Македонија
Мицкоски за интерпелациите: Очекувам напади што ќе поттикнат меѓуетничка нетолеранција, но тоа ќе биде јалово и неуспешно
Неуспешен обид за интерпелација на петмина функционери во Собранието очекува премиерот Христијан Мицкоски. Собранието в петок почнува со работа, а на првата седница се интерпелациите за вицепремиерот и министер за животна средина – Изет Меџити, за министерот за внатрешни работи – Панче Тошковски и за неговиот заменик – Астрит Исеини, за министерот за односи меѓу заедниците – Иван Стоилковиќ и за Илире Даути – претседателка на Комисијата за социјала политика, демографија и млади.
„Очекувам од опозицијата напади што ќе поларизираат. Очекувам да поттикнат чувства на меѓуетничка нетолеранција, но мислам дека тоа ќе биде јалово и неуспешно и овој обид ќе заврши како неуспешен. Очекувам критики, кои се неосновани, и критики што немаат никаква врска со реалноста. Но, добро, таква ни е опозицијата во овој момент. Се надевам дека е извлечат поука, многу бргу програмски ќе се реструктуираат, но и кадровски ќе се освежат, бидејќи навистина таму гледаме некредибилни луѓе, ние имаме институционална меморија и знаеме што сѐ правеа во минатото“, рече денес премиерот Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба спортска балон-сала во штипската населба Три Чешми.
Интерпелациите за Меџити, Тошковски, Стоилковиќ и за Исеини на 3 декември минатата година ги поднесе пратеничката група на „Европскиот фронт“ по апсењата за инцидентите при одбележувањето на Денот на албанското знаме.
Интерпелацијата, пак, за Илире Даути ја поднесе партијата Левица на крајот на ноември оти во рок од 24 часа не го ставила на дневен ред на собраниска комисија законот за бранители.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, пред две недели најави дека интерпелациите ќе бидат ставени на дневен ред на првата собраниска седница во јануари. Седницата ќе почне во 11 часот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Сопиште денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 09:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од село Долно Соње, од продавнивницата кон село Чифлик, општина Сопиште.
Македонија
Поради снег забранет сообраќај за камиони на патниот правец Струга – Граничен премин Ќафасан
Од 05.15 часот поради врнежи од снег се воведува забрана за сообраќај за тешки товарни возила на патниот правец Струга – Граничен премин Ќафасан, извести АМСМ.
Поради протест на грчките земјоделци, од денес (08.01.2026) со почеток во 10:00 часот на ГП Ники (ГП Меџитлија) ќе има забрана за движење на товарни возила во наредните 48 часа заклучно со 10.01.2026 во 10:00 часот. Сообраќајот за патнички моторни возила ќе се одвива со нормален тек.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови,по влажни коловози.
Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат во Куманово, Страцин, Крушево, Железнец, како и на планинските превои Стража, Буково, Ѓавато и Пресека, но во моментов не преставуваат пречка за одвивање на сообраќајот.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Продор на постуден воздух, температурите ќе бидат во опаѓање
Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер денеска врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места. На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 0 до 10 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 5 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер денеска врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурата ќе биде во опаѓање.

