Спорт
О’Саливен ја тужи Светската снукер-организација, бара 12 милиони евра
„NST Worldwide“, косопственост на Рони О’Саливен, за многумина најдобриот снукер играч на сите времиња, ги тужеше челниците на спортот за „злоупотреба на доминантна позиција“ и бара оштета од 10,2 милиони фунти (околу 12 милиони евра).
О’Саливен е еден од тројцата косопственици на компанија која поднела тужба против Светската снукер организација и Светската професионална асоцијација за билијард и снукер.
Иако е косопственик на компанијата, тој не е вклучен во нејзиното секојдневно работење. Компанијата, основана во 2022 година од промоторот Џејсон Френсис и адвокатот Мајус Кариа, тврди дека „незаконските практики кои ја елиминираат конкуренцијата“ ги спречуваат играчите да се натпреваруваат на турнири. Светската снукер организација ги отфрли обвинувањата и најави дека ќе се брани.
Тужбата на компанијата е реакција на обидот на Френсис да организира четири турнири на кои ќе настапат најдобрите снукер играчи, а Светската снукер организација блокираше организација на два од најавените турнири.
Играчите кои играат снукер под покровителство на оваа организација имаат потпишано договори со кои им се забранува да се појавуваат на настани организирани од конкуренцијата, освен ако Светската снукер организација не одлучи поинаку.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Мареј: Побегнав од моите деца, а во Новак добив едно големо дете
Соработката на Новак Ѓоковиќ и Енди Мареј е во центарот на вниманието на светската и тениската јавност.
Некогаш големите ривали барем засега функционираат добро и на теренот и надвор од него, што е видливо во нивната комуникација.
Енди Мареј даде интересен одговор на прашањето зошто ја прифатил поканата на Ѓоковиќ да биде негов тренер.
„Дојдов затоа што сакав да избегам од моите деца, во Новак добив едно големо дете“, се насмеа Мари, а потоа објасни понатаму.
„Потешко ми е да најдам што сака да јаде Новак, отколку моите деца“.
Новак Ѓоковиќ својот натпревар од второто коло на Австралија опен ќе го одигра во среда од 4 часот по средноевропско време, противник ќе му биде Португалецот Жаиме Фариа.
Спорт
Гвардиола по 30 години се раздели со сопругата Кристина
Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола и неговата сопруга Кристина Сера се разделија по 30 години врска, ексклузивно откри „Ел Периодико“.
Според информациите на каталонските медиуми, шпанскиот тренер и неговата сопруга одлучиле да се разведат минатиот декември. Истиот извор наведува дека тие се разделиле на пријателски и срдечен начин и дека побарале од најблиското семејство и пријателите да не зборуваат за тоа во медиумите.
Дека нивната врска не е нарушена и покрај разводот говори и тоа што на Божиќ, кога врската веќе беше завршена, биле заедно во Барселона во театарот со една од нивните ќерки.
Гвардиола и Кристина Сера беа заедно повеќе од 30 години. Тие ја започнаа својата романтична врска во 1994 година додека Пеп играше за Барселона.
Две децении подоцна (2014) тие решија да ја официјализираат својата врска со граѓанска венчавка која се одржа во Минхен додека трофејниот тренер беше на клупата на Баерн.
Двојката има три деца во нивната 30-годишна врска. Марија (24), Мариус (22) и Валентина (17). Марија Гуврдиола е позната манекенка и инфлуенсерка со речиси милион следбеници на Инстаграм.
Спорт
Интер три недели без Чалханоглу
Фудбалерот на Интер, Хакан Чалханоглу, поради повреда ќе отсуствува од терените две до три недели, објавија италијанските медиуми.
Чалханоглу се повреди минатата недела во финалето на италијанскиот Суперкуп. Одигра 30 минути против Милан (2:3). Теренот го напушти поради повреда на бутниот мускул. Исто така Чалханоглу има проблем и со мускулот на потколеницата.
„Скај спорт Италија“ објави дека турскиот фудбалер се очекува да биде надвор од терените две до три недели.
Ќе ги пропушти натпреварите против Болоња, Емполи, Спарта Прага и Лече, а можеби и дуелот со Монако во Лигата на шампионите на крајот на месецот.