Македонија
Цветков до Филков: Кој лаже за партиските смени во Судскиот совет, Мицкоски или вие
Пратеникот на СДСМ, Борче Цветковски, на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања упати прашања до министерот за правда Игор Филков, кое се однесува за различните ставови на премиерот Мицкоски и министерот Филков за партиските смени во Судскиот совет.
„Довербата во судството е на најниско ниво, потребни се реформи и обезбедување на независно судство кое ќе работи по слово на Закон, ослободено од било какви влијанија.
Но, министре Филков, владата во којашто сте дел, на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН, сосема спротивно, во изминатите 7 месеци наместо реформи во судството спроведува партизација односно класична окупација на судството“, кажа тој.
Според него, во сите три полуги на власта, извршна законодавна и судска власт се спроведува партиска интервенција и узурпација и тоа е дел од операцијата на воспоставување целосно контрола над судството.
„Изборот на Данка Ристова, сопруга на градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, за член на Судскиот совет е јасна потврда за ова што го говорам. Ова не е изолиран случај, туку јасна стратегија. Како што беше во времето на Груевски, така и денес, сакате судиите да бидат само пиони кои ќе носат одлуки според партиски директиви. Истото се случи и во Советот на јавни обвинители. За член на Советот на јавни обвинители избравте избравте член кој самиот се претстави како координатор на политичка партијата.
Наместо независни институции кои ќе судат по словото на законот, заедно со ДПМНЕ и ВЛЕН создавате партиски контролиран судски систем кој ќе служи како ваша алатка за политички прогон и заштита на криминалот во редовите на власта.
Ова е истиот рецепт од времето на Груевски, кога судиите беа алатки на режимот, а правдата беше глува за граѓаните“, посочи Цветков.
Партизација на судството, како што рече е директен напад врз демократијата и владеењето на правото.
„Особено што се случува паралелно со партизација на безбедносните агенции, независните регулаторни тела и други институции. Со партиски окупирани институции и контролирано судство нема владеење на правото министре Филков. Дополнително, премиерот Мицковски најавува и целосно распуштање на Судскиот совет, што би значело целосна контрола врз судството од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Во Извештајот на ЕК јасно е нотирано дека загрижува најавеното распуштање на Судскиот совет и Советот на ЈО и дека е неопходно реформи во согласност со препораките на Оценската мисија. Е сега министре Филков во едно од вашите интервјуа најавивте дека до јуни годинава ќе ги донесете измените и дополнувањата на Законот за Судски совет во кој пак ќе бидат инкорпорирани препораките на Оценската мисија на ЕК.
Ова што вие го најавувате е во спротивност со најавите на премиерот Мицкоски.
Препораките од Оценската комисија не предвидуваат партизација на судството.
Моето прашање до Вас е, кој од Вас не ја говори вистината?
Односно која лаже?
Вие кога велите дека ќе ги спроведете препораките на Оценската мисија на ЕУ или премиерот Мицкоски кој вели дека ќе се распушта судскиот совет“, заклучи Цветков.“
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јанчев од Левица по сообраќајната несреќа: Веднаш пружив помош, но бев мета на политичка хајка
Пратеникот и лидер на Левица, Саше Јанчев, денеска се огласи по повод сообраќајната несреќа во која бил учесник, истакнувајќи дека во настанот се погодени најмалку три семејства и бројни блиски лица, поради што досега, како што вели, свесно молчел. Јанчев нагласува дека не сака да навлегува во детали од несреќата, но чувствувал потреба јавно да се произнесе поради, како што тврди, политичката злоупотреба на случајот.
Тој изрази жалење за сè што се случило таа вечер и посочи дека веднаш по несреќата пружил помош и повикал итни служби. Притоа, Јанчев укажа дека брзата помош, според неговите наводи, пристигнала по цели 50 минути.
Во изјавата потенцира дека бил единствениот легален учесник во сообраќајот во конкретната несреќа и отфрли тврдења дека управувал возило под дејство на алкохол или дрога, како и дека возел со непрописна брзина, оценувајќи ги ваквите информации како целосно неточни.
Јанчев реагира и на објавите во дел од медиумите дека управувал „бесен џип“, наведувајќи дека неговото возило е старо 20 години и дека станува збор за намерно креиран наратив. Според него, уште истиот ден по несреќата, владејачките партии започнале, како што рече, координирани политички напади против него.
Тој обвини дека бил јавно осуден преку партиски прес-конференции и медиумски настапи, без, како што посочи, да се постави прашањето за одговорноста на министерот за внатрешни работи и министерот за здравство. Јанчев наведе и дека од страна на власта му биле упатени закани поврзани со работата на Анкетната комисија за Кочани.
Во однос на прашањето за пратеничкиот имунитет, Јанчев истакна дека никогаш не се повикал на него и дека имунитетот, како што нагласи, не ја исклучува кривичната одговорност.
„Сето ова се прави без чувство дека во приказната не сум само јас, туку и луѓе кои се настрадани и длабоко потресени“, наведе Јанчев, повторувајќи дека искрено жали за сè што се случило и дека не знае зошто морало да дојде до таков трагичен настан.
Македонија
ТАВ Македонија: Меѓународниот Аеродром Скопје е отворен
Поради густата магла која ја зафати скопската котлина, а која предизвика намалена видливост, на Меѓународниот Аеродром Скопје, денеска од 00:00 часот до 18 часот, има 16 откажани и 11 пренасочени летови. Три авиони слетаа и три авиони полетаа после пладне, кога се подобрија временските услови. Слетаа авионите од Дортмунд, Истанбул и Париз, а полетаа за Истанбул, Осло и Баден-Баден, информираат од ТАВ Македонија.
Бидејќи временските услови се менуваат постојано, од ТАВ Македонија апелираат до сите патници да ги следат информациите и насоките за нивните летови кои ги добиваат од авиокомпанијата со која летаат
-Согласно временската прогноза која ни стигнува од Метео-службата на М-НАВ, намалена видливост се очекува и во текот на ноќта. За патниците и јавноста би сакале да појасниме дека Меѓународниот Аеродром Скопје не е затворен. Аеродромот е постојано отворен, без разлика на временските прилики, а нашиот персонал е подготвен да ги прифати, услужи и испрати и авионите и патниците, се вели во соопштението од ТАВ Македонија.
Сите промени во редовниот распоред на летање се ажурираат во реално време на веб-страницата на Меѓународниот Аеродром Скопје https://skp.airports.com.mk/, а патниците може да се информираат за статусот на нивните летови и на пултот за информации кој работи 24/7 со персонал кој е присутен на аеродромот и на телефонскиот број 02 3148 333.
Македонија
Сонце само над Водно – градот втор најзагаден во Европа
Скопје денеска осамна покриено со густа магла, која целосно го проголта градот и го сокри сонцето од погледот на скопјани. Додека во низините видливоста беше значително намалена, единственото место каде што сонцето се пробиваше низ облаците беше Водно, поточно околу Милениумскиот крст.
Од височините на Водно можеше јасно да се забележи контрастот меѓу сончевото небо и густата магла што се задржа над градот, создавајќи слика на Скопје „заробено“ под сив покрив.
Покрај неповолните временски услови, денес Скопје е рангирано како втор најзагаден град во Европа, што дополнително ја влошува состојбата со квалитетот на воздухот и претставува сериозен ризик за здравјето на граѓаните.
Граѓаните повторно апелираат за итни мерки и долгорочни решенија за справување со аерозагадувањето, кое со години останува еден од најголемите проблеми во главниот град.

