Македонија
Во мај Мицкоски ќе соопшти 90 отсто од имињата на кандидатите за градоначалници, партиските анкети почнуваат месецов
Општинските комитети веќе ги доставиле предлозите за кандидати за градоначалници на претстојните локални избори, рече денес премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Најави дека граѓаните ќе ги дознаат имињата на нивните кандидати во мај.
„Сѐ уште како партија не сме донеле конечна одлука, во моментот во тек е партиската дебата. Веќе од страна на општинските комитети се пристигнати предлози, имиња, кои треба да се најдат на анкетите, на мерењата. Почнуваме во втората половина од јануари интензивно да мериме и очекувам некаде во втората половина на мај 85-90 % од имињата на кандидатите за градоначалници што ќе ги предложиме да им ги соопштиме и на македонските граѓани“, најави премиерот Мицкоски.
Неколкупати досега, кога опозицијата бараше оставка од него и предвремени парламентарни избори, премиерот Мицкоски кажуваше дека локалните избори ќе бидат тест и за тоа. Доколку граѓаните не ја дадат поддршката на владејачката коалиција, рече дека ќе распишат и предвремени парламентарни избори.
Локалните избори се очекува да бидат закажани во октомври годинава. Последните локални избори се одржаа на 17 октомври 2021 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Најотворана веб страница во Мала Речица е таа на Стејт департментот, секое утро проверуваат да не имаат некој член на црна листа, велат од ВЛЕН
„ДУИ е прва партија на Албанците која ги оддалечува Албанците од нивните западни стратешки партнери, заради својот криминал и корупција. Очајнички се обидите на ДУИ да ги оцрни функционерите во Владата дека работат на некакви туѓи агенди кои ја оддалечуваат Македонија од патот кон еднаква и стабилна држава“, велат од ВЛЕН.
„Да се потсетиме дека најголемиот спроведувач на агендата за Српски свет беше минатата Влада на ДУИ кога жилаво се бореше да преживее Отворен Балкан иако Албанија ја напушти иницијативата по случувањата на Косово.
Да се потсетиме дека Бујар Османи беше прв министер што бил домаќин на Сергеј Лавров на европско тло.
Да се потсетиме дека функционерите на ДУИ во изминатите години се заблагодаруваа на Србија и Вучиќ за тоа што им ја покрива неспособноста при набавка на вакцини и гас.
Да се потсетиме дека Артан Груби и Рамиз Мерко се на црна листа на Америка поради уривање на правната држава, а со себе ги повлекоа и своите фамилии. Најотворана веб страница во Мала Речица е таа на Стејт департментот. Секое утро проверуваат да не имаат некој член на црна листа.
Да се потсетиме дека ДУИ е партијата која зема пари за фиктивни лиценци за игри на среќа од разни балкански криминалци. Партенери им се луѓето од српското подземје.
Работењето на ДУИ е целосно во спротивност на препораките од стратешките партнери на Македонија, ЕУ и САД. Се почесто ДУИ се поистоветува со делувањето на Левица. Седењето еден до друг во собраниските клупи очигледно ги доближува.
Интепелациите на ДУИ се смешни. Жално е на кое ниво падна партијата одејќи по паметот на Артан Груби и Бујар Османи. На Албанците во Македонија им треба сериозна опозициска партија, а не криминална структура која е спремна секого да продаде во обид да се заштити“, соопшти ВЛЕН.
Македонија
Николоски се сретна со австрискиот амбасадор Памер: тема на разговорите нови авиолинии и зголемување на економската соработка
Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски денеска остави работна средба со амбасадорот на Австрија во Македонија, Мартин Памер.
На средбата се потврдија добрите билатерални врски меѓу двете земји, со посебен акцент на развивање на економските односи.
Вицепремиерот Николоски ги презентираше условите за инвестирање во земјава, притоа на средбата се разговараше и за повикот на нови авиолинии што Министерството за транспорт го објави како и за можноста за дополнително поврзување меѓу двете земји.
Исто така вицепремиерот Николоски ги презентираше и плановите за реализација на крупни капитални проекти во делот на патната и железничката инфраструктура и ја искористи можноста да ги повика сите квалификувани компании да учествуваат на јавните повици.
„Остварив одлична средба со амбасадорот Памер. Ги презентирав нашите инвестициони планови за развој на инфраструктурата на коридорите 8 и 10. Имаме одлични односи со Австрија и во духот на тие односи соработката меѓу двете земји продолжува“, истакна по средбата вицепремиерот и министер за транспорт Николоски.
Македонија
Сиљановска-Давкова присуствуваше на традиционалниот празничен ручек што го приредува архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан по повод неговиот именден
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, со задоволство ја прифати поканата на Поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија г.г. Стефан да биде дел од прославата и празничната трпеза по повод неговиот именден – празникот на светиот првомаченик, архиѓакон Стефан.
Покрај искрените честитки, таа му посака добро здравје и изрази желба за понатамошно успешно извршување на важната мисија на духовен чувар и водач на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.
За време на прославата, на која беа присутни носителите на највисоките државни функции, беше потенцирана важноста на духовната сплотеност и заедништво во градењето, застапувањето и одбраната на националните интереси.