Македонија
Автомобил специјално конструиран за криење стока: Царината заплени фалсификувани производи, парфеми, облека и обувки
Во соработка со МВР службата за мобилни скенери откри случај во кој автомобил со германски регистарски таблички бил специјално конструиран, адаптиран и приспособен со цел криење стока, информираат од Царинската управа.
Случајот е откриен на излез на граничен премин Табановце, каде што со мобилен скенер е извршено скенирање на автомобилот, при што се откриени бункери во праговите. Автомобилот е запленет, а до надлежниот суд ќе биде поднесена соодветна пријава до возачот на автомобилот, инаку македонски државјанин, поради прекршување на царинските регулативи, соопштија надлежните.
„Речиси 130 парчиња облека и обувки се пронајдени во куфери и кеси сместени во багажникот на автомобил со македонски регистарски таблички, со кој двајца македонски државјани се пријавиле за влез во државата на граничниот премин Меџитлија.
67 парчиња облека се откриени од мобилен царински тим при контрола на автомобил со македонски регистарски таблички на влез во државата на граничниот премин Дојран.
329 кинезиолошки ленти за поддршка на мускулите се пронајдени во багажник на автомобил со германски регистарски таблички управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце, автопат.
2.900 делови за ПВЦ-прозорци (оков) се откриени од страна на мобилните царински тимови при контрола на автомобил со македонски регистарски таблички на граничниот премин Блаце.
156 детски играчки со ознаки на заштитени трговски марки се запленети поради сомневање дека повредуваат права од интелектуална сопственост. Тие се откриени при контрола на стока по потекло од Кина, наменета за фирма од Струмица, пријавена за увозно царинење во царинската филијала во Струмица.
Во друг случај мобилен царински тим заплени 406 парчиња облека со ознаки на заштитени трговски марки поради сомневање дека повредуваат права од интелектуална сопственост. Тие се откриени при контрола на стока во транзитна постапка по потекло од Турција.
111 парфеми и тоалетни води се пронајдени во багажник на автомобил со германски регистарски таблички со кој македонски државјанин се пријавил за влез во државата на граничниот премин Табановце“, соопшти Царинската управа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на панел во Давос со американскиот секретар за енергетика: „Македонија мора да стане активен играч во енергетиката“
Премиерот Христијан Мицкоски денеска учествуваше на панел за енергетика во рамки на Светскиот економски форум во Давос, заедно со секретарот за енергетика на САД, Крис Рајт. Тој изјави дека зад себе има успешен и инспиративен ден со средби со мултинационални компании од областа на енергетиката, здравството и високата технологија.
„Претставивме можности за инвестиции во македонската економија – нешто што значи додадена вредност за граѓаните“, рече Мицкоски во видео-обраќање.
Во фокусот на денот, како што рече, бил панелот на кој учествувале водечки светски енергетски компании. „Разговаравме за очекувањата и плановите за развој на енергетиката, особено во производството на електрична енергија“, кажа Мицкоски, кој притоа истакна три клучни поенти од панелот:
Побарувачката на електрична енергија ќе расте два и пол пати побргу од вкупната побарувачка на енергија во светот во наредните години. „Македонија не смее да биде нем набљудувач, туку активен чинител“, порача тој, повикувајќи на рестарт на проекти како Чебрен, Галиште и Бошков Мост.
Во следните десет години, светот ќе треба да изгради капацитети што ќе произведуваат 40.000 терават-часови електрична енергија – што е 5.500 пати повеќе од целата потрошувачка на Македонија, и приближно колку што трошат САД, Канада, ЕУ и Јапонија заедно. Причина за ова е експанзијата на вештачката интелигенција и дата центрите што работат исклучиво на електрична енергија.
Македонија треба да ја диверзифицира економијата и од фокус на автомобилската индустрија да стане значаен играч во енергетиката, користејќи ги постојните ресурси и потенцијали за обновлива енергија.
„Убеден сум дека можеме да успееме како држава во оваа насока“, изјави премиерот.
Македонија
МВР го пронајде возачот кој се снимаше додека вози со 293 километри на час
Министерството за внатрешни работи делуваше по објавата на шокантно видео на социјалните мрежи, на кое се гледа како возач управува со патничко моторно возило со неверојатни 293 километри на час на автопатот Скопје–Гевгелија, во близина на Неготино. На тој дел од патот максимално дозволената брзина е 120 километри на час.
Возачот, А.Д. (36) од село Елово, скопско, веднаш бил идентификуван, пронајден и повикан од полицијата.
„Тој е санкциониран согласно законските одредби“, велат од МВР.
Министерството повторно апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, за зачувување на безбедноста на сите граѓани.
Фото: МВР
Македонија
Утре снежни врнежи, наместа снежната покривка ќе се зголеми и до 25 сантиметри, најавува УХМР
Облачно време со повремени локални врнежи од снег се очекува утре низ целата земја. Пообилни врнежи ќе има во западните делови, каде што висината на снежната покривка на планините и на некои повисоки места ќе може да се зголеми и до 25 сантиметри. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде помеѓу -8 и -2 степени, додека максималната ќе достигне од 0 до 6 степени, јавува УХМР.
За Скопје се најавува претежно облачно време со повремени врнежи од снег со послаб интензитет. Во Скопје, исто така, ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се движи околу -6, а максималната ќе биде до 2 степени.
Во наредните денови се очекува период на променливо облачно време со пораст на температурите. До сабота ќе продолжи претежно стабилно време, со појава на магла во поодделни котлини. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекуваат локални врнежи од дожд, односно снег на планините и повисоките места.

