Топ
19-годишник од Радовиш не застанал на знакот за запирање, па со автомобилот удрил во работна машина: во неговото возило пронајдени мигранти
Вчера околу 20.00 часот на автопатот Демир Капија – Неготино, полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор Михајлово при Регионалниот центар за гранични работи Југ го лишиле од слобода 19-годишниот Е.Ф. од Радовиш, затоа што во возило „фолксваген голф“ со кумановски регистарски ознаки превезувал шест лица мигранти, од кои три од Непал и три од Индија.
Претходно, на наплатна станица Демир Капија, тој не застанал на знак за запирање, даден од полициски службеници и продолжил со движење кон Гевгелија, при што влегол во тунел каде се изведувале градежни работи и со возилото удрил во работна машина.
Mигрантите се сместени во Транзитен центар Табановце за понатамошна постапка, а по целосно документирање на случајот, против Е.Ф. ќе биде поднесена соодветна пријава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ веќе има 35 градоначалници, рече Мицкоски по повлекувањето на опонентите од Могила и Македонски Брод, очекува 59
Премиерот Христијан Мицкоски од денешниот митинг во Неготино изрази увереност дека кандидатката од ВМРО-ДПМНЕ која има предност пред нејзиниот опонент од СДСМ, ќе биде следниот градоначалник на општината.
Мицкоски нагласи дека граѓаните јасно ја изразиле својата волја и доверба кон ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, која во првиот круг освоила 33 градоначалници, наспроти тројца од СДСМ, а во вториот круг влегла во 26 општини.
„Веќе во две општини противниците на нашите кандидати се откажаа – Македонски Брод и Могила – така што во овој момент коалицијата има 35 градоначалници и уште во 24 општини е во втор круг. Тоа се 59 потенцијални градоначалници“, рече Мицкоски, додавајќи дека тоа ќе биде историски најголем триумф на македонската политичка сцена.
Тој посочи дека ВМРО-ДПМНЕ е апсолутен победник на овие избори, имајќи мнозинство и во 58 општински совети, а го истакна и водството на кандидатот за градоначалник на Град Скопје, со предност од над три спрема еден во однос на противкандидатот.
Мицкоски ги повика граѓаните масовно да излезат на гласање на 2 ноември и да го заокружат бројот 9, за, како што рече, да се потврди „најголемата победа во историјата на Македонија“.
Свет
Трамп: Имам многу добар однос со кинескиот претседател, сакам да ми помогне со Русија
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека се надева на помош од Кина во решавањето на ситуацијата со Русија и завршување на војната во Украина, пренесе Би-би-си.
Трамп зборуваше во претседателскиот авион „Ер форс уан“ на пат за Азија, каде што ќе се сретне со кинескиот лидер Шји Џинпинг.
„Би сакал Кина да ни помогне со Русија“, рече тој.
Изјавата доаѓа во период кога Вашингтон одбива да ѝ испорача на Украина ракети „Томаховк“. Трамп, сепак, воведе нови санкции кон две руски нафтени компании, додека од Кремљ порачаа дека се имуни на мерките.
Иако средбата со Шји првенствено ќе биде посветена на трговијата, Трамп најави дека ќе разговараат и за Украина.
„Имам многу добар однос со претседателот Шји, и верувам дека и тој сака војната да заврши“, изјави Трамп.
Македонија
На гласачките ливчиња ќе останат имињата на кандидатите од Могила и Македонски Брод кои се повлекоа пред вториот круг
Независните кандидати од Могила и Македонски Брод, Сашо Пивковски и Милосим Војнески се повлекоа од изборната трка, но нивните имиња ќе останат на гласачките ливчиња во вториот изборен круг на 2 ноември.
ДИК појаснува дека законот не препознава откажување на кандидатурата, откако таа е веќе потврдена од изборните органи, што нема да го сопре гласањето.
Пивковски вчера ја образложи одлуката на социјалните мрежи, кадешто напиша дека ја донел по внимателно размислување и бројни разговори во интерес на заедништвото, наместо поделбите.
„ВМРО-ДПМНЕ е мојата партија, мојот политички дом. Како нејзин член, секогаш сум се водел од идејата за чест, за работа и за почит кон луѓето. Така било и ќе остане“, напиша тој.
Од лојалност кон ВМРО-ДПМНЕ, како негова матична партија, еден ден претходно и Војнески се откажа од кандидатирата во Македонски Брод.
„По бројните разговори со вас, мои сограѓани, одлучив да ја повлечам својата кандидатура. Ги разбирам сите оние кои, поради различни причини, ги поделија своите гласови дури и во рамките на семејствата, и не би сакал дополнително да ги продлабочувам тие теми. ВМРО-ДПМНЕ е мојата матична партија — партија на која и го посветив поголемиот дел од својот живот, уште од времето на осамостојувањето па се до денес. Сметам дека најдобрата одлука, во интерес на моите сограѓани, е да се повлечам од оваа изборна трка.“ напиша Војнески.
Пивковски во вториот круг требаше да се соочи со Драганчо Саботковски од ВМРО-ДПМНЕ. Разликата меѓу нив во првиот круг од локалните избори беше 409 гласа во корист на Саботковски. Во Македонски брод, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Жарко Ристески водеше за 834 гласа пред независниот Војнески кој ја напушти изборната трка.

