Регион
Вучиќ: Мора да ја спасиме државата од дестабилизација
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, синоќа ги повика сите да влијаат на намалување на тензиите и посочи дека стабилноста, мирот и животите на луѓето немаат алтернатива и дека Србија мора да се заштити од каква било дестабилизација.
Вучиќ во видео обраќање на „Инстаграм“ рече дека поминале два и пол месеци од страшната трагедија во Нови Сад и дека државата си ја завршила работата како што ветила.
„Обвинителството спроведе истрага, полицијата ги собра сите информации, обвинителството поднесе обвиненија и сега судовите треба да ја донесат својата одлука. Во меѓувреме бевме сведоци на злоупотреба на трагедијата, како и обично од страна на истите политички субјекти кои можат да ја преземат власта само без волја на народот, без демократија и без избори. А тоа не би било и нема да биде голем проблем, бидејќи на крајот ќе го решиме со демократско изразување на волјата на народот. Но, проблем е кога со денови го користите внатрешниот студентски конфликт како повик за насилство врз политичките неистомисленици, а тоа што се случи денеска во Белград и Нови Сад е уште поголем проблем“, рече Вучиќ.
Тој изјави дека 18-годишна девојка е страшно повредена во Белград бидејќи, како што истакна, некој многу неодговорен се обидел на најбрз можен начин да помине низ оние што го блокираат патот. Тоа лице е уапсено, приведено, а квалификацијата на делото е најтешка можна“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека во исто време во Нови Сад или веднаш потоа се случило понижување и повреда на една постара госпоѓа, која, како што наведе, била виновна само затоа што сакала да си оди и која била виновна затоа што мислела поинаку од демонстрантите кои би можеле да и бидат внуци и деца. „Таа грда и грозоморна слика на понижување и повредување на некој постар само затоа што размислува поинаку, никогаш повеќе не смее да се повтори кај нас“, посочи Вучиќ и додаде дека за секој инцидент мора да одговараат сите страни.
„Ги поканувам сите, ќе се приклучам сам, ќе го изберам секој збор што ќе го кажам во наредниот период, за да не влијаеме на намалување на тензиите, но ги молам и сите други и оние кои организираат нелегални собири барем неформално информирајте не каде ќе ги организираат за да им обезбедиме полициска заштита и од автомобили и од автобуси и од сите други учесници во сообраќајот“, рече претседателот на Србија.
Тој побара од сите други политички актери да размислат, бидејќи стабилноста, мирот и животот на луѓето немаат алтернатива. „И Србија треба да ја заштитиме од каква било дестабилизација и на крајот сите одлуки да ги носиме демократски“, рече Вучиќ и посочи дека е сигурен дека повредената студентка со чии родители, како што наведе, разговарал министерот за здравство и дека сака да верува дека и госпоѓата со која тој самиот разговарал и ѝ посакал добро здравје – ќе бидат добро во наредните денови. „И им посакувам се најдобро на нив и на нивните семејства. Но, мора да се вратиме на работа и да ги решаваме проблемите во парламентот и другите институции. За тоа постојат институции. Србија може и мора да оди напред во иднината“, нагласи Вучиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Рама објави укинување на забраната за „Тик-ток“ во Албанија
Албанскиот премиер Еди Рама објави дека социјалната мрежа „Тик-ток“ повторно ќе биде достапна во Албанија.
Рама во интервју за „Политико“ истакна дека албанската влада постигнала партнерство со претставници на социјалната мрежа и дека набргу ќе претстави нови мерки за заштита на јавноста во оваа земја.
„Задоволни сме од резултатот. Постигнавме партнерство и се надевам дека во наредните недели или месеци ќе го презентираме планот пред албанските граѓани, како што ветивме“, рече Рама.
Албанската влада го забрани „Тик-ток“ пред една година кога објавите на платформата предизвикаа тепачка меѓу млади, во која 14-годишно момче беше избодено до смрт.
Регион
Србија меѓу првите во регионот што воведува тестирање на алкохол кај летачкиот и кај кабинскиот персонал
Од 1 јануари 2026 година во Србија ќе почне систематско тестирање на летачкиот и на кабинскиот екипаж за присуство на алкохол.
Со тоа Србија станува една од првите земји во регионот што ја воведува оваа постапка во целост, објави Дирекцијата за цивилно воздухопловство на Србија.
Тестирањето ќе се спроведува на летачкиот и на кабинскиот екипаж на домашни и странски авиони што ги користат аеродромите во Србија.
Проверките ќе ги вршат специјално обучени и овластени воздухопловни инспектори на Дирекцијата.
Постои нулта толеранција за присуство на алкохол кај членовите на екипажот на авионите.
За мерење на количината алкохол ќе се користат сертифицирани и калибрирани уреди за мерење алкохол во здивот, кои имаат доказна вредност во судските постапки.
Во случај член на летачкиот или кабинскиот екипаж да го одбие тестот или тестот утврди присуство на алкохол, воздухопловниот инспектор привремено ќе му забрани да ги извршува должностите на член на екипажот и ќе го пријави тоа кај надлежните органи.
По правило тестирањето ќе се врши во кабината на авионот, а податоците за спроведените тестови ќе се внесуваат во централизирана база на податоци управувана од Агенцијата за безбедност на воздухопловството на Европската Унија (EASA).
За почетокот на примената на оваа постапка Дирекцијата навремено ги информира сите воздухопловни субјекти во Србија и EASA, која има улога да обезбеди поддршка во дефинирањето на приоритетите за тестирање и управувањето со релевантните податоци.
Фото: depositphotos
Регион
Во Хрватска во тек е јавна дебата за изградбата на првата нуклеарна централа
Во Хрватска предлог-законот за примена на нуклеарна енергија за цивилни цели, изготвен од работна група, составена од голем број експерти од областа, е пуштен на јавна дебата, што всушност е првиот сериозен правен чекор во долгорочниот и скап процес на изградба на првата нуклеарна централа на хрватска територија.
Во последните месеци, министерот за економија, Анте Шушњар, често се појавуваше во јавноста со идејата дека Хрватска треба да изгради сопствена нуклеарна централа, што во овие нови геополитички околности и трендови на напуштање на фосилните горива, како и во времето на револуцијата на вештачката интелигенција и потребата од огромни количини електрична енергија, би донело стабилност во електроенергетскиот систем на земјата и би влијаело на намалувањето на емисиите на штетни гасови, пренесува „Танјуг“.
Од нацрт-верзијата на предложениот закон е јасно дека Хрватска во иднина во голема мера ќе се потпира на нуклеарна енергија. Планот е една третина од електричната енергија до 2040 година да доаѓа од нуклеарни извори.

