Свет
Европската комисија негира дека ја прикрила здравствената состојба на Урсула фон дер Лајен

Европската комисија негираше дека се обидела да ја прикрие здравствената состојба на претседателката Урсула фон дер Лајен, која беше хоспитализирана поради тешка пневмонија, пренесува Радио Слободна Европа.
Фон дер Лајен (66) во септември го започна својот втор петгодишен мандат на чело на Европската комисија.
На 3 јануари, комисијата изјави дека Фон дер Лајен има „тешка пневмонија“ и дека нејзините активности во следните две недели се откажани.
Детали за нејзината состојба или како се разболе не се објавени, иако германската новинска агенција dpa подоцна објави дека таа била примена во болница. Ова, според написите покрена прашања за транспарентноста во моќната извршна власт на ЕУ.
На прашањето на новинарите зошто се сокриени вестите за нејзината хоспитализација, портпаролката на Европската комисија Пола Пињо изјави: „Рековме дека претседателката има тешка пневмонија“.
Пињо рече дека медиумите биле информирани дека Фон дер Лајен ги откажала своите состаноци на почетокот на јануари, но дека добила важни телефонски повици, вклучително и од италијанската премиерка Џорџа Мелони и дека можела да ги извршува своите должности.
„Затоа ви дадовме критични информации за здравствената состојба на претседателката, кажувајќи каква болест има и колку е сериозна“, рече Пињо одговарајќи на новинарски прашања, без да објасни зошто се сокриени детали за болницата. „Нејзината способност да дејствува никогаш не била доведена во прашање“.
Пињо рече дека претседателката „добро закрепнува“ и дека кон крајот на оваа недела треба да се врати во Брисел во својата канцеларија во Комисијата.
Според написите на медиумите во светот, Фон дер Лајен обично има напорен распоред на патувањата. Таа следната недела треба да присуствува на седницата на Европскиот парламент во Стразбур, Франција и ќе оди на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Стриптизети ги тешат украинските војници на 20 километри од фронтот

Од почетокот на руската инвазија во 2022 година, исцрпените војници се главна клиентела на клубот „Flash Dancers“, сместен во центарот на град во североисточна Украина, на само 20 километри од руските позиции, објави „The Sun“.
„За некои клиенти, клубот претставува бегство од војната“, вели 25-годишната Валерија Завацка, дипломирана правничка која го води клубот заедно со својата мајка, поранешна танчерка. „Но, многумина не доаѓаат тука само поради претставата. Тие сакаат да зборуваат за тоа што ги боли“, додава таа.
Наместо да ја гледаат претставата, војниците често седат сами на шанкот и плачат. Танчерките често ја преземаат улогата на доверливи лица, слушајќи ги трауматските искуства на војници скршени ментално и физички од војната што трае веќе повеќе од три години, без крај на повидок.
„Многу често сакаат да зборуваат за своите искуства и чувства“, вели Лиса за агенцијата АФП, во теретана каде што танчерите вежбаат кореографија на електро ремикс од операта „Кармен“ пред вечерниот настап. „Проблемот е што доаѓаат трезни, нормални, изгледаат сосема добро. Но потоа почнуваат да пијат… и тогаш излегува темнината“, додава Жења, 21-годишна танчерка.
Некои војници дури покажуваат и снимки од фронтот – повредени другари или телата на убиени руски војници. „Може да биде многу, многу тешко. Ги молам да не ми ги покажуваат, бидејќи премногу си земам при срце“, признава Лиса. Но Жења, која претходно студирала ветеринарна медицина, вели дека ги гледа снимките обидувајќи се да разбере како еден војник би можел да се спаси.
Некои се враќаат во клубот и со своите сопруги. Кога е време за настап, танчерките облекуваат црвена долна облека, носат чевли со 20-сантиметарска платформа и телото го покриваат со светки – трик кој ги одвраќа оженетите мажи да се приближат премногу, бидејќи светките лесно се лепат за кожата.
Музиката започнува. Една танчерка се врти околу столб, друга внимателно слуша муштерија, трета седи во скутот на маж. „Flash Dancers“ повеќе наликува на Мулен Руж отколку на класичен стриптиз-клуб. Жените инсистираат дека не се занимаваат со секс за пари.
Иако проституцијата – која е нелегална во Украина – не е невообичаена во близина на фронтот, повеќето војници ја почитуваат границата. Понекогаш се развиваат пријателства. Жења се сеќава на еден војник кој ѝ испратил разгледница што ја избрала неговата мајка – „прекрасна жена“ која сега ја следи на социјалните мрежи и повремено ѝ испраќа пораки. „Ги познавам нивните деца, нивните мајки“, вели таа.
Некои војници зборуваат за одмори, за животот пред војната, а некои се враќаат со сопругите. „Како семејно собирање е“, вели Нана, 21-годишна темнокоса танчерка.
Во 2022 година, за време на руски напад, една од танчерките – Људмила – била убиена заедно со нејзиниот сопруг, поранешен вработен во клубот. Таа била бремена и пред породување. За чудо, успеале да ја породат и детето преживеало.
Денес многу од редовните гости се ранети. Танчерките им носат подароци во болниците. „Огромен број мажи кои порано доаѓаа… ги нема. Само овој месец, двајца починаа. И тоа се само тие за кои знаеме“, вели Завацка. Еден од нив оставил зад себе едногодишно дете.
Колумбиски војник кој се бори за Украина, пиел шампањ на црвена клупа откако платил речиси 10 долари за влез во клубот. „Доаѓањето тука ни ги разбиструва мислите. Малку нè забавува. Ни ги трга мислите од војната“, рекол 37-годишниот поранешен полицаец, познат по прекарот Пума.
Клубот се затвора во 22 часот, еден час пред полицискиот час. Но, предупредувањата за воздушен напад понекогаш ги приморуваат танчерките да останат подолго – додека не биде безбедно да се вратат дома. Во Харков, сепак, тоа никогаш не трае долго. Танчерките, како и сите други, често се будат од руски ракети и беспилотни летала.
Дури и по непроспиена ноќ, тие се враќаат – решени да настапат.
„Претставата мора да продолжи. Мораме да се смееме“, заклучува Валерија Завацка.
Регион
Двегодишно девојче најдено мртво на плажа во Грција

Девојче на околу двегоишна возраст е пронајдено мртво на плажа во атинското предградие Палео Фалиро во неделата наутро, пренесуваат грчките медиуми.
На телото на девојчето наишол маж од Египет, кој веднаш ја известил полицијата со повик на бројот за итни случаи 112. Екипа на Брза помош го пренела телото во Детската болница, каде се очекува да биде извршена обдукција.
Во меѓувреме, полицијата ги проверува списоците на исчезнати лица, но засега идентитетот на жртвата не е утврден.
Свет
Со нож избодени најмалку 11 лица во Мичиген

Најмалку 11 лица беа избодени синоќа со нож во Волмарт во Траверс Сити, Мичиген. Полицијата соопшти дека напаѓачот е приведен. Повредените се хоспитализирани. Шестмина од нив се во критична состојба, додека петмина други се во сериозна состојба.
Траверс Сити е околу 410 км северозападно од Детроит. Шерифот на Траверс Сити, Мајкл Шеј, изјави дека оружјето употребено во нападот е нож. Се води истрага за мотивите за нападот.