Македонија
Кошничките на власта се целосно промашување, донесоа поголема скапотија за граѓаните, велат од СДСМ
Политиките на власта на Мицкоски и ДПМНЕ со т.н „кошнички“ се покажаа како целосно промашување. Цените не се намалија, туку за одредени производи и се зголемија, оценуваат од СДСМ.
„Кошничките“, како штп велат, донесоа поголема скапотија за граѓаните.
„Зејтинот, јајцата, шекерот, млечните производи, грашокот, гравот, леќата, сѐ е поскапено.
Оваа сурова реалност која граѓаните ја гледат во маркетите и продавниците секој ден е најголем показател за фарсата којашто ја приреди власта. Од „кошничките“ се збогатија големите трговци, дестина милиони евра се извлечени од џебовите на граѓаните со амин на Мицкоски и ДПМНЕ.
Последните податоци од Државниот завод за статистика уште еднаш го потврдуваат тоа –цените растат, граѓаните имаат се поголеми трошоци за живот а се помалку пари во цебовите“.
Од СДСМ додаваат дека трошоците за живот во декември 2024 година се зголемени за 4,4%, основните животни производи, без кои не може да се замисли ниту еден дом, поскапеле за 4,3%.
Според опозициската партија, политиките на Мицкоски се јасно насочени кон заштита на интересите на големите трговци и елитата.
„Додека 99% од граѓаните сè повеќе се борат со зголемените трошоци за живот, 1% – оние блиски до власта – профитираат на нивна сметка.
Оваа политика на Мицкоски ги турка семејствата во уште поголема економска несигурност и во поголема сиромаштија“, нагласуваат од СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Креиран е лажен профил на Венко Филипче на „Фејсбук“, граѓаните да не наседнуваат
Ве известуваме дека е креиран лажен профил на Фејсбук со злоупотреба на името, податоци и фотографии на претседателот на СДСМ, д.р Венко Филипче. Од истиот лажен профил се шират несоодветни и лажни содржини, повици за членски книшки, повици за измислено здравствено осигурување а граѓаните се насочуваат на приватни пораки, велат од СДСМ.
„Ги повикуваме граѓаните и членовите да не наседнуваат и да не споделуваат никакви лични податоци кои можат да им бидат злоупотребени од страна на измамниците кои го креирале“, посочуваат од партијата и додаваат:
„Разликата помеѓу официјалниот профил на претседателот на СДСМ и лажниот може да се препознае најлесно преку синиот беџ за ферификација којшто постои само на официјалниот профил на д-р Венко Филипче. Лажниот профил е веќе пријавен и очекуваме брза реакција за негово бришење“.
Македонија
(Видео) Мицкоски: За делницата Градско – Дреново ги поздравуваме работниците, тие го направија ова да изгледа импозантно
„Експресен пат за Прилеп, делница Градско-Дреново. Инвестиција вредна 37.500.000 евра. Три клучки, четири вијадукти, четири надвозници, три подвозници. Ги поздравуваме и им се заблагодаруваме на работниците затоа што тие го направија ова да изгледа импозантно. Заедно да продолжиме да ја градиме Македонија!“ напиша на Фејсбук премиерот Христијан Мицкоски.
Експресниот пат Градско – Дреново во должина од 15,5 километри вчера беше пуштен во употреба.
Делницата почнува кај клучката Градско, а завршува кај клучката Дреново. Проектот е проценет на вкупна вредност од 37 милиони евра, од кои над 70 отсто се финансирани од фондовите на Европската Унија.
Македонија
Ги повикуваме на разговор доколку вистински се грижат за платите на вработените, во спротивно УПОЗ е синдикална организација што обработува за нечии партиски интереси, велат од Владата
Протестите не се најдобриот начин на комуникација, Владата е отворена за постигнување договор со сите синдикални организации преку дијалог, велат од Владата за протестите на дел од јавната администрација и за барањето поголеми примања.
„Жалиме што УПОЗ и покрај Економско-социјалниот совет како тело во кое учествуваат и на кое секогаш сме дискутирале за сите предизвици, избра да протестираат. Владата докажа и покажа дека е партнер на работниците, затоа потенцираме дека како Влада сме спремни да седнеме на маса и да ги разгледаме сите предлози од страна на синдикатите. Штрајкот како прво решение не е легитимен чекор и покажува политичка инструираност“, наведуваат од Владата.
Од таму посочуваат дека протестите се малициозни и политички мотивирани, платите не се високи, но и можностите на буџетот се лимитирани.
„Доколку УПОЗ вистински се грижи за платите на работниците, ги повикуваме на разговор сѐ со цел вистинско изнаоѓање решенија. Во спротивно останува сомнежот дека УПОЗ е синдикална организација што обработува за нечии партиски интереси, кои не мислат ништо друго, освен собирање ситни политички поени на грбот на граѓаните“, соопштија од Владата.
Државната администрација од неколку министерства и денес излезе на получасовен протест со барање за 30 отсто поголема плата и потпишување на колективниот договор. Претседателот на Синдикатот на вработените во управата, правосудните органи и здруженијата на граѓаните (УПОЗ), Трпе Деаноски, денес, пред Министерството за култура, ја замоли опозицијата да не се лепи на протестот, а на Владата ѝ порача да не го меша УПОЗ со некој друг синдикат.