, на крајот од сезоната ќе биде еден од најдобрите играчи во светот“, изјави Консеисао.
Ова не е првпат Касано да го критикува Леао, со оглед на тоа што тој ја доведе во прашање неговата посветеност и квалитет по ремито без голови на Милан со Дортмунд во Лигата на шампионите. Потоа Леао исто така одговори со емотикони на кловн.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Сакале да му се одмаздат на Мурињо, мораа да си поднесат оставки

Сите членови на Дисциплинската комисија на Фудбалскиот сојуз на Турција поднесоа оставки откако пораките што ги разменувале преку апликацијата „Whatsapp“, во кои главна тема бил Жозе Мурињо, стигнаа до јавноста.
Жозе Мурињо не е од оние што се срамат јавно да го искажат своето мислење. Тој не е од оние што ќе речат: „ако кажам нешто, ќе бидам казнет“.
Таа негова карактеристика беше особено видлива откако дојде во Фенербахче. Во Турција, тој отиде чекор понатаму и влезе во физичка пресметка со тренерот на Галатасарај, Окан Бурук.
Судиите и Дисциплинската комисија беа честа тема на конференциите на Мурињо, па затоа не е изненадување што и тој бил тема на нивните разговори. Сепак, пораките што стигнаа до јавноста се загрижувачки.
Како што објави „Ајанспор“, претседателот на Дисциплинската комисија, Селал Нури Демиртурк, им напишал на другите членови:
„Ќе плати следната сезона, премногу го толериравме“.
„Нашиот клуб се обрати до Фудбалскиот сојуз на Турција со официјално писмо, како одговор на преписката што стигна до јавноста и во која наводно учествувале членовите на Дисциплинската комисија.
Веруваме дека овој непријателски менталитет јасно ги крши сите принципи на непристрасност и дека укажува на желба за реваншизам и одмазда, а нема место во турскиот фудбал“, се вели во соопштението што Фенербахче го издаде откако целиот скандал стигна до медиумите.
Наводно, во целата преписка, членовите на комисијата се потсмевале на претседателот на клубот и луѓето од тренерскиот штаб на Фенербахче.
Спорт
(Видео) Јувентус го декласира Ал Аин

Фудбалерите на Јувентус го декласираа Ал Аин во првото коло од Групата Г на Светското клупско првенство.
Тимот од Торино победи со 5:0, а сите голови ги постигнаа стартерите во нападот на Јувентус.
„Старата дама“ прашањето околу конечниот победник го реши во првите 45 минути. Тренерот Игор Тудор, во нападот го избра триото Консеисао, Коло Муани и Јилдиз, а тие постигнаа четири гола во првото полувреме.
Францускиот напаѓач ја отвори серијата во 11-та минута, а десет минути подоцна предноста ја зголеми Консеисао.
По половина час игра, беше јасно дека Јувентус слави, Јилдиз постигна гол, а кон крајот на полувремето, Коло Муани повторно ја затресе мрежата.
Ал Аин беше целосно немоќен во текот на целиот натпревар, а „петардата“ ја комплетираше Консеисао со вториот гол на натпреварот во 58-та минута.
Спорт
Најславната НБА-франшиза има нов газда

НБА франшизата Лос Анџелес Лејкерс доби нов сопственик, а вредноста на зделката се проценува на 10 милијарди долари.
Семејството Бас се согласи да го продаде својот мнозински сопственички пакет и да ја предаде славната франшиза на милијардерот, сопственикот на ЛА Доџерс, Марк Волтон.
Волтон и групата инвеститори што ги собра за оваа пригода ќе му платат на семејството Бас десет милијарди долари за 66 проценти од сопственоста на најпознатата НБА франшиза, што приближно значи дека вистинската цена на Лејкерс е цели 15 милијарди долари.
Џини Бас ќе остане гувернер на Лејкерси дури и по продажбата.
Ова значи дека семејството Бас нема да биде мнозински сопственик на Лејкерси за прв пат од 1979 година, кога Џери Бас ја купи франшизата од Џек Кент Кук за 67,5 милиони долари.
Тие 67,5 милиони се еднакви на околу 300 милиони долари денес, што само покажува колку вредноста на овој клуб пораснала во меѓувреме.
Лејкерси ги презедоа неговите деца кога тој почина во 2013 година.
ЛА Лејкерс го освоија својот последен прстен во ковид „балонот“ во 2020 година во Флорида.
Новиот мнозински сопственик, Волтер, е малцински сопственик на Лејкерси од 2021 година и има удели во разни спортски организации, како што се Доџерс (бејзбол), Спаркс (женска НБА), Купот на Били Џин Кинг (тенис), Кадилак тим (Ф1) и Женската хокеарска лига.
Богатството на Волтер се проценува на 6,1 милијарди долари.
Во раните години од ерата на Џери Бас, арената „Форум“ во Лос Анџелес беше место каде се собираа холивудските ѕвезди, а денес тоа е „Crypto.com“ ареана, изградена во 1999 година во центарот на градот.
Токму овој гламур го купи Волтер. Лејкерси се симбол, победничка франшиза која ги има Леброн Џејмс, иконата на оваа генерација, и Лука Дончиќ, симболот на следната.