Македонија
Николоски: Експресениот пат Градско – Дреново е реалност, од Скопје до Прилеп ќе се патува за еден час и десет минути

Пелагонија добива нов модерен експресен пат што ќе значи економски развој и поврзување со соседите. Но мора да се истакне дека овој проект комплетно беше блокиран од претходната Влада. Ние за еден месец успеавме да ги решиме проблемите и да го изградиме овој прекрасен пат, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во своето обраќање.
„Денеска го отвораме експресниот пат кој што треба да не поврзува од Градско до Дреново дел од експресниот пат Градско – Дреново – Фариш. Еден преубав експресен пат кој што ќе значи многу за поврзувањето на Прилеп, Битола, Могила, Новаци, Кривогаштани, Крушево, секако и Росоман и поврзување со главниот град, но исто така ќе значи и поврзување со соседна Грција и поврзување на Коридор 10“, истакна Николоски.
Заблагодарувајќи се на премиерот Николоски кажа дека без неговата поддршка тоа не би било возможно.
„А исто така сакам да се заблагодарам и на ЕУ бидејќи тука има значајна грант компонента, но многу поважно од тоа е посветеноста за развој на овој дел од државата и заради посветеноста да се помогне оти државата не е само главниот град, туку треба рамномерно да се развива и секако тука е поврзувањето со соседите“.
Николоски ги спомна и проблемите со кои се соочил.
„Првата голема главоболка со која што се соочив и се соочи Владата е извештајот за тоа во каква состојба беше овој експресен пат. Ќе ви кажам директно, работници немаше, активности немаше, не беа решени косините, сега гледате како прекрасно изгледаат двете страни на патот и недостасуваа некаде околу 13 милиони евра за да се исплатат и да се доврши реализацијата на овој експресен пат. Изведувачот се спремаше за арбитража, веќе првите чекори беа преземени и работниците беа повлечени. Причината беше претходната Влада која година и половина не сакала да потпише два адендуми, Адендум 3 и 4, кој што беа договорени со ДЕУ и не сакала да формира Комисија која што ќе ги спроведува“.
Овој пат, како што посочи, денеска е реален и не е направен со вештачка интелегенција како што го имаше во одредени пропагандни спотови во изборите и ова според него е најдобра подршка зошто оваа влада треба да биде подржувана од народот за уште поубави проекти.
„За брзо време ќе го отвориме и вториот дел, кој што оди од Дреново до Фариш, таму има два преубави тунели кои што ќез начат нова содржина, ако сакате и во туристичкиот дел во овој регон, а понатаму ќе работиме и на изградба на трета лента на Плетвар како би можело од Скопје до Прилеп да се патува за час – час и десетина минути. Исто така веќе работиме на изградба на автопат од Скопје до Битола како би можело од Скопје до Битола да се патува за час и половина“, посочи Николоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Земјотресот на Света Гора почувствуван и во Македонија

Силниот земјотрес на Света Гора почувствуван и во југоисточниот дел на Македонија.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, денес 7 јуни 2025 година регистрираа серија на земјотреси чии епицентри потекнуваат од соседна Република Грција.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, почувствуван е земјотресот во 14 часот и 46 минути чиј епицентар се наоѓа 290 km југоисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда M L 5.2.
Земјотресот беше почувствуван во југоисточниот дел на Републиката со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала“, известија од Сеизмолошката опсерваторија.
Македонија
АХВ го одбележа 7 Јуни – Светски ден на безбедна храна

Aгенцијата за храна и ветеринарство и оваа година се приклучи и ја поддржува глобалната иницијатива и го одбележа 7 јуни, Светски ден на безбедна храна. Со едукативен и спортско рекреативен настан наменет за граѓаните и децата, денес, во паркот Авионче во скопската населба Ново Лисиче на присутните им беа поделени едукативни флаери за безбедноста на храната, а за најмалите се одржаа спортско-рекреативни игри преку кои се афирмираше безбедноста на храната и нејзиното значење.
На 10 јуни, во вторник, со поддршка и во соработка со Европската агенција за безбедност на храната – ЕФСА, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе одржи настан за подигнување на јавната свест за безбедноста на храната на која ќе учествуваат реномирани претстставници од EFSA, од научните и други институции поврзани со прашпања кои се однесуваат на производството на храна и нејзината безбедност.
Годинашното мото на Светскиот ден на безбедна храна – 7 јуни е „Науката во акција“ и тоа денес не потсетува на важноста на науката како основна алка од синџирот на безбедна храна. Едноставно, тоа е дел без кој не се може и кој ги создава основите за креирање на политиките за безбедност на храната од страна на институциите, како што е и Агенцијата за храна и ветеринарство.
Преку едукативниот спортско рекреативен настан кој се одржа денес и настанот кој во соработка со EFSA ќе се одржи во вторник, АХВ и годинава активно работи на подигнување на свеста на граѓаните за важноста на безбедноста на храната и за превенирање и управување со ризиците со цел унапредување на нивното здравје.
Македонија
(Видео) Василевски: Нула нови градинки за 4 години во Аеродром, околу 700 деца чекаат за запишување секоја година

Изминаа речиси 4 години откако ВМРО-ДПМНЕ ја освои локалната власт. И По 4 години, ВМРО-ДПМНЕ во Општина Аеродром не изгради ниту една од ветените 4 нови градинки, рече денеска на прес-конференција Бојан Василевски, ОО СДСМ Аеродром.
„Овиe градинки беа првиот од 7-те топ приоритети на Муцунски и Митески во програмата со кои ја освоија довербата на нашите сограѓани од Аеродром. Митески и Муцунски ветија целосно нови градинки во Острово, Мичурин, Лисиче и Долно Лисиче, но еве, четири години подоцна, ниту една од овие ветени градинки до денес не е ни започната со градба“, вели Василевски.
Според него, околу 700 дечиња годишно се на листа за чекање за упис во градинка, заради недостатокот на места во градинките во Аеродром.
„ВМРО-ДПМНЕ во Аеродром покажа целосна незаинтересираност за решавање на овој проблем. Единствениот објект на градинка кој се гради во моментов во Стар Аеродром е со 70.000.000 денари, средства обезбедени од Владата на СДСМ во 2024 година. Само за споредба, кога со Општина Аеродром управуваше СДСМ се изградија 2 нови градинки со вкупен капацитет од 400 деца. Целосно нов објект Црвенкапа во Стар Аеродром со капацитет од 200 деца и целосно нов објект Буба Мара во Ново Лисиче со капацитет од исто така 200 деца“, кажа Василевски.