Економија
(Видео) Димковски: Поради неспособноста на Трипуновски нема откуп на оризот
Неспособноста на Цветан Трипуновски создаде криза со откупот на оризот и оризовата арпа, кажа денеска на прес конференција, Трајан Димковски од СДСМ.
„Од 28.000 тони откупени се околу 6.000 тони или едвај околу 20% од вкупното производство. Наместо да ги засука ракавите и да сработи, за што е платен од граѓаните, Трипуновски се обиде да ги лаже оризопроизводителите и со неговите постапки наместо да им помогне им одмогна. Кај Трипуновски и Мицкоски е вината за она што се случува. Нема откуп затоа што Трипуновски наместо го реши проблемот со откупот го блокираше. Заканите кон откупувачите и напушалните цени по своја волја не врдија плод, па Трипуновски им одзеде лиценци на три фирми откупувачи, со што директно го блокираше целиот процес. Затоа над 80% од реколтата за оваа година стои во амбарите“, вели Димковски.
Тој рече дека власта не го исполни ветувањето кон оризопроизводителите за субвенција кон откупувачите.
„Мерката ниту е спроведена ниту е дел од владината програма. Земјоделците, оставени на цедило, секојдневно реагираат револтирано и најавуваат протести. Трипуновски се крие и избегнува одговорност. Лагите на власта продолжуваат и со најавата дека откупот за стоковите резерви ќе го решел проблемот со откупот на оризовата арпа. Ова е уште една илузија на владата која нема реално решение за кризата што самата ја предизвика“, истакна Димковски.
Реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.
„За 6 месеци се исплатија сите заостанати субвенции и се започна со тековна исплата. Имено, се исплати финансиска поддршка од износ од 1.7 милијарда денари на околу 78.000 земјоделци за тековната 2024 година. За прв пат се утврдија и откупни цени за двете најзастапени вински сорти на грозје Вранец и Смедеревка. Владата им излезе во пресрет и на тутунарите со што откупната цена на тутунот се зголеми од 375 на 400 денари за прва класа. Дополнително Владата ќе ја зголеми и субвенцијата од 80 на 100 денари за килограм, што значи дека заедно со откупната цена и субвенциите секој тутунар ќе добие по 500 денари за килограм тутун. Заврши и времето кога јаболкото се фрлаше по буништа. Се утврди и минималната откупна цена за јаболката. Со тоа што проблемот што го остави СДС со оризот, Владата на ВМРО-ДПМНЕ го решава, оризарите нема да бидат заборавени. Оваа Влада се грижи за земјоделците и не ги остава на цедило како претходната власт на СДС“, се вели меѓу другото во соопштението на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
(Видео) Трипуновски: Министерството заедно со земјоделските здруженија ги креира Програмите за 2025 година
„Денес на моја иницијатива со повеќе од 30 здруженија се одржува работна средба со единствен дневен ред, а тоа е разгледување на предлог Програмите за субвенционирање за 2025 година, поточно Програмата за директни плаќања и Програмата за рурален развој“, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
„Темата на овој состанок е заедно со земјоделските здруженија да креираме Програми кои што ќе значат поттикнување и враќање на земјоделското производство во Република Македонија“, појасни министерот.
Министерот Трипуновски додаде дека ова е само еден од состаноците кој што се одржува денес и наредните денови ќе има и со останатите чинители во земјоделскиот сектор.
„Ќе работиме заедно за да донесеме Програми кои што ќе значат развој на македонското земјоделство. Ова што го правиме како активност е отварање во вистинска смисла на зборот вратите на Министерството се со цел заеднички и партнерски да работиме во делот на секторот“, истакна министерот.
Економија
СДСМ: Владините мерки немаат ефект, цените не се намалија – граѓаните се ограбени
Последните податоци на Државниот завод за статистика покажаа дека инфлацијата во декември лани во однос на истиот месец во 2023 година е зголемена за 4, 4 проценти, трошоците на живот се зголемиле за 3,5 отсто, а цените на мало за близу 4 проценти. Со ДПМНЕ на власт животниот стандард на граѓаните се намалува, власта се грижи за елитата и за нивните бизнис партнери а народот е оставен сам на себе, велат од СДСМ.
„Дури и последните најави од власта за некакви контроли за наводно намалување на цените во маркетите се покажуваат како уште една голема лага. СДСМ има детални информации од теренот. Во маркетите реалноста е дека само кај млекото има симболично намалување од неколку денари, додека кај другите производи нема никакво намалување. Зејтинот е се уште со поскапената цена и се движи од 89 до 96 денари а во некои маркети иако се продаваше за 82 денари пред 2 месеци. Јајцата се повторно околу 100 денари, а чинеа 75 денари. Шекерот, кашкавалот, се со поскапени цени, но исто така и леќата (169 денари), гравот (143 денари), оризот (135 денари) грашакот. Кај оние производи кои имаат иста цена пак забележано е намалување на грамажата. Ова е суровата реалнос која секојденевно ја гледаат граѓаните во продавниците, додека се мачат како да врзат крај со крај, како да го поминат месецот, што ќе имаат на масата семејствата за јадење. Политиките на власта со така наречените „кошнички“ доживеа дебакл. Наместо намалување на цените и достапни производи, дестина милиони евра се извлечени од џебовите на народот од страна на големите трговци. Власта дозволи буквално грабеж. Оваа политика на Мицкоски ги турка семејствата во уште поголема економска несигурност и во поголема сиромаштија“, пишува во соопштението на опозициската партија.
Економија
Готовината сѐ уште доминантен метод за плаќање при онлајн-нарачки
Народната банка на Република Северна Македонија ги објави новите податоците за платежната статистика за трите квартали од 2024 година, кои покажуваат постојан тренд на зголемена употреба на дигиталните канали за извршување на плаќањата во земјата. Во трите квартали од 2024 година се забележува значителен годишен раст кај бројот и вредноста на платежните трансакции на граѓаните во трговијата во земјата. Вкупните трансакции со картички во земјата и во странство издадени од домашните и странски даватели на платежните услуги, пораснале за 11.3% по број и за 13.6% по вредност. Вредноста на трансакциите на места на продажба за е-трговија изнесуваат 522.5 милиони евра и преставува 9.1% од вкупните трансакции и преставува раст од 7.5% во однос на истиот период минатата година. При тоа овој пораст се должи во главно на растот на вредноста на трансакциите направени во странство од домашни иматели на платежни картички кој изнесува 39.7%. Вредноста на направените трансакции кон домашни е-трговци забележува пад од 6.7%.
Ако имаме во предвид дека готовината при достава (Cash on Delivery – CoD) доминира како најчест начин на плаќање во е-трговијата, и тоа според последните податоци на Findex (2021) 47% од македонските онлајн купувачи се потпираат на плаќање во готово, а кај домашните е-трговци постои опцијата за готовина при доставата, што не е случај кај странските е-трговци, може да се каже дека се уште готовината доминира при онлајн плаќањето.
Асоцијацијата за е-трговија, во своето шесто издание направи анализа на е трговијата во земјите од Западен Балкан („Преглед на е-трговијата во Западен Балкан, 2024 година“, поддржано од НЛБ групацијата) каде што во делот за плаќањето, како една од алките на синџирот на е-трговијата, се согледува дека е слична состојбата и во другите балкански земји во Косово 85%, Албанија 75% и Србија 71%. За споредба, во земји како Австрија и Данска готовината речиси и да не се користи. Македонците, како и балканските купувачи се уште преферираат плаќање со готовина, додека дигиталните плаќања, кои се норма во ЕУ, сè уште се ограничени. 59% од Македонците имаат платежни картички, а 43% од нив ги користат. Уште полоша е состојбата во Албанија, каде што само 8% од популацијата ги користи платежните картички, како и во Косово (21%) и Босна и Херцеговина (23%). Во Србија состојбата е најдобра со 62% иматели на платежни картички и 47% нивно користење. Исто така, користењето на мобилните телефони за плаќање е на ниско ниво. Имено, и покрај тоа што регионот е технолошки добро опремен – мобилната пенетрација е висока, со 95% од населението во Северна Македонија, Србија, Косово и Босна и Херцеговина кои поседуваат мобилен телефон, употребата на мобилни телефони за финансиски трансакции останува ниска – во Македонија само 36% од корисниците на финансиски услуги ги користат мобилните уреди за плаќања.
Според анкетата, која ја спроведе Асоцијацијата за е-трговија, како дел од споменатиот извештај со фокус на плаќањето при онлајн продажбата, 72.5% од е-трговците истакнаа дека готовината при достава е доминантен метод на плаќање за нивните клиенти, а 82.5% одговориле дека токму клиентите ја претпочитаат оваа опција. Клучни причини за оваа доминација според анкетираните е-трговци се: недовербата во онлајн продавниците, стравот дека нарачаните производи нема да бидат доставени, како и чувство на сигурност при плаќање со готовина. Дополнително, навиките и недоволните дигитални вештини за користење на картички играат значајна улога во популарноста на ќеш плаќањата. И покрај тоа, 62.5% од е-трговците изјавиле дека плаќањето со картички е покорисно за нивниот бизнис, а 45% од нив активно го промовираат користењето на картички. Плаќањето со готовина од друга страна, создава големи неефикасности за е-трговците, како што се неуспешни испораки, зголемени оперативни трошоци и ризик од неформални економски практики.
„Вториот најголем предизвик, со кој се соочуваат е-трговците кои учествуваа во анкетата, е нелојалната конкуренција предизвикана од сивата економија. Плаќањето со готовина ја олеснува оваа нелегална пракса, додека преминот кон дигитални плаќања може да придонесе за намалување на овој предизвик, зголемувајќи ја транспарентноста и формалноста на економијата. За да се намали доминацијата на готовината, потребни се насочени активности за подобрување на дигиталната писменост, намалување на трансакциските трошоци и зголемување на довербата во онлајн плаќањата. Преку овие чекори, македонската и регионалната е-трговија може да станат поконкурентни, поттикнувајќи раст и економска стабилност“ изјави преседателката на Асоцијацијата за е-трговија д-р Нина Ангеловска Станков.
Инаку, годишниот извештај од анализата за е-трговија е изработен со поддршка на NLB Group и беше традиционално презентиран на 7-та регионална конференција за е-трговија. Како шесто издание од серијата, оваа публикација за првпат е објавена на англиски јазик и со проширен фокус кој го опфаќа целиот регион на Западен Балкан: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија. Сеопфатниот извештај нуди длабинска анализа на моменталнaта состојба на е-трговијата и трендовите, го прикажува растот на е-трговијата во изминатата година и прави споредба на регионот со поразвиените европски пазари, заснована на секундарни податоци и компаративна анализа. Дополнително, беше спроведено и примарно истражување кое ги анализираше искуствата на е-продавачите во Западен Балкан, со посебен фокус на е-плаќањата, идентификувајќи ги критичните бариери и можности за раст.
Целосниот извештај и повеќе информации за клучните сознанија од анализата се достапни на ликот во продололжение: https://ecommerce.mk/wb-ecommerce-report-2024/.