Свет
Песков: Русија ќе бара алтернативни патишта за своите енергетски ресурси по американските санкции

Русија ќе бара алтернативни патишта за испорака на своите енергетски производи за да ги минимизира последиците од американските санкции, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
САД во петокот воведоа санкции за повеќе од 200 компании и поединци поврзани со рускиот енергетски сектор, како и за над 180 брода, со цел да се ограничи пристапот на Москва до меѓународните пазари и да се намалат приходите од извозот на нафта и гас.
Како дел од пакет-санкциите, се воведуваат и ограничувања за компаниите што се занимаваат со експлоатација и преработка на енергетски ресурси, како и за бродовите што се занимаваат со транспорт.
Според Песков, новите санкции против руските енергетски производи водат кон дестабилизација на светските пазари.
„Многу внимателно ќе ги следиме последиците од овие одлуки“, рече портпаролот коментирајќи ги американските санкции против раководството на „Росатом“ и ризиците за спроведувањето на проектите на компанијата поврзани со изградбата на нуклеарни централи во странство.
Претходно, САД воведоа најобемни санкции против рускиот енергетски сектор, објави американското Министерство за финансии. Санкции беа изречени и за руско-српската компанија „Нафтена индустрија Србија“ (НИС).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Трамп: Русија е подготвена за мир, но Украина не е

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Русија е подготвена да потпише мировен договор, но дека убедувањето на Украина да се согласи со договорот е „потешко отколку што очекуваше“, пренесува Анадолија.
„Мислам дека имаме договор со Русија. Мораме да се договориме со Зеленски и се надевам дека ќе направиме. Мислев дека ќе биде полесно да се договориме со Зеленски. Досега беше потешко. Но, добро, тоа е во ред“, им рече Трамп на новинарите во Белата куќа.
Тој додаде дека верува оти има „договор од двете страни“ и изрази надеж дека тој ќе се реализира.
„Сакам да спасувам животи. Трошиме многу пари, но тука се работи за хуманост“, рече Трамп.
Претходно истиот ден, Трамп го критикуваше украинскиот претседател Володимир Зеленски за изјавата на прес-конференција во вторникот на која тој ја отфрли можноста за признавање на руската окупација на Крим.
„Таа изјава е многу штетна за мировните преговори со Русија, имајќи предвид дека Крим беше изгубен пред многу години, кога претседател беше Барак Обама, и веќе не е ниту тема на разговор“, напиша Трамп на социјалните мрежи.
„Никој не бара Зеленски да го признае Крим како руска територија, но ако тој го сака тоа, зошто не се бореа за него пред единаесет години кога и беше предаден на Русија без ниту еден истрел?“
На прашањето дали договорот, кој, според него, Русија го прифаќа, вклучува и признавање на рускиот суверенитет над Крим, Трамп нејасно одговори:
„Се е во ред. Видете, јас само сакам војната да заврши. Не ми е гајле. Ако двете страни се среќни и го потпишат договорот, тоа е најважно. Немам фаворити. Сакам само договор. Сакам да се спасат животи“.
Трамп најави дека постои можност за средба со Владимир Путин кон средината на мај, за време на планираната посета на Саудиска Арабија, но додаде дека средбата „најверојатно нема да се случи тогаш“.
„Мислам дека ќе се сретнеме наскоро потоа“, рече тој.
Свет
Универзитетите да примаат студенти врз основа на успехот, а не на малцинствата, нареди Трамп

Претседателот на САД, Доналд Трамп, потпиша указ за обврска за откривање на изворите на странско финансирање на високообразовните институции во земјата.
Еден член на персоналот на Трамп покрена сомнеж дека најпрестижните американски универзитети, како што е Харвард, ги прекршуваат законите за откривање на такви донации.
Наредбата има за цел да ги принуди институциите за високо образование да пријават значајни извори на странско финансирање „за да се стави крај на тајноста околу странското финансирање на американските образовни институции… и да се заштитат американските студенти и истражувања од странска експлоатација“.
Трамп потпиша вкупно седум извршни наредби.
Целта на другите е да бараат од универзитетите да примаат студенти врз основа на нивниот успех, а не критериуми врз основа на застапеноста на малцинствата.
„Мојата администрација ќе го реформира нашиот нефункционален систем за акредитација, така што колеџите и универзитетите ќе се фокусираат на обезбедување висококвалитетни академски програми“, се вели во извршната наредба.
Трамп ги обвини Харвард и другите елитни американски универзитети дека следат левичарска идеологија и дозволуваат антисемитизам.
За разлика од другите универзитети кои беа под притисок, Харвард досега одбиваше да ги спроведе промените за вработувањат и приемот.
Претседателот, исто така, сака да ја прекине програмата Различност, еднаквост и вклучување (DEI).
Како одговор на ставот на Харвард, администрацијата на Трамп замрзна милијарди финансирање, што универзитетот го оспорува на суд.
Свет
Дванаесет американски држави го тужат Трамп поради царините

Дванаесет американски сојузни држави поднесоа тужба до американскиот суд за меѓународна трговија во Њујорк против царинската политика на претседателот Доналд Трамп.
Во тужбата се наведува дека трговската политика на Соединетите држави сега зависи од каприците на претседателот, наместо од совесното практикување на неговите законски овластувања.
Тужителите тврдат дека, според Уставот на САД, само Конгресот има моќ да наметнува даноци и тарифи, а не претседателот.
Откако ја презеде функцијата, Трамп најави серија на далекусежни увозни тарифи кои ги доведоа берзите и финансиските пазари во превирања.
На почетокот на април, тој објави дека САД ќе воведат сеопфатни тарифи од најмалку 10 отсто за целиот увоз во земјата, плус дополнителни давачки за голем број трговски партнери.
Иако многу од планираните царини се суспендирани на 90 дена за да се овозможат трговски разговори, специјалните царини до 145 отсто остануваат во сила за кинеските стоки. Пекинг возврати со царини до 125 отсто за американските производи.
Тужбата ја поднесоа сојузните држави Орегон, Колорадо, Конектикат, Делавер, Илиноис, Мејн, Минесота, Њу Мексико, Њујорк и Вермонт, кои имаат демократски гувернери, како и републиканските држави Аризона и Невада.
Тужителите бараат од судот да ги укине тарифите, со образложение дека „Претседателот нема овластување произволно да наметнува тарифи како што направи овде“.
Минатата недела, сојузната држава Калифорнија поднесе посебна тужба против далекусежните специјални царини на Трамп пред федералниот суд.
Според Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), сеопфатните американски царини и соодветните одмазднички мерки доведуваат до пораст на глобалниот јавен долг.
Самите САД исто така ги трпат последиците од потезите на Трамп.