Македонија
Нема посериозно повредени во пожарот во домот за стари лица во Чемерско, според Јанчев
Сите пациенти се транспортираат од опожарениот дом од село Чемерско кон Кавадарци, информира градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, откако од страна на надлежните утрово беше објавено дека пожар го зафатил старскиот дом во кавадаречкото село.
„Во моментот ги сместуваме сите пациенти од домот за стари лица во селото Чемерско. Во делот на бројната состојба, тоа се 30-ина лица, од кои 10 пациенти се во потешка состојба“, вели Јанчев.
Појасни дека градот е организиран во делот на брзата помош во соработка со екипи од Свети Николе, Велес, Неготино, и противпожарната единица од Кавадарци заедно со ОВР Кавадарци.
„Сите пациенти се транспортираат од село Чемерско кон Кавадарци, претежно станува збор за повозрасни лица во поодминати години и во потешки состојби, но и за доста премрзнати лица, кои за време на пожарот беа евакуирани надвор од самиот дом и беше организиран навремен превоз за да можеме да ги донесеме до Општата болница во Кавадарци. Сите пациенти ќе бидат прегледани и ќе бидат сместени во Општата болница. И според нивната ситуација ќе им биде дадена соодветна терапија“, заклучи Јанчев.
Појасни дека нема лица со посериозни повреди, но поради тоа што станува збор за ризична категорија лица, било реагирано соодветно и брзо со цел тие да бидат сместени на топло и да примаат соодветна медицинска помош.
Регионалниот Центар за управување со кризи од Велес претходно информира дека на терен се 10 пожарникари со три противпожарни возила. На терен излегле и три медицински тима и две полициски возила со осум полицајци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Запирање на имигрантските визи од САД – стратешки шамар за домашните вазали“, велат од Левица
„Политиката на едностраното „Стратешкото партнерство“, интерпретирано преку вазалски однос кон САД, резултираше со нов шамар за слугите на империјата, реализиран преку запирање на постапката за имигрантски визи кон Македонија“, велат од Левица.
„Илузијата создавана пред граѓаните, за уживање на некаква поддршка кај т.н „стратешки партнер“, наиде на уште еден удар со суровата реалност. Најголем успех во надворешната политика на политичарите на власт, а и Владата во целост остана фотографиите од трибини или со политичари од шести ешалон на САД, кои немаат никакво влијание на односите помеѓу двете земји.
Потсетуваме дека на оваа одлука на американската администрација и претходеше воведувањето трговски маржи и царини за Македонија, по што во немоќ и коленичење, Владата на Мицкоски донесе одлука за целосно укинување на царините кон САД.
Отстапувањето од децениските позиции на државата, проследени со гласањето против укинувањето на санкциите кон Куба, поддршката на американските резолуции за Украина и поддршка на империјалистичките апетити и интервенции, како последната во Венецуела, само го руши угледот и ги загрозува позициите на Македонија во надворешната политика, без притоа да има апсолутно никаков импакт.
Мицкоски и Муцунски не можат да научат дека вазалскиот однос кон САД не е и не може да биде „стратешко партнерство“.
Ова уште еднаш докажа дека кусогледоста на власта и дипломатскиот аматеризам ја воведоа Македонија во стратешки ќор сокак. Алтернативи за развој на државата надвор од уздите на западниот неоимперијализам постојат. Но, за тоа е потребна промена на надворешно-политичкиот курс и отворање кон перспективите што ги нуди остатокот од светот, политика за која актуелната власт очигледно нема капацитети“, соопштуваат од Левица.
Македонија
СДСМ: Изолациската дипломатија на Мицкоски ја носи Македонија во „периметар Сомалија“
СДСМ обвини дека Македонија, поради политиките на актуелната власт, завршила на листа со 75 земји оценети како „трет свет“, меѓу кои и Сомалија, оценувајќи дека тоа е резултат на изолациската дипломатија на премиерот Христијан Мицкоски.
„Периметар Сомалија, тоа е дипломатијата на Христијан Мицкоски“, се наведува во соопштението на партијата.
Од СДСМ посочуваат дека минатата година САД ги зголемиле царините кон Македонија, а сега следува и суспензија на визите. Според партијата, со месеци предупредувале дека, „тендер коалицијата ВМРО–ЗНАМ го загрозува стратешкото партнерство со САД и ја носи државата во изолација, далеку од Европската Унија“.
САД претходно ги суспендираа имигрантските визи за 75 земји, меѓу кои и Македонија.
Македонија
Денеска температурата до 13 степени, викендов променливо облачно и постудено
Сончево со мала до умерена облачност. По одделни котлини во утринските часови ќе има услови за појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до 1, а максималната ќе достигне од 6 до 13 степени.
Во Скопје, сончево и тивко со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до -4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Во деновите од викендот ќе преовладува променливо облачно и постудено време со локални слаби врнежи од дожд и снег во пониските и снег на повисоките места и на планините. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање. Потоа до средината на следната седмица времето ќе биде стабилно и суво

