Свет
(Видео) На рудари во нелегален рудник за злато во Јужна Африка им биле скратени храната и водата, извлечени 60 тела
Јужноафриканските власти извлекоа најмалку 60 тела од окното на затворениот рудник за злато на повеќе од два километра под земјата, каде што се стравува дека има повеќе заробени, по опсадата како дел од борбата против нелегалното ископување.
Опсадата на рудникот, која почна во август во градот Стилфонтејн, на речиси 150 километри од Јоханесбург, го прекина снабдувањето со храна и вода во обид да ги принуди рударите да излезат на површината за да бидат уапсени.
Властите вчера почнаа да користат метален кафез за да почнат да ги извлекуваат луѓето и телата од окното, а се очекува дека ќе бидат потребни денови. „Не знам точно колку луѓе сѐ уште се таму“, изјави јужноафриканскиот министер за полиција, Сензо Мчуну, за телевизијата eNCA, доцна во вторникот.
„Фокусирани сме да дојдеме до нив, да им помогнеме да излезат. Тешко е да се каже кога ќе бидат извлечени сите рудари“, нагласи тој.
Во вторникот 106 преживеани беа извлечени и уапсени поради нелегално ископување. Еден ден претходно, бројката беше 26. Јужноафриканската индустрија за благородни метали со децении се бори со нелегалното ископување, што ги чини владата и индустријата стотици милиони долари годишно поради изгубени продажби, даноци и хонорари, проценува телото на рударската индустрија.
Нелегалното ископување главно е фокусирано на рудници што компаниите ги напуштиле бидејќи повеќе не се комерцијално исплатливи. Нелиценцирани рудари потоа влегуваат во нив за да извлечат сѐ што можеби останало.
Јужноафриканската влада соопшти дека опсадата на рудникот „Стилфонтејн“ е неопходна за да се спротивстави на илегалното ископување, што министерот за рударство Гведе Манташе го нарече војна против економијата. Но, жителите и групите за човекови права ги критикуваат напорите на владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Белата куќа: Фластерите на рацете на Трамп не се од повреда
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, изјави дека фластерите што во неколку наврати беа забележани на рацете на американскиот претседател Доналд Трамп не се резултат на повреда, пренесе „Унилад“.
Таа на прес-конференција објасни дека Трамп постојано се ракува со голем број луѓе додавајќи дека Овалната соба „е како Гранд централ станица“. Ливит наведе и дека претседателот секојдневно зема „аспирин“, што може да придонесе за појава на модринки.
Објаснувањето предизвика реакции и дополнителни прашања во јавноста, но од Белата куќа инсистираат дека здравјето на претседателот е добро. Лекарот на Белата куќа на 1 декември соопшти дека 79-годишниот Трамп е во одлична општа здравствена состојба по извршениот систематски преглед.
Свет
СЗО: Нема поврзаност меѓу вакцините и аутизмот
Светската здравствена организација (СЗО) објави нова анализа со која повторно потврдува дека не постои причинско-последична врска меѓу вакцините и аутизмот, спротивно на тврдењата што кружат во јавноста. Директорот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејсус, изјави дека аутизмот не е несакан ефект од вакцините.
Анализата на советодавниот одбор за безбедност на вакцините опфатила 31 научна студија спроведена во повеќе земји во период од 15 години, вклучувајќи вакцини што содржат алуминиум и тиомерсал. СЗО наведува дека ова е четврта ваква ревизија по оние од 2002, 2004 и 2012 година и сите дошле до ист заклучок – вакцините не предизвикуваат аутизам.
Од СЗО потсетуваат дека тврдењата за поврзаност потекнуваат од студија од 1998 година, која подоцна била повлечена поради фалсификувани податоци. Организацијата нагласува дека вакцините остануваат едни од најважните медицински достигнувања и дека значително придонеле за намалување на смртноста кај децата.
Свет
Си-ен-ен објави: Американската ФДА разгледува воведување највисоко предупредување за вакцините против ковид-19
Американската Агенција за храна и лекови (ФДА) планира да воведе т.н. блек бокс предупредување, највисоко ниво на безбедносно предупредување, за вакцините против ковид-19, објави Си-ен-ен.
Станува збор за предупредување што се користи за истакнување сериозни ризици, животозагрозувачки и трајни несакани ефекти, кои мора да се земат предвид во однос на придобивките од вакцината. Планот сè уште не е конечен и не е јасно дали ќе се однесува само на мРНА-вакцините или на сите вакцини против ковид-19, ниту дали ќе ги опфати сите возрасни групи.
Американското Министерство за здравство и социјални услуги (ХХС) не го потврди планот наведувајќи дека без официјална објава од ФДА, станува збор за шпекулации.
Според научни процени што ги пренесува Си-ен-ен, вакцините против ковид-19 во првата година од примената спречиле речиси 20 милиони смртни случаи во светот. Податоците на американскиот ЦДЦ покажуваат дека вакцинираните деца во сезоната 2024/2025 имале значително помал ризик од итни лекарски интервенции поради ковид-19.
ФДА претходно побара проширување на предупредувањата за ризик од миокардитис и перикардитис, ретки воспаленија на срцето, кои најчесто се јавувале кај млади мажи по мРНА-вакцините. Според ЦДЦ, повеќето случаи завршиле со закрепнување, без смртни исходи.
Повеќе експерти предупредија дека воведување блек бокс предупредување, без јавно достапни докази, може да ја наруши довербата во вакцините. Од ФДА и ХХС ги отфрлија тврдењата дека процесот е политички мотивиран.
Конечната одлука на ФДА се очекува до крајот на годината, но плановите сè уште може да се променат.
Фото: Депозитфотос

