Топ
Обвинение против 10 лица, членови на организираната криминална група, за посредување при проституција, перење пари и трговија со дрога
По завршувањето на истражната постапка која ја водеше Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, а во која учествуваа полициски службеници од Истражниот центар на ОЈОГОКК и од Одделот за организиран и сериозен криминал на МВР на РСМ, јавниот обвинител од ова обвинителство до Основниот кривичен суд Скопје поднесе обвинение против 10 лица и едно правно лице.
Седуммина обвинети како членови на злосторничко здружение сториле кривично дело Посредување во вршење проституција, од кои четворица се обвинети и за кривичното дело Перење пари и други приноси од казниво дело, а за кое дело се обвинува и правното лице. Останатите двајца припадници на групата се обвинети за Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, додека на полицискиот службеник освен злосторничко здружување му се става на товар и кривичното дело Оддавање службена тајна.
Организираната група ја создал првоосомничениот, кој ги организирал и координирал криминалните активности на другите припадници на групата која во временскиот период од 2020 година до октомври 2024 година се занимавала со посредување во вршење проституција и недозволена трговија со дрога, а дел од обвинетите ги прикривале нелегално стекнатите приходи од овие кривични дела. Членови на криминалната група биле и две службени лица – затворски полицаец и полициски службеник.
Во текот на истражната постапка, тројца од осомничените го признаа извршувањето на делата и се спогодија со обвинителството. Врз основа на предлог спогобите на две лица за сторени кривични дела Злосторничко здружување и Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори им се изречени затворски казни во траење од 2 години и 3 месеци и од 1 година и 8 месеци, а службеното лице е осудено на казна затвор во траење од 1 година и 8 месеци за сторени кривични дела Злосторничко здружување и Оддавање службена тајна. За осомничениот кој е недостапен на органите на прогонот постапката е прекината до негово пронаоѓање.
Во постапката се определени мерки кон вреден недвижен имот во Тетово и Гостивар, вреден подвижен имот – возила, накит и часовници од значителна вредност, како и парични средства и други предмети што потекнуваат и се принос од кривичните дела.
Имајќи ги предвид околностите, поврзаноста на обвинетите и кривичните дела што им се ставаат на товар, јавниот обвинител цени дека во моментот мерката притвор е единствена со која во моментот може да се обезбеди присуство на обвинетите и непречено водење на постапката истата, па му предложи на судот истата да биде продолжена за секој од нив.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Несреќа на патот Градско – Велес, сообраќајот во прекин
АМСМ извести дека на регионалниот пат Градско – Велес се случила сообраќајна незгода.
Поради тоа од 09 часот и 50 минути сообраќај на патот е во прекин.
Македонија
Започна аплицирањето за електронски ваучери за студенти преку Националниот портал за е-услуги
Министерството за дигитална трансформација ја информира јавноста дека од денеска е отворен Јавниот повик за доделување на вредносни ваучери за студенти за набавка на електронски уреди, кој се спроведува преку Националниот портал за е-услуги – uslugi.gov.mk.
Сите студенти може да аплицираат најдоцна до 20 декември 2025 година, а реализацијата на ваучерите, односно подигањето на уредите, може да се изврши до 31 декември 2025 година.
Чекори за аплицирање за студенти кои се во евиденција на МОН (линк до услугата: https://uslugi.gov.mk/service-details.nspx?serviceId=5980)
- Студентот се најавува на uslugi.gov.mk и ја поднесува апликацијата за услугата „Јавен повик за доделување на вредносен ваучер за студенти за набавка на електронски уреди“.
- Во процесот на аплицирање не е потребно прикачување документи. По успешно поднесување, системот генерира документ – Вредносен ваучер.
- Со добиениот ваучер, документ за идентификација и потпишување на Изјава за искористен ваучер (во продажниот салон на економскиот оператор), студентот може да го подигне електронскиот уред од избраниот економски оператор, најдоцна до 31.12.2025 година.
Чекори за аплицирање за студенти кои НЕ се во евиденција на МОН
- Доколку при аплицирањето системот утврди дека студентот не е во евиденција на МОН, тој автоматски добива известување и линк кон посебната услуга:
„Јавен повик за доделување на вредносен ваучер за набавка на електронски уред за студенти кои не се во евиденција на МОН“, каде треба да продолжи со апликацијата до 20.12.2025 година. - Во овој случај, студентот е должен да прикачи потврда за редовен/вонреден студент, издадена од високобразовната установа во која е запишан.
- По успешно комплетирање на апликацијата, системот генерира Вредносен ваучер.
- Со ваучерот, документ за идентификација и потпишана Изјава за искористен ваучер, студентот може да го подигне електронскиот уред од избраниот економски оператор најдоцна до 31.12.2025 година.
Економски оператори за реализација на ваучерите:
Министерството за дигитална трансформација ги охрабрува сите студенти да аплицираат навремено и да ја искористат оваа можност преку Националниот портал за е-услуги.
Македонија
(Видео) Мицкоски и Ѓорѓиевски во вечерна обиколка на Скопје: Се беше чисто и средено како што доликува
Премиерот Христијан Мицкоски на својот фејсбук профил објави дека заедно со градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски биле во вечерна обиколка на градот.
„Вечерна обиколка на плоштадот и дел од Градскиот парк. Се беше чисто и средено како што доликува за нашето Скопје!
Го посетивме и Луна Паркот за кој наскоро се започнува постапка за негова реализација“, напиша Мицкоски.
За вечерната обиколка на социјалните мрежи објави и градоначалникот Ѓорѓиевски.
„Вечерна обиколка на Скопје со премиерот Христијан Мицкоски, кое сега конечно личи на метропола, како што доликува.
Улиците и плоштадите чисти, полни со посетители – ја нема онаа лоша слика на која навикнавме.И никогаш повеќе нема да се повтори“, напиша Ѓорѓиевски на социјалните мрежи.
Го посетивме, пишува тој, и она што долги години му треба не само на Скопје, туку и на Македонија.
„ Луна Паркот за кој наскоро започнуваме постапка за негова реализација.
Најдоброто, доаѓа“, потенцира градоначалникот на Скопје.

