Свет
Границите не смеат да се менуваат насилно, регира Германија по изјавите на Трамп за Гренланд
Гeрманија го нагласува меѓународниот принцип дека границите не треба да се менуваат со сила, изјави денеска владиниот портпарол по изјавите на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за Гренланд и Канада, додека шефот на данската дипломатија рече дека Гренланд може да стане независен, но не и американска сојузна држава.
„Како и секогаш, важи чесниот принцип на Повелбата на Обединетите нации и на Хелсиншкиот договор, а тоа е дека границите не смеат да се менуваат насилно“, рече портпаролот на редовната прес-конференција.
Портпаролот одби да одговори на прашањето колку Германија сериозно ги сфаќа изјавите на Трамп.
Вчера Трамп не ја отфрли можноста за користење воена или економска акција за преземање на Панамскиот канал и Гренланд и ја изнесе идејата Канада да стане американска држава.
Канадскиот премиер Џастин Трудо вчера го отфрли предлогот на Трамп.
„Шансите Канада да стане дел од Соединетите Држави се како снежна топка во пеколот. Работниците во двете наши земји имаат корист од тоа што меѓусебно се најголеми трговски и безбедносни партнери“, напиша Трудо на платформата „Икс“.
Премиерот на Гренланд денеска во Копенхаген разговараше со данскиот крал, еден ден откако изјавите на Трамп ја ставија судбината на островот под контрола на Данска на врвот на светските наслови.
Трамп, кој ја презема функцијата на 20 јануари, вчера изјави дека нема да ја исклучи можноста за користење воена или економска акција за припојување на Гренланд кон САД. Истиот ден, најстариот син на Трамп, Доналд Трамп Џуниор, беше во приватна посета на Гренланд.
Гренланд, најголемиот остров на светот, е дел од Данска веќе 600 години, иако неговите 57.000 жители сега самостојно управуваат со внатрешните работи. Владата на Гренландскиот премиер Муте Егеде се залага за евентуална независност на островот.
„Целосно разбираме дека Гренланд има свои амбиции. Ако тие се остварат, Гренланд ќе стане независен, но тешко дека има амбиција да стане сојузна држава во рамките на Соединетите држави“, рече данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Уапсен е и третиот осомничен за нападот врз куќата на Здравко Чолиќ: побегнале со скутер
Третиот осомничен за бомбашкиот напад врз куќата на Здравко Чолиќ, вечерва е уапсен во ефикасна акција на Одделот за криминалистичка полиција, Полициската управа за градот Белград, по наредба на Вишото јавно обвинителство во Белград, пишува „Курир“.
Сомненијата според написите се дека двајцата претходно уапсени, биле директни сторители, додека третиот им набавил експлозивни направи, не само за нападот врз куќата на Здравко Чолиќ, туку и за нападот врз Палилула на 20 ноември 2025 година, пишува „Курир“.
Бомбата експлодирала во просторот помеѓу куќите што му припаѓаат на семејството на жртвата и друго семејство, а осомничените се вратиле назад кон возилото.
Исто така, на 3 февруари 2026 година, тие неовластено носеле една рачна граната, па користеле такси, а потоа стигнале до семејната куќа на Чолиќ каде околу 4:52 часот наутро осомничениот што го барале активирал и фрлил рачна граната во дворот на семејната куќа, додека еден од осомничените се погрижил да не помине никој и снимал со мобилен телефон.
Рачната граната експлодирала, по што осомничените се оддалечиле од местото на настанот, според медиумот.
Свет
Фицо: Немам телефон и не знам ништо за Банон и Епстин
Словачкиот премиер Роберт Фицо изјави во парламентот дека нема сознанија за можни контакти на членови на неговата придружба со американските политички и јавни личности Стивен Банон и Џефри Епстин, нагласувајќи дека не користи класични форми на дигитална комуникација и не е одговорен за преписката на други луѓе.
Одговарајќи на прашањата на пратениците, Фицо нагласи дека не поседува мобилен телефон, дека не испраќа пораки и дека, како што рече, дури и избегнува електронска пошта. Според него, нема информации за лицата споменати во дискусијата, ниту за можни контакти што биле предмет на интерес на пратениците.
Во исто време, словачкиот премиер објави дека Братислава ќе ја оспори одлуката на Европската Унија да ја забрани испораката на руски гас од 2027 година. Фицо процени дека таквата мерка би предизвикала сериозна економска штета не само за Словачка, туку и за поширокиот регион.
Тој особено го критикуваше фактот што одлуката е донесена со квалификувано мнозинство во рамките на Европската комисија, иако, според него, станува збор за прашање за кое е потребен консензус од сите членки на ЕУ.
Фицо рече дека Словачка ќе продолжи да води независна надворешна политика, нагласувајќи дека очекува конкретни економски и дипломатски придобивки за земјата од таков курс.
Свет
Франција и Канада отвораат конзулат во Гренланд
Франција и Канада ќе отворат конзултати во главниот град на Гренланд, Нуук, во петок, продлабочувајќи ја соработката на Арктикот во време на зголемени геополитички тензии откако американскиот претседател Доналд Трамп јасно го покажа својот интерес за стекнување на стратешки важниот остров, објавија медиумите.
Дипломатските потези ја сигнализираат посветеноста на двете нации за зајакнување на нивното присуство на Арктикот и партнерство со Гренланд, полуавтономната данска територија што стана жариште за тврдењето на Доналд Трамп дека американската контрола врз островот е приоритет на националната безбедност.
Притисокот на Трамп да го анектира Гренланд, каде што САД веќе имаат конзулат, ги вознемири европските сојузници и поттикна дебата за суверенитетот и безбедноста на Арктикот. Канадската министерка за надворешни работи, Анита Ананд, и генералната гувернерка Мери Сајмон, ќе го посетат Гренланд во петок за да присуствуваат на отворањето на канадскиот конзулат.
Ананд треба да се сретне со данскиот министер за надворешни работи, Ларс Локе Расмусен, и министерката за надворешни работи на Гренланд, Вивијан Мотцфелд, во Нуук за да разговараат за соработката во безбедноста на Арктикот.
Канада објави во декември дека ќе отвори конзулати во Гренланд и Анкориџ, Алјаска, за да го зајакне своето присуство на Арктикот. Премиерот Марк Карни, исто така, вети дека ќе го зајакне военото и безбедносното присуство на Канада на Арктикот.
Франција, која има само девет свои државјани на Гренланд, ќе биде првата земја од ЕУ што ќе отвори конзулат на островот. Париз „ја повторува својата посветеност на почитување на територијалниот интегритет на Кралството Данска“, соопшти француското Министерство за надворешни работи во петокот.
Францускиот претседател Емануел Макрон ги објави плановите за отворање конзулат за време на неговата посета на Гренланд минатата година, како знак на солидарност, откако Трамп изрази интерес за анексија на Гренланд.

