Свет
Цените на нафтата го достигнаа највисокото ниво во последните четири месеци бидејќи американските санкции го погодија рускиот енергетски сектор

Глобалните цени на нафтата се искачија на највисоко ниво во последните четири месеци бидејќи трговците се загрижени дека новиот бран американски санкции насочени кон рускиот енергетски сектор може да го наруши и намали снабдувањето на пазарот.
Според податоците на берзата, цената на нафтата „брент“ во еден момент порасна на 81 долар за барел, а цената на американската нафта WTI се движи речиси 78 долари.
Соединетите Американски Држави во петокот ги воведоа досега најагресивните и амбициозните санкции за руската нафтена индустрија насочени кон големите извозници, осигурителните компании и голем број танкери, од кои некои наводно се дел од таканаречената флота во сенка, која ги заобиколува постојните санкции против Москва.
Цените на нафтата се зголемија во последните недели поттикнати од постуденото време, падот на резервите во САД и шпекулациите дека претставниците на Трамп би можеле да ги заострат санкциите за иранската нафта во наредните месеци, пишува „Блумберг“.
Пакет-санкциите подготвени од администрацијата на Бајден во заминување може дополнително да го наруши пазарот и потенцијално да ја промени пазарната рамка за нафтениот картел ОПЕК +, кој планира постепено да го зголемува производството оваа година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Шпанија со закон го забранува извозот на оружје во Израел: „Сакаме да се стави крај на геноцидот во Газа“

Шпанските пратеници денес гласаа за закон со кој се воведува ембарго за извоз на оружје во Израел, мерка што долго време ја заговараше социјалистичкиот премиер Педро Санчез за „запирање на геноцидот“ во Газа.
„За“ гласаа 178 пратеници, а 169 беа против. Малцинската влада на социјалистичкиот премиер конечно ја доби поддршката од четири пратеници од крајно левичарската партија Подемос, која не откри како ќе гласа до денеска наутро.
Шпанското ембарго е на сила од октомври 2023 година, но социјалистичката влада сакаше да ја „зацврсти правно“ одлуката.
Санчез го објави тоа на 8 септември, по што израелската влада реагираше жестоко, но Израел го повлече својот амбасадор од Шпанија во 2024 година, откако Мадрид ја призна Палестина.
Регион
Вучиќ: Турција сонува повторно да ја обнови Отоманската Империја

По пристигнувањето на турските беспилотни летала во Приштина, имаше остра реакција од српскиот претседател Александар Вучиќ, кој ја обвини Турција дека сонува за обнова на Отоманската Империја. Со овој потег, Србија премина од „златно доба“ во односите со Турција и пријателството со Ердоган на отворени политички тензии за само една година, пишува N1.
Косовскиот премиер Албин Курти претходно објави на Фејсбук дека пристигнале беспилотните летала, додавајќи дека десетици безбедносни сили веќе се обучени да ги користат.
Курти објасни дека договорот со турската компанија Бајкар бил потпишан во декември минатата година, а дроновите биле испорачани три месеци пред предвидениот рок. Тој нагласи дека Косово „продолжува да ја зајакнува ударната моќ на својата армија“ со модерна технологија.
Реагирајќи на веста, Вучиќ остро го осуди потегот на Турција, велејќи дека е „ужасен“ и дека тоа „јасно покажува дека Турција не сака стабилност на Западен Балкан“.
„Згрозен сум од однесувањето на Турција и грубото кршење на Повелбата на ОН и Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, како и од континуираното вооружување на властите во Приштина. Сега е сосема јасно дека Турција не сака стабилност на Западен Балкан и дека сонува за оживување на Отоманската империја. Србија е мала земја, но ние добро ја разбравме пораката“, рече Александар Вучиќ.
Реагираше и владината Канцеларија за Косово и Метохија, а нејзиниот директор Петар Петковиќ ја повтори оценката на Вучиќ дека Србија „ја разбрала пораката“ и дека „не е случајно“ што беспилотните летала биле доставени во Косово три месеци пред предвиденото.
Турција го направи ова, смета Петковиќ, „само неколку дена пред локалните избори“, со цел да му ја обезбеди на премиерот на Приштина „потребната поддршка пред изборите на 12 октомври, за да може да продолжи да го тероризира српскиот народ“.
Петковиќ рече дека Белград „ќе продолжи одговорно да го зачувува мирот и стабилноста, и покрај вооружените сојузи што се создаваат на штета на мирот и претставуваат директна закана“.
Фото: ЕПА
Свет
Белорусија испраќа рекордни количини бензин во Русија

Белорускиот железнички извоз на бензин во Русија се зголеми за четири пати во септември во однос на претходниот месец, бидејќи Москва се справува со недостиг на гориво предизвикан од украинските напади врз нејзината енергетска инфраструктура, објавија извори од индустријата синоќа, објави „Ројтерс“.
Неколку руски региони беа принудени да воведат мерки за штедење и привремено да ги замрзнат цените на горивата во последните недели. Причината е недостигот на популарни видови бензин предизвикан од напади со беспилотни летала насочени кон рафинерии и други енергетски објекти.
Како одговор, Москва, исто така, го ограничи извозот на бензин и дизел. Ова не е првпат Русија да се потпира на соседна Белорусија, таа, исто така, го зголеми увозот на гориво минатата година за да го покрие недостигот на пазарот.
Според извори, пратките на бензин со железница од белоруските рафинерии до рускиот домашен пазар минатиот месец достигнаа 49.000 метрички тони, што е еквивалентно на 14.500 барели дневно. Заедно со бензинот, испораките на дизел во септември изнесуваа 33.000 тони.