Свет
Маск вети бесплатен интернет во регионот погоден од шумските пожари
Илон Маск рече дека Starlink, провајдер на сателитски интернет во сопственост на SpaceX, ќе започне да нуди бесплатни терминали во областите погодени од шумски пожари почнувајќи од петок.
Маск го потврди ова на Икс како одговор на видеото од локалниот известувач од ТВ станицата FOX 11, кој рече дека станицата се потпира на Starlink за емитување вести. „Единствената причина поради која можете да не видите сега е поради врската Starlink што ја добивме денес. Апсолутно нема мобилна услуга во целата оваа област“, рече новинарката.
Starlink користи физички терминали за поврзување со констелација сателити за да обезбеди интернет низ целиот свет.
Маск претходно им ги нудел овие врски на луѓето во итни случаи. Обезбеди бесплатен интернет за погодените од ураганите Хелен и Милтон, а извештаите покажуваат дека SpaceX дистрибуирал илјадници приемници потребни за поврзување со Starlink во тоа време.
Нејасно е како компанијата ќе определи кој и каде ќе ги дистрибуира терминалите и колку долго оние кои ќе добијат пристап до нив ќе можат бесплатно да се поврзат на интернет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Девојка со чекан ги нападна колегите: најмалку осум повредени на универзитетот во Токио
Осум лица се повредени денеска во напад со чекан на универзитет во Токио, пред напаѓачот, 22-годишна студентка, да биде приведена, јавија јапонските медиуми.
Јавната телевизија NHK објави дека нападот се случил во кампусот Тама на Универзитетот Хосеи.
Според таа телевизија и други јапонски медиуми, нападот го извршила студентка по социологија која замавнал со чекан среде часот. Според некои медиуми, таа рече дека чувствувала потиснати фрустрации откако била игнорирана.
Јапонските медиуми објавија дека на местото на настанот се видени неколку лица со раскрвавени глави.
Полицијата не можеше веднаш да ги потврди тие детали.
На снимката се гледа долга колона од амбулантни и полициски возила кои се упатуваат кон универзитетот, кој се наоѓа во населбата Машида.
Насилните злосторства се ретки во Јапонија, која има усвоено многу строги прописи за контрола на огненото оружје. Сепак, во земјата се случуваат напади со нож, како и огнено оружје, како оној кога поранешниот премиер Шинзо Абе беше убиен во 2022 година.
Свет
Украина и Словачка на работ на конфликт за гасот, Фицо му се заканува на Киев со мерки
По прекинот на испораките на руски гас преку украинскиот гасовод, односите меѓу Словачка и Украина се влошуваат. Премиерот на Словачка најавува мерки против Украина доколку не се реши проблемот со транзитот на гас.
Суспендирањето на транзитот на гас преку Украина поради поскапувањата веќе ја чинеше Словачка 500 милиони евра, плус милијарда транзитни такси. Затоа премиерот Роберт Фицо и ги откри на Европската комисија реципрочните мерки кои Братислава ги подготвува за Киев.
„Можеме да ја запреме сета хуманитарна помош, дури и онаа неодамна одобрена од словачката влада. Можеме значително да ги намалиме, па дури и да ги елиминираме различните поволности што им ги даваме на украинските граѓани што ги започнавме на почетокот на војната. Втората мерка се однесува на снабдување со електрична енергија на Украина. Словачка е единствената земја способна да испорача електрична енергија во Украина во рок од 30 минути во итни ситуации“, рече Фицо.
Остро реагираше украинската амбасада во Братислава.
„Украинската амбасада го изразува својот протест против намерите на словачката влада и уште еднаш апелира на воздржување од контакти со Русија, бидејќи таквите акции придонесуваат за легитимирање на руската агресија врз Украина“
Свет
(Видео) Американски актер го изгуби домот во пожарот: „Ќе се снајдеме, најважни ми се сопругата, бебето и кучето“
Американскиот актер Мајло Вентимиља (најпознат по улогата на Џек Пирсон во серијата „Ова сме ние“) и неговата сопруга Јара Маријано останаа без својот дом во Лос Анџелес, кој изгоре до темел за време на разорните пожари. Мајло и бремената Јара беа евакуирани.
Мајло ги сподели своите размислувања за трагедијата во интервју за Си-би-ес.
„Почнуваш да размислуваш за спомените, за разни делови од куќата, а потоа ги гледаш куќите на твоите соседи и срцето ти се крши. Во еден момент сфаќаш дека ова е реално и ова навистина се случува. Гледав на безбедносните камери како пожарот ја голта нашата куќа. Во еден момент ги исклучивме. Каква корист може да има гледањето такви снимки? Некако ја прифативме таа загуба“, рече 47-годишниот актер спротивставувајќи им се на солзите додека зборуваше за пожарот. По евакуацијата, тој се врати таму за да ја види штетата на опожарената куќа.
Додаде дека заедно со сопругата се обиделе да извлечат некои работи од куќата пред да изгори сè, но останале без некои неопходни работи, како бебешкото креветче. Но, најважно му е што тој, неговата бремена сопруга и нивното куче успеале да се спасат.
„Имаме добри пријатели и добри луѓе. Ќе се снајдеме. Најважни ми се сопругата, бебето и кучето“, заклучил актерот.