Македонија
Директор на комунално претпријатие обвинет за проневера во службата
По спроведена истражна постапка, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен акт против едно лице за кривично дело проневера во службата од член 354 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Обвинетиот, во периодот од 01.01.2021 до 31.12.2021 година, како службено лице – в.д. директор на ЈКП „Гази Баба – 2007“, со намера за друг да прибави противправна имотна корист присвоил пари доверени во службата. По претходна одлука на Управниот одбор на јавното претпријатие за ангажирање невработени лица за вршење јавни работи за потребите на Општина Гази Баба, обвинетиот склучил договори со седум лица. Договорите биле заведени под ист деловоден број и имале потпис само од обвинетиот. Притоа, иако за нив водел евидентни листови кои обвинетиот лично ги потпишувал, наводно ангажираните привремени работници не работеле во ЈКП „Гази Баба – 2007“, а на одредени датуми за кои примале хонорар всушност се наоѓале надвор од границите на државата. За тоа време тие биле уредно водени дека ги извршуваат ангажманите за кои склучиле договори и им се исплаќал паричен надоместок, кој во вкупен износ за сите седум лица достигнал 880.516 денари.
Имајќи ја предвид пред се сериозноста и тежината на кривичното дело кое му се става на товар, запретената казна и останатите прилики, надлежниот јавен обвинител до Судот заедно со обвинението достави и посебен предлог со кој побара спрема обвинетиот да бидат определени мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиште, обврска повремено да се јавува кај службено лице и привремено одземање на патната исправа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
По 8.000 денари за секое бебе во општина Аеродром
Секое семејство со живеалиште во Општина Аеродром кое во текот на 2026 година добило новороденче или посвоило дете до една година, ќе добие еднократна парична помош во износ од 8.000 денари.
-Оваа мерка е наменета како практична поддршка за семејствата, особено во првите месеци од грижата за детето. Општина Аеродром останува посветена на семејствата и на децата, со љубов и внимание кон најмалите, создавајќи средина каде што тие можат да растат среќни, сигурни и поддржани, соопшти Општина Аеродром.
Македонија
Нека е со среќа, нека е аирлија, порача Мицкоски на пуштањето во употреба на реконструираната гимназија „Кирил Пејчиновиќ“
Во Тетово денеска беше пуштена во употреба реконструираната гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ .
На настанот присуствуваше премиерот Христијан Мицкоски кој изрази задоволство што за само неколку месеци со, како што рече, силна и посветена работа, е завршена реконструкцијата на гимназијата.

– Тоа што тогаш можеби делуваше невозможно, денеска е возможно, реално. Сакам да се заблагодарам на градоначалникот, на советниците од Општина Тетово коишто го поддржаа овој проект, да се заблагодарам на Министерството за образование, на сите оние коишто се добронамерници за Тетово и тетовци и што изминатиов период се дел, би рекол, од многуте проекти коишто се реализираат во Општина Тетово, изјави Мицкоски.
На учениците и на наставниците од училиштето тој им посака успеси во работата односно во учењето и, рече, „уште многу успешни тетовчани да произлезат од клупите на ова училиште“.

– Нека е со среќа, нека е аирлија и да ни се множат уште многу вакви успешни проекти, додаде премиерот.
Македонија
Во Кочани ќе се гради патека на бесконечност за загинатите во Пулс
Советот на Општина Кочани на вчерашната 9. седница едногласно ја поддржа иницијативата за изградба на спомен-обележјето „Патека на бесконечноста за 63 ангели“ посветено на 63 жртви во пожарот во дискотеката „Пулс“.
Предлогот беше усвоен со 19 гласа „за“ и плод на иницијатива на Здружението „16 март 2025 Кочани“.
Според усвоениот план, спомен-обележјето „Патека на бесконечноста за 63 ангели“ ќе биде изградено во Стариот парк, во централното градско подрачје, на локацијата меѓу улиците „Браќа Ставреви“ и „Кеј на Револуцијата“.
Со оваа одлука на Советот на Општината, градоначалникот Влатко Грозданов се овластува по брза постапка да формира работно тело, со цел проектот да биде завршен до 16 март годината кога ќе се наврши една година од трагедијата во дикостеката „Пулс“ во Кочани.

