Скопје
(Видео) Герасимовски и тренерот на КК „Работнички“, Самарџиев: Со реконструкцијата на салата македонската кошарка ја подигнуваме на повисоко ниво

Спортската сала „Работнички“ која е симболот на македонската кошарка и градот Скопје, оваа година добива комплетно нов и модерен лик. Тренерот на Кошаркарскиот клуб „Работнички“ Горан Самарџиев, преку видео истакнува дека е среќен бидејќи после децениско чекање, оваа сала ќе биде во ново руво кадешто кошаркарите ќе имаат подобри услови за тренинг.
„Големо е задоволство и многу сме среќни бидејќи после децениско чекање салата на КК ,,Работнички” ќе биде во ново руво и едноставно ќе имаме многу подобри услови за тренинг и за напредок, како на првиот тим, така и на младинските категории. Јас имам посебни емоции спрема оваа сала. Овие млади дечки денеска немаат осетено што значи да играш во салата Градски парк пред полни трибини. Се надевам дека таа традиција ќе ја вратиме и дека заедно со навивачите, со Општина Центар и со сите расположливи сили, салата ќе добие еден нов сјај кадешто македонската кошарка и КК „Работнички” ќе биде на едно повисоко ниво со многу подобри услови за работа за сите“, вели Самарџиев.
Градоначалникот Горан Герасимовски, информира дека годинава се враќа сјајот на спортската сала „Работнички“ која е гордоста на Општина Центар.
„Долги години салата беше во катастрофална состојба, запуштена и оставена да се распаѓа. Успеав да ги добијам надлежностите врз објектот и земјиштето за да можеме да почнеме со реконструкција. Сите мои претходни колеги ветуваа решенија, но немаше никаква реализација. Ние првата фаза во месец декември ја отпочнавме, во моментов работиме на фасадата и на кровот, а потоа следува и реконструкција на канцеларискиот дел. Ќе поставиме нови инсталации за електрична енергија, современо осветлување и водовод. Ќе направиме комплетна реконструкција со проширување на теренот, поставување на нова еластична подлога и подно греење, а целиот простор ќе се климатизира. Наместо бетонските клупи, ќе поставиме 891 седиште“, порачува Герасимовски.
Капитенот на КК ,,Работнички” Виктор Ефремовски потенцира дека со нетрпение чекаат да се вратат во својот дом и да го изиграат првиот натпревар во нивната сала.
Со реконструкцијата на салата, ќе се обноват соблекувалните, туш кабините, ќе се постави нова опрема, кошеви и друга потребна инфраструктура. Ќе се обезбеди висока енергетска ефикасност, што значително ќе ги намали трошоците за енергија. Целокупната реконструкција ќе биде согласно стандардите и процедурите на ФИБА.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Герасимовски го отвори штабот во Дебар Маало: Реализиравме над 90 отсто од програмата, одиме на победа

Синоќа во Дебар Маало беше отворен централниот промотивен штаб на кандидатот за градоначалник на Општина Центар од редовите на СДСМ, Горан Герасимовски.
Во своето обраќање пред присутните, Герасимовски истакна дека ќе продолжи да работи посветено за Општина Центар и за подобар квалитет на живот на сите жители. Тој потенцираше дека заедно со тимот на најдобар начин покажале како треба да се води Центар.
„Со гордост и со факти покажавме дека во над 90 проценти ја исполнивме нашата програма. Денеска Центар, по мислење на многумина е најдобрата општина во државата. Воведовме нов начин на управување. Слушаме, се консултираме, не има секогаш и насекаде на терен помеѓу граѓаните. Сè што правевме беше единствено за граѓаните на нашиот Центар што го сакаме. Затоа и решив да продолжиме заедно, за да Центар биде уште подобар“, рече Герасимовски.
Герасимовски, изјави дека ги има резултатите, програмата, но и енергијата и емоцијата. Тој ги повика сите центарци да продолжи новата испишана приказна во Центар.
„Од срце ве повикувам на целосна мобилизација. Ве повикувам на заедничка работа со добра мисла. Ве повикувам да бидеме дел од заедничкиот успех, од заедничката победа за Центар што го сакаме. Да живее Центар, за победа!“, порача Герасимовски.
Македонија
Делови од Ѓорче Петров и Сопиште денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09:00 до 13:00 часот, дел од корисниците на улицата Мице Козар, општина Ѓорче Петров;
– во периодот од 10:00 до 12:00 часот, корисниците од ул.4 во Горно Соње, општина Сопиште.
Македонија
Костовски: Градиме модерен затворен пливачки базен во Радишани

Радишани добива нов модерен затворен базен, во вредност од 80 милиони денари, извести градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски.
Како што соопшти градоначалникот, предност во користење на овој базен ќе имаат учениците од ОУ „Ацо Шопов“, но генерално ќе можат да го користат сите ученици, а и граѓаните во подоцнежните часови.
Тој најави и уште еден нов затворен базен во населеното место Бутел 1, во дворот на училиштето „Св. Климент Охридски“.