Македонија
Николоски: Ја пуштаме за сообраќај новата пруга Куманово-Бељаковце, за две-три недели ќе имаме и нова железничка линија
Само со посветенот и одговорност, за две недели можат да се пуштат во употреба три крупни капитални проекти. Денеска ја пуштаме пругата од Куманово до Бељаковце, пруга која ќе значи економски напредок на овој регион, ќе значи поврзување со соседите и подобрување на животот на граѓаните, истакна во своето обраќање вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на пуштање во употреба на новата пруга од Куманово до Бељаковце.
„Прекрасен ден да ја отвориме пругата од Куманово до Бељаковце, 31 километар кој се надевам дека ќе значат нов економски развој и напредок за целиот овој регион. Овој е еден од регионите кој што најмногу треба да ги развиваме во државата и регион кој дефинитивно заслужува поголем економски напредок. Како што кажа директорот на Железници Инфраструктура, беше голем предизвик да се заврши проектот навреме и еве проектот е завршен навреме. Завршувањето покажува не само посветеност и одговорност, туку дека во Македонија можат да се реализираат и големи инфраструктууни проекти и оваа е само поттик да се продолжи понатаму и за втортата фаза, а секако и за реализација и за третата фаза за која што ќе ни треба заеднички договор со соседна Бугарија. И како што често кажувам, ова е за да се поврземе, а не да не се поврземе со Софија, бидејќи значењето на оваа пруга е доколку имаме целосно поврзување на коридорот 8“, посочи Николоски.
„Користењето на оваа пруга ќе значи многу на локалното население, ќе значи многу и за бизнисот, инсистираме карго сообраќајот да се развива и веќе зборувавме за одредени делови на карго сообраќајот на оваа пруга за да може полесно да се равива бизнисот. Би сакал лично да се заблагодарам на премиерот за подршката, не е мала работа три големи проекти да отворите за две недели.
Да се заблагодарам на сите кои работеа на пругата, на изведувачот, на надзорот и сакам да споделам добра вест за граѓаните на Куманово. Тие знаат, но другите граѓани не знаат. Иако Куманово и Скопје се близу и се поврзани со железница помеѓу двата града сега нема воз. За две до три недели од денеска, со подршка на ЈП Железница Транспорт почнуваме редовна линија Скопје – Куманово која во одредени денови во неделата ќе доаѓа и до тука до Бељаковце. Нека е со среќа, аирлија и за убави работи да се гледаме” – истакна вицепремиерот Николоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Обвинителството треба да истражи каде завршиле близу 1 милион евра од Државна Лотарија
Криминалите во Лотарија под раководство на Бајрами и неговиот гуру Груби, а дозволено од страна на СДС се потврди и во извештајот на Државниот завод за ревизија, изјави Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Државната ревизија утврдила дека Лотарија, под покровителство на Груби и Бајрами, а одобрено од СДС, директно исплаќала аванси за мали добивки на деловни соработници, односно 320 правни лица во износ од близу 14 милиони денари без да го користи пропишаниот „Мастер дилер’’. Од вкупните 14 милиони денари, за 13 милиони денари или нешто над 210.000 евра, во извештајот се вели дека документацијата е неуредна, невалидна или недостасува. Дополнително, ревизијата оценила дека документацијата е спорна и неверодостојна и во делот на готовински одливи од 36,5 милиони денари или 600.000 евра и приливи од близу 8 милиони денари или 130.000 евра“, рече тој.
А притоа, додаде Петрушевски, вреди да се напомене дека во Државната Лотарија во тој период кога се случувале овие злоупотреби, немало внатрешен ревизор.
„Јавното обвинителство треба да истражи каде завршиле близу 1 милион евра од Државна Лотарија? Дали тие пари завршувале во џебовите на Груби и Бајрами? Дали постои случај на перење на пари од нивна страна? Зошто СДС иако знаела што се случувало во Лотарија, молчела и не преземала ништо? Дали за опстанок на власт, СДС ги замижувал овие криминали? Доколку ВМРО-ДПМНЕ не излезеше во јавноста за случајот со Државна Лотарија и не станеше предмет на јавен интерес, јавниот обвинител Коцевски можеби и овие пријави ќе ги чуваше во фиока“, рече Петрушевски.
Македонија
Манасиевски: Наместо свеж кадар, Филипче ги врати старите истрошени кадри од времето на Заев и Ковачевски
По само еден ден од старо-новото раководство на Заев, изгласано од Филипче, летаат оставки од општински организации на СДС и бараат оставки од Филипче, изјави Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ.
„По толку помпезното најавување од страна на Филипче за реформи во СДС, тој го тргна Зоран и го стави Заев на неговото место. Наместо свеж, чист и нов кадар, тој ги врати старите истрошени кадри од времето на Заев и Ковачевски. Филип Андов, Јон Фрчковски, Јованка Тренчевска, Андреј Жерновски, Љупчо Фармаковски, Александар Наумоски се таканаречените нови лица на СДС. Луѓе полни со скандали, со лошо минато, луѓе без кредибилитет, луѓе кои не испорачаа кога им беше побарано од граѓаните. Некомпетентни и неквалитетни кадри“, рече тој.
А дека бродот во СДС тоне, кажа Манасиевски, доказ за тоа се неколку оставки од општински организации од Ѓорче, до Битола и Крива Паланка.
„Оставки од Филипче се бараат на секој чекор, а тој гордо ги продолжува да ги исполнува задачите кои му ги дава Зоран Заев. Реформите во СДС ќе дојдат само со формална оставка на Филипче и претседателот во сенка Зоран Заев“, рече Манасиевски.
Македонија
Општина Аеродром воведува системска селекција на пластичен отпад директно од домаќинствата
Општина Аеродром денеска официјално го започна проектот за системска селекција на пластичен отпад директно од домаќинствата, при што точно 50 домаќинства добија специјални канти за селекција на пластика, а во наредните фази ќе бидат опфатени вкупно 600 домаќинства, соопштија од општината.
Воведувањето ваков модел на управување со пластичен отпад, акко што појаснуваат, претставува прв чекор кон систем што постепено ќе се проширува низ целата општина.
„Ова не е кампања, туку функционален систем што им овозможува на граѓаните активно да учествуваат во заштитата на природата, почнувајќи од сопствениот дом“, изјави градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески.
Тој додаде дека како прва општина што воведува ваков модел, испраќа јасна порака дека одговорното управување со отпадот е можно кога постои визија, институционална поддршка и соработка со граѓаните.
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, изјави дека Општина Аеродром ја покажува вистинската иницијатива и одговорност кон животната средина. Според него, она што е особено важно за имплементацијата на проектот „Clean AirDrom“ – Нулта цврст отпад во Општина Аеродром, е што, покрај неговото значење за заштитата на животната средина, тој претставува и пример за успешно партнерство помеѓу Делегацијата на Европската Унија, Владата преку Министерството за локална самоуправа, Швајцарската Влада и Општина Аеродром. Преку ова партнерство е обезбедено и специјално електрично товарно возило за еколошки транспорт на отпадот.
За спроведување на проектот, за поттикнување на селекцијата кај граѓаните и за предавање на селектираниот отпад на овластени компании на понатамошен соодветен третман е задолжено Јавното претпријатие за комунални дејности на Општина Аеродром.
Со почнувањето на овој проект Општина Аеродром, додаваат од таму, директно придонесува кон намалување на мешан комунален отпад, заштита на природните ресурси и развој на свесни граѓански навики, но исто така покажува и дека нејзините еколошки политики не се само декларативни, туку практични и применливи.

